• сабота, 15 февруари 2025

„Скршено срце“ и порака од градоначалникот до возачите на непрописно паркираните возила во центарот на Атина

„Скршено срце“ и порака од градоначалникот до возачите на непрописно паркираните возила во центарот на Атина

Атина, 14 февруари 2025 (МИА) – Не ме сакаш! Љубов не се само чоколадите и цвеќињата, туку да оставиш простор да се движи и оној кој има тешкотии. Имаш паркирано непрописно и антиопштествено, е пораката испишана на скршено срце што возачите на непрописно паркираните автомобили и мотори во Атина, денеска ја добија од градоначалникот Харис Дукас, јави дописничката на МИА од Атина.

Од општина Атина на социјалните мрежи објавија фотографии од иницијативата на градоначалникот по повод денешниот празник, со цел да се испрати пораката дека непрописното паркирање е пречка за секојдневниот живот на многу граѓани.

-Колку пати сте кажале: „Ќе се паркирам овде. За кратко е, во ред е“. Во исто време, Марија во инвалидска количка тргна за на училиште, но не можеше да помине. Софија со близнаците во количка не можеше да прошета без да се измачи. Ламброс, кој имаше несреќа, мораше да се потпре на случаен минувач затоа што си паркирал… непрописно и асоцијално, напишаа од општина Атина.

Порачаа дека денеска, на денот што ја симболизира љубовта, улиците на Атина се исполнија со срца, но и апели да не се паркира непрописно.

- Покажете ја вашата добрина и паркирајте без да кршите срца, посочија од општината. ср/

Фото: Општина Атина

Остани поврзан