Министерството за правда достави до Влада допис за предлог за разрешување на државниот јавен обвинител
- Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата на РСМ одржана на 11 февруари годинава презеде активности и подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот на Република Северна Македонија
![Министерството за правда достави до Влада допис за предлог за разрешување на државниот јавен обвинител](https://mia.mk/images/20250214140012_big_730x400_69.webp )
Скопје, 14 февруари 2025 (МИА) - Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата на РСМ одржана на 11 февруари годинава презеде активности и подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот на Република Северна Македонија.
-Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство, се наведува во денешното соопштение од Министерството за правда.
Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
-Воедно, во јавноста беа лиферувани и информации и податоци за предмети, со што е повредена обврската за тајност во постапките, се наведува во соопштението.
Од Министерството за правда посочуваат дека во Законот за Јавното обвинителство е наведено дека Јавниот обвинител на РСМ е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на Јавното обвинителство и за својата работа одговара пред Собранието. Собранието пак, како највисок претставнички орган на граѓаните е уставно надлежен за именување и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
-Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира и секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на првната држава, соопшти на прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.
Владината портпаролка ги објасни аргументите и причините поради кои била донесена ваквата одлука.
-Најпрво се отвори расправата за последниот Индекс на транспарентност кој беше објавен денес од Транспаренси интернешнл Македонија и од каде детално можеше да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во обинителството и судството. Дополнително, последното именување за вршител на должноста - шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишани во Законот за Јавното обвинителство, нагласи Митева.
Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година. Владата сака предвреме да биде прекинат мандатот на Коцевски, а причината за тоа е, како што велат оттаму, разочараноста од постапувањето надвор од законските надлежности, посочувајќи дека Коцевски незаконски именувал, вршител на должност на Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрлухаи.
Републичкиот обвинител Коцевски го демантира тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.
-Сакам да укажам дека не е првпат да се постапува на овој начин и приоритет беше во случајот да се определи раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје кој ќе биде гарант за непристрасното, професионално и објективно работење на обвинителството до завршување на дисциплинска постапка за обвинителот Хајрулахи. Појаснувам дека не се работи за назначување на вршител на должноста виш јавен обвинител туку за определување на времен раководител на вишото јавно обвинителство Скопје, изјави Коцевски. дма/аа/
Фото:Министерство за правда