• сабота, 15 февруари 2025

Експерти од ОН: Белоруските власти извршиле злосторства против човештвото

Експерти од ОН: Белоруските власти извршиле злосторства против човештвото

Њујорк, 14 февруари 2025 (МИА) - Белоруската влада извршила „обемни прекршувања“ на човековите права врз своето население, од кои некои претставуваат злосторства против човештвото, се наведува во денеска објавениот извештај на експертите на Обединетите нации (ОН).

„Овие прекршувања се широко распространети, системски и насочени кон граѓани кои ја критикуваат владата“, стои во соопштението на експертите. Тие сметаат дека постојат „основани причини да се верува“ дека некои од овие прекршувања претставуваат злосторства против човештвото, вклучувајќи „политички мотивиран прогон и лишување од слобода“.

Ова е првиот извештај на групата експерти формирана од Советот за човекови права на ОН во април 2024 година. Според извештајот, кршењата на правата биле дел од напорите за „задржување на власта“ на претседателот Александар Лукашенко.

Белорусија, која е близок сојузник на Русија, веќе 30 години е под владеење на Лукашенко, кој неодамна беше реизбран без опозиција за седми мандат. Во земјата не се толерира никаква опозиција, особено по задушувањето на масовните протести во 2020 година.

Во извештајот се наведува дека произволните апсења и политички мотивираните притвори станаа составен дел од стратегијата на белоруските власти. Уште во март 2023 година, Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН предупреди за можни злосторства против човештвото од страна на белоруските власти против опозициските активисти.

Според експертите, приведените мажи и жени редовно биле изложени на тортура и малтретирање, вклучувајќи тепање, електрошокови и закани со силување. „Безбедносните сили покажале особена бруталност“ кон припадниците на ЛГБТ заедницата, се додава во извештајот.

Невладината организација „Весна“, која исто така е под репресија, наведува дека во Белорусија има повеќе од 1.200 политички затвореници во земја со население од девет милиони. Според податоци на ОН, повеќе од 300.000 Белоруси избегале од земјата поради репресиите.

Во извештајот се вели дека затворениците во казнените колонии биле подложени на особено дискриминаторски третман со цел „да се задуши политичкиот отпор“. Многумина биле уапсени повеќе пати, вклучувајќи ги и оние кои веднаш повторно биле приведени по ослободувањето.

Дополнително, со измените на законите за борба против екстремизмот, репресијата врз адвокатите и ставањето на адвокатската комора под контрола на Министерството за правда, „властите во Белорусија вовеле систем што систематски ги нарушува правата на граѓаните на фер судење“, предупредуваат експертите. ссм/

фото: архива

Остани поврзан