• петок, 17 мај 2024

Свечености за патрониот празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола

Свечености за патрониот празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола

Битола, 7 декември 2023 (МИА) - Сенатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ и ректорската управа со свечена седница, со прогласување на на најдобрите научници и студенти, го одбележа патрониот празник на УКЛО-Битола.

УКЛО е универзитет кој во домашниот и европскиот едукативен простор не настапува повеќе сам, туку е дел од европска универзитетска алијанса, истакна ректорот Игор Неделковски на академскиот собир во Битола.

- Во 2023 УКЛО стана првиот и засега единствен македонски универзитет кој е член на Европска универзитетска алијанса. УКЛО заедно со уште осум други универзитети од Германија, Франција, Шведска, Шпанија, Италија, Полска, Литванија и Хрватска се здружија во универзитетската алијанса КОЛОРС. Оваа алијанса во наредните четири години ќе биде поддржана од Европската комисија со повеќе од 14 милиони евра да основа заеднички наставни програми и научни истражувања, да работи на видливоста на универзитетите во заедницата, да ги поддржува претприемничките вештини на студентите, да го поддржува процесот на доживотно учење, да ја подржува дигитализацијата и зелената агенда. Најавуваме дека УКЛО од 1 јануари 2024 веќе не е регионален македонски универзитет туку европски универзитет кој на европско ниво ќе делува заедно со своите партнери, истакна ректорот Неделковски.

Успесите на меѓународната сцена се рефлектираа и на домашната,  и со големи напори по повеќе годишна пауза успеавме УКЛО да го „подмладиме“ рече ректорот Неделковски, соопштувајќи ги новите вработувања на битолскиот Универзитет.

-Минатата година во ова време од ова исто место испративме очајнички крик дека универзитетот старее и дека ситуацијата со научен подмладок и млад наставен кадар е алармантна. Оваа година славиме затоа што реализиравме 30 нови вработувања, од кои 25 се на наставен и соработнички кадар. Тоа е многу, многу повеќе од сите 10 минати години заедно кога во периодот 2012-2021 се вработиле вкупно 17 наставници и соработници. Се надеваме оваа пракса ќе продолжи и во наредната година. Уште повеќе се надеваме и испраќаме апел со наредната измена на законите конечно да се тргне обврската Универзитетите да мора да бараат согласност за вработување од надлежните министерства при пензионирање или заминување по друг основ на вработените наставници. Вредно е да одбележиме дека после повеќе децениска стагнација или само симболично зголемување на платите, во 2023 имаме историско зголемување на платите од 30 проценти, нагласи ректорот Неделковски.

Во рамки на денешната свеченост, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, Игор Неделковски и директорката на КИЦ-Битола, Лили Бошевска, потпишаа Меморандум за соработка. мт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан