• петок, 14 февруари 2025

Почнува 61. Минхенска безбедносна конференција

Почнува 61. Минхенска безбедносна конференција

 
Минхен, 14 февруари 2025 (МИА) - Во главниот град на Баварија денеска почнува 61. Минхенска безбедносна конференција. Во услови на зголемени глобални тензии, овогодинешниот собир, што ќе се одржи од 14 до 16 февруари во хотелот Бајеришер Хоф во Минхен, ќе собере светски лидери, креаторите на политиката и експерти за да разговараат за итни безбедносни прашања, како што се тековната војна на Русија против Украина, кризата во Газа и променливата динамика на меѓународните сојузи.

Според претходните неофицијални најави, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, на конференцијата би можел да го претстави планот на администрацијата на Трамп за ставање крај на војната во Украина, а шефот на МСЦ Кристоф Хојсген изрази надеж дека мировниот проект може да се оформи за време на конференцијата во Минхен.

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак претходно изјави дека украинската делегација ќе го претстави ставот на таа држава за завршување на војната и нивната „визија за постигнување траен мир“.

Јермак изјави дека Украина се надева дека ќе разговара за потенцијалните безбедносни гаранции за да се спречи идна руска агресија.Се очекува средба на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс со украинскиот шеф на државата Володимир Зеленски.

Покрај Венс, на конференцијата ќе присуствува и американскиот државен секретар Марко Рубио, како и голем број високи светски претставници, меѓу кои и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. На собирот ќе учествуваат и високи претставници на ОН, за да се потврди посветеноста на ОН за поттикнување на меѓународниот дијалог и соработка, објавено е на веб-страницата на организацијата.

Меѓу нив се високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди, генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус и генералниот комесар на UNRWA Филипо Лазарини.

Во соопштението објавено на веб-страницата   се истакнува дека „во време на конфликт во повеќе региони и зголемена геополитичка несигурност“, овогодинешната конференција се очекува да послужи како клучна платформа за дијалог и соработка на високо ниво.

Покрај Блискиот исток и војната на Русија против Украина, други клучни теми вклучуваат иднината на НАТО, глобалните трошоци за одбрана и предизвиците за кибер безбедноста, како и зголемените тензии во Индо-Пацификот и меѓународниот одговор на тековните конфликти во Судан и Демократска Република Конго.

Собирот ќе го отвори германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, по што владини претставници и лидери од различни региони во светот ќе разговараат за предизвиците на глобалната безбедносна политика. Главната програма почнува утре со фокус на глобалните безбедносни предизвици, вклучително и глобалното владеење, демократската отпорност, климатската безбедност и многу други теми.

В сабота ќе се одржат дебати за состојбата на меѓународниот поредок, како и за регионалните конфликти и кризи. Собирот ќе заврши в недела со дискусии за улогата на Европа во светот.

На крајот на третиот и последен ден од конференцијата, поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ќе го наследи Кристоф Хојсген како претседавач со Конференцијата.

Од своето основање во есента 1963 година, Минхенската безбедносна конференција е водечки светски годишен форум за дебата за меѓународна безбедносна политика и дипломатски иницијативи за решавање на најитните безбедносни проблеми во светот. зш/

Остани поврзан