• сабота, 15 февруари 2025

Ванс повика на „траен мир“, Зеленски бара „безбедносни гаранции“

Ванс повика на „траен мир“, Зеленски бара „безбедносни гаранции“

Минхен, 14 февруари 2025 (МИА) - Потпретседателот на САД Џеј Ди Ванс повика на „траен и одржлив мир“ во Украина за време на денешната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција.

- Сакаме војната да заврши, сакаме убивањето да престане, рече Ванс за време на состанокот, додека Зеленски истакна дека Украина бара „безбедносни гаранции“ од Вашингтон.

Ванс, кој го претставува американскиот претседател Доналд Трамп на високото ниво во Минхен, нагласи дека администрацијата на САД се стреми кон „траен и стабилен мир, а не мир кој ќе доведе до нов конфликт во Источна Европа по неколку години“.

Тој додаде дека имале „добри разговори“ со Украина и најави дека ќе следуваат уште повеќе „во наредните денови, недели и месеци“.

- Имавме добар разговор денеска, нашата прва средба, но сигурно не и последна“, се согласи Зеленски.

Тој нагласи дека Киев „многу сака“ да работи на ставање крај на руската агресија, но додаде: „Потребни ни се вистински безбедносни гаранции.“

Средбата меѓу Зеленски и Ванс беше една од најочекуваните на Конференцијата, особено по најавите на Трамп дека планира мировни преговори со рускиот претседател Владимир Путин за Украина. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан