• вторник, 14 мај 2024

Потпретседателката на САД повика да се обезбеди независност на судството во Израел

Потпретседателката на САД повика да се обезбеди независност на судството во Израел

Вашингтон, 7 јуни 2023 (МИА) - Американската потпретседателка Камала Харис ги повтори повиците до Израел да обезбеди независност на судството по масовните протести против реформскиот план на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Харис говореше синоќа на прием по повод 75-годишнината од основањето на еврејската држава организиран од Амбасадата на Израел во музејот во Вашингтон.

Таа вети цврста поддршка за безбедноста на Израел, но се осврна и на реформскиот план на Нетанјаху.

„Под претседателот Џо Бајден и нашата администрација, Америка ќе продолжи да се залага за вредностите кои беа основа на односите меѓу САД и Израел, кои вклучуваат продолжување на зајакнувањето на нашата демократија“, рече Харис.

Таа додаде дека „вредностите на двете земји се изградени на силни институции, контроли и рамнотежа и независно судство“.

Нетанјаху, кој ја предводи најдесничарската влада во историјата на Израел, предложи намалување на овластувањата на Врховниот суд и давање поголемо влијание на политичарите при изборот на судии.

По масовните улични протести и бојкотот од страна на противниците на реформите, кои велат дека тоа ја уништува демократијата, Нетанјаху во март најави „пауза“ за да овозможи разговори за реформи.

Во исто време, Бајден рече дека е „многу загрижен“ за предлогот на Нетанјаху, кој наиде на критики од некои десничарски сојузници на израелскиот лидер.

Харис, исто така, ја повтори поддршката за независна палестинска држава, на што се спротивставуваат голем број поддржувачи на Нетанјаху, велејќи дека Израелците и Палестинците треба „да уживаат еднаква слобода, просперитет и демократија“.

Потпретседателката на САД присуствуваше на приемот со нејзиниот сопруг Даг Емхоф, првиот сопружник Евреин на американски претседател или потпретседател, и рече дека како девојче собирала донации за Еврејскиот национален фонд за развој во израелските заедници.

„Денес, под водство на претседателот Џо Бајден, САД имаат нераскинлива врска со државата Израел“, рече Харис. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан