Саудиска Арабија организира самит на пет арапски земји на 20 февруари за да подготви одговор на планот на Трамп за Газа
- На 20 февруари во Ријад ќе се одржи состанок на високо ниво на пет арапски земји, чија цел е да се подготви одговор на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа, кој предвидува раселување на Палестинците од енклавата.
![Саудиска Арабија организира самит на пет арапски земји на 20 февруари за да подготви одговор на планот на Трамп за Газа](https://mia.mk/images/20250214162950_big_730x400_1.webp )
Ријад, 14 февруари 2025 (МИА) - На 20 февруари во Ријад ќе се одржи состанок на високо ниво на пет арапски земји, чија цел е да се подготви одговор на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа, кој предвидува раселување на Палестинците од енклавата.
На самитот ќе присуствуваат лидерите на Саудиска Арабија, Египет, ОАЕ, Катар и Јордан, како и палестинските власти. Неговата цел е „детално да го испита планот на Трамп и да подготви арапски одговор“, според извор.
Средбата ќе се одржи неколку дена пред сличен настан во Египет, закажан за 27 февруари. На состанокот во Ријад се очекува да се нагласи дека земјите отфрлаат „раселување на жителите на Газа“ и нивно отстранување од територијата, според истиот извор. На него најверојатно ќе присуствува или претседателот на палестинската управа Махмуд Абас или нејзиниот премиер Мохамад Мустафа.
Американскиот претседател Доналд Трамп предлага Газа да биде ставена под американска контрола и нејзините жители да бидат протерани за да се создаде „Блискоисточна ривиера“. Сепак, Палестинците нема да имаат право да се вратат таму.
Арапските земји едногласно го отфрлија планот со кој се предвидува жителите на Газа да се населат во Јордан и Египет.
Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера изјави дека САД се отворени за предлози од арапските земји за Газа, по планот на Трамп. Тој рече дека се надева дека ќе може да разговара за неговите идеи за време на неговата турнеја на Блискиот Исток.
Американскиот претседател ги предупреди Египет и Јордан дека ако двете земји блиски до Вашингтон одбијат да го прифатат двомилионското население во Газа, може да има последици.
-Сите овие земји објаснуваат колку се грижат за Палестинците, но ниту една од нив не сака да ги прифати. Од таа перспектива, ниту една од нив не направила ништо за Газа, нагласи Рубио.
Јордан веќе прими речиси два милиони палестински бегалци. Речиси половина од 11-милионското население на кралството е со палестинско потекло.
Египет неодамна објави дека ќе претстави „глобална визија“ за реконструкција на Газа што ќе обезбеди Палестинците да ги задржат своите земји. Според дипломатски извори, земјата добила начелна согласност за одржување на вонреден состанок на Организацијата за исламска соработка, која брои 57 членки. мс/
фото: МИА архива