• сабота, 18 мај 2024

Пендаровски: Без учество на граѓаните не можеме да зборуваме за демократија и развиена граѓанска држава

Пендаровски: Без учество на граѓаните не можеме да зборуваме за демократија и развиена граѓанска држава

Ново Село, 10 април 2023 (МИА) - Без учество на граѓаните, најпрво во своите заедници, а понатаму и во пошироките општествени процеси, не можеме да зборуваме за демократија и развиена граѓанска држава, истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на третата сесија од Форумот во заедниците во Општина Ново Село.

Според него, ако процесите на одлучување не почнуваат од долу кон горе, од основата кон врвот, тогаш е јасно дека политичарите не можат да направат никаква промена затоа што ќе ја немаат поддршката од граѓаните.

-Ова често се заборава од еден до друг изборен циклус, за со приближувањето на изборите да се актуелизира, а фокусот треба постојано да е свртен кон граѓаните. Крајно време е после три децении градење на демократско општество, освен на зборови и практично, многу почесто да го слушаме гласот на луѓето. Природно е процесите да започнуваат на локално ниво затоа што граѓаните најдобро знаат што им е потребно, подвлече претседателот Пендаровски.

Додаде дека целиот процес мора да биде подржан со вклучување и на граѓанскиот сектор, меѓународните организации и експерти и користење на нивните акумулирани знаења и искуство.

- И во оваа прилика морам да истакнам дека клучно е учеството на младите луѓе. Во сиот мој досегашен мандат, преку различни иницијативи, проекти, програми, учество и поддршка на семинари, конференции, младински настани, се обидувам да придонесам токму во таа насока-да ги охрабрам и поддржам младите за нивната енергија, идеи, желби и потреби да излезат на површина. Не смееме да дозволиме да ги обземе апатија затоа што тие се клучната сила која носи промени. Токму преку учество во сите процеси, вклучително и во локалната заедница ќе добиеме човечки капитал кој побрзо ќе го придвижи напред македонското општество, подвлече претседателот Пендаровски.

Според градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов, со реализирањето на овој проект преку Форумот во заедниците советниците од оваа општина добиваат професионала надградба и едукација.

-Со овој многу важен проект ќе добиеме и современа видео и аудио опрема со која ќе ја зголемиме транспаретноста во нашето работење пред граѓаните преку директно снимање и видео пренос на седниците на Советот, рече Божинов.

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, истакна дека нејзината земја повеќе години во континуитет ја поддржува локалната демократија и Форумите во заедниците.

-Вклучувањето на граѓаните во процесите на одлучување и нивното информирање за одлуките кои се однесуваат на распределбата на буџетот и изработката на проекти внесува нови перспективи, идеи и решенија и на тој начин се зголемува довербата и увереноста во одлуките коишто се носат. Ова води кон поефективно управување и поголемо чувство на сопственост врз политиките што се спроведуваат, рече амбасадорката Улман.

Постојаниот претставник на УНДП во нашата земја, Армен Григорјан, подвлече дека преку оваа алатка граѓаните ги имаат почувствувано придобвиките од нивното зголемено учество во овие процеси.

-Форумите во заедниците претставуваат платформа за вас како жители да ги искажете своите интереси, да ги споделите своите идеи, да се вклучите во целисходен дијалог со вашите локални претставници. Со активното учество во Форумите, граѓаните го имате својот збор во одлучувањето кое го засега вашиот секојдневен живот, како што се локалните прописи, инфраструктурните приоритети, заштитата на животната средина, родовата еднаквост и други прашања, рече Григорјан.

Активноста Форуми во заедницата се реализира во рамки на програмата „Зајакнување на општинските совети“, која ја финансираат Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.рт/мс/

Фото: МИА

Остани поврзан