Во Министерството за економија заврши средбата со трговците
- Во Министерството за економија денеска се одржа средбата со претставници на новоформираната Стопанска комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун во врска со Предлог-одлуката за ограничување на маржите до 10 проценти во трговијата на мало и на големо. Од Министерството за економија и труд повеќе детали најавуваат во текот на денот.
![Во Министерството за економија заврши средбата со трговците](https://mia.mk/images/20250214132744_big_730x400_43.webp )
Скопје, 14 февруари 2025 (МИА) - Во Министерството за економија денеска се одржа средбата со претставници на новоформираната Стопанска комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун во врска со Предлог-одлуката за ограничување на маржите до 10 проценти во трговијата на мало и на големо.
Од Министерството за економија и труд повеќе детали најавуваат во текот на денот.
Денешната средба доаѓа откако претставници на Стопанската комора на трговци на големо и мало се сретнаа со премиерот Христијан Мицкоски.
Тие вчера упатија барање за итна средба со Владата поради најавата за ограничување на маржите до 10 проценти во трговијата на големо и мало. Според нив, ваквата одлука ќе го доведе во прашање опстанокот на трговците и тие ќе бидат принудени да ги отпуштаат вработените, но и да ги затвораат маркетите. Штетите, како што наведоа, ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми со 790 продавници и 4 700 вработени.
По растот на цените на храната и двата граѓански бојкота, Владата во вторникот на седница го задолжи Министерството за економија да ја подготви Предлог-одлуката којашто, според најавите, требаше да се одржи вчера на итна седница, но тоа не се случи. Со предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но и детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто. бак/аа/
Фото: МИА архива