• сабота, 05 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Флеш

28 март 2025 

Скопје - Пораката на Планот за раст е мошне јасна - тоа е сеопфатна понуда од Европската Унија за Западен Балкан за да се поттикнат социоекономските услови кои што отвораат нова страница во нашите односи. Вклучува збир мерки кои што нудат прогресивен пристап до единствениот пазар на ЕУ, до заедничкиот регионален пазар како и механизми за стимулирање реформи. Реформската агенда од Планот за раст е досега невидена можност за земјата да ги забрза клучните придобивки од членството во ЕУ, како и да ја зголеми економкста конвергентност пред пристапувањето.

Ова го истакна шефот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Михалис Рокас, на денешната презентација на мерките од Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027 за Северна Македонија на прес конференцијата со министерот за европски прашања Орхан Муртезани во Владиниот медиа центар. Тој упати честитки што земјава е прва од државите во регионот што го потпиша договорот за инструменти и заеми од Планот за раст и за добрата Реформска агенда. 

Скопје - Нашиот влог во Алијансата е истовремено и влог во Армијата, во бедемот на територијалниот интегритет и независноста на нашата Република, рече претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова на свеченоста по повод 5. годишнината од пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, што се одржува во касарната „Илинден“ во Скопје. 

Сиљановска Давкова укажа дека како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност. Најави дека ќе продолжиме да придонесуваме за мирот преку учеството во мировните мисии, предводени од НАТО и од Обединетите нации, како и дека ќе се усогласуваме со НАТО-стандардите и со Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија.

Скопје - Командантот на здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмирал Стјуарт Манч денеска во Касарната Илинден се обрати на петгодишнината од членството на Северна Македонија во НАТО. 

- Северена Македонија повеќепати покажа дека е силен и способен сојузник, придонесувач не само примач, рече адмиралот додавајќи дека со декади нашите војници се дел од операциите на НАТО во Авганистан, Ирак, Косово, БиХ...

Скопје - Министерот за култура Зоран Љутков на денешната прес-конференција информираше дека е објавен новиот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата, со кој ќе се поттикне развојот на креативните индустрии во 2025 година.

Како што рече, со овој конкурс ќе обезбедат финансиска поддршка за проекти кои ќе го стимулираат развојот на креативните индустрии, создавајќи нови можности за претприемачите, младите уметници и креативни тимови.

Скопје - Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), заедно со сите единици, донира 3.800.000 денари на Црвен крст на Република Северна Македонија, наменети за финансиска помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани.

-Трагичниот настан што одзеде голем број животи предизвика огромна болка во целото наше општество, која никогаш нема да биде надмината. Во овие тешки моменти, кога голем број семејства изгубија синови и ќерки и кога огромен број млади луѓе закрепнуваат од тешките последици што ги предизвика огнената стихија врз нивното здравје, од исклучителна важност е да бидеме солидарни и да помогнеме за барем малку да го олесниме нивното закрепнување, наведуваат од УКИМ.

Скопје - Владата дава максимална поддршка на семејствата на настраданите во пожарот во Кочани. Покрај финансиската поддршка што беше обезбедена преку Буџетот за семејствата коишто имаат свои блиски кои се лекуваат во странство, фокусот е секако на континуирана поддршка во овој процес кој ќе биде долготраен. Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во отворената хуманитарна програма „Канал5 и Македонија за Кочани“.

„Владата од првиот ден стои во намерата да помогне. Донесовме одлука со која направивме пренасочување или издвоивме средства за семејствата на оние пациенти коишто се надвор од државата со цел да им помогнеме во овој момент со транспорт и престој. Владата дава максимална поддршка и на Црвениот крст во прибирањето на средствата од донации затоа што требаше да се реагира брзо и процесот да се одвива ефикасно“, рече министерката.

Скопје - Ограничените финансиски ресурси, недоволна политичка поддршка и административни пречки, остануваат главните фактори кои ја успоруваат имплементацијата на Националната стратегија за спречување на корупција и судирот на интереси, истакна Татјана Димитровска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

На денешната јавна седница на ДКСК, Димитровска нагласи дека од вкупно 154 активности за 2024 година, само 18 проценти се целосно реализирани, 32 проценти се во процес на реализација, а 50 насто од активностите остануваат нереализирани. 

Скопје - Советот на Народната банка донесе 12 одлуки со кои се заокружува регулативната рамка за решавање банки, со што се обезбедува усогласување со највисоките меѓународни стандарди и добри практики. Овие одлуки претставуваат значаен чекор кон натамошно зајакнување на стабилноста на финансискиот систем и заштита на јавниот интерес. Примената на овие одлуки започнува на 13 октомври 2025 година, со влегувањето во сила на Законот за решавање банки, информираат од Народната банка.

Со овие подзаконски акти, појаснуваат, се операционализира Законот за решавање банки, што бил донесен на 3 октомври 2023 година, при што со нив се регулираат два основни вида активности - активностите коишто Народната банка и банките ги преземаат во редовното работење (т.н. подготвителни активности) и активностите коишто Народната банка ги презема во случај на решавање банка којашто е од јавен интерес и за која се исполнети условите за престанок со работа.

Скопје - Во февруари просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 2,19 проценти и бележи раст од 0,43 процентни поени, а просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,18 проценти и бележи пад од 0,34 процентни поени.  

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити е намалена за 0,72 процентни поени на годишна основа, а просечната каматна стапка на новопримените депозити бележи годишен раст од 0,10 процентни поени. 

Охрид - Нововопоставената директна авионска линија од Истанбул до Охрид што ќе ја оперира авиокомпанијата „Туркиш ерланјнс“ уште повеќе ќе ги зајакне традиционално добрите врски меѓу двете држави, двата народи, обете економии...

Тоа е генерално оценката на турските претставници кои вчера присуствуваа на свеченоста што на охридскиот ародром се одржа по повод инаугуративниот лет од Истанбул.

Атина - Поранешниот грчки министер брз ресор Христос Триандопулос во неговата писмена изјава доставена до предистражната комисија во Парламентот формирана за да се испита евентуална негова кривична одговорност за железничката несреќа кај Темпи пред две години тврди дека е невин и бара случајот да биде доставен до надлежните судови, јави дописничката на МИА од Атина.

По предлог на опозициската ПАСОК дека постојат докази дека четири дена по железничката несреќа било интервенирано на просторот каде што се случи трагедијата и станува збор за нелегални интервенции за кои треба да се истражи евентуална кривична одговорност на тогашниот министер без ресор, во Парламентот беше формирана предистражна комисија.

Истанбул - Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е во притвор, денеска изјави дека неговиот адвокат е уапсен и побара итно ослободување, а новинарските здруженија објавија дека се уапсени уште две новинарки поради известување за протестите.

„Овој пат, уапсен е и мојот адвокат Мехмет Пеливан, а причините за апсењето се измислени“, напиша на интернет опозицискиот градоначалник на Истанбул, кој беше сменет од функцијата и приведен во неделата. Утрово беа уапсени и две новинарки кои известуваа за демонстрациите што ја потресуваат Турција по апсењето на Имамоглу на 19 март.

Москва - Русија ја обвини Украина дека вчера и денеска ја гаѓала енергетската инфраструктура на руска територија, со што го прекршува договорот што треба да забрани напади врз тие цели.

Руското Министерство за одбрана објави дека јавно преземнаат обврска на Киев да ги запре овие напади е само „трик“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Париз - Уставниот суд на Франција донесе одлука според која, политичар може да биде сменет од функцијата или да му биде оневозможено да се кандидира за избори, дури и пред да бидат завршени сите правни постапки, објави бриселскиот портал „Политико“.

Иако одлуката е донесена во врска со друг случај, таа би можела да влијае и на случајот на лидерката на француската крајнодесничарска партија Национален собир, Марин Ле Пен „поради измама“, наведува бриселскиот портал.

Нејпидо - Властите на Мјанмар oбјавија итна крводарителска акција поради големиот број повредени во земјотресот што денеска ја погоди земјата.

Земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала ги погоди регионите Сагаинг, Мандалај, Магвеј, како и североисточните држави Шан, Најпидау и Баго.

Нејпидо - Воената хунта во Мјанмар повика на итна меѓународна помош по силниот земјотрес од 7,7 степени според Рихтеровата скала, што ја погоди земјата денеска, при што властите прогласија вонредна состојба во шест региони поради обемот на штетите. Епицентарот бил во близина на градот Мандалеј, на длабочина од 10 километри.

Неколку минути подоцна следел уште еден силен потрес од 6,4 степени според Рихтер, објави Американскиот геолошки институт.

Сана - Во американски воздушни напади се погодени повеќе од 40 локации во делови на Јемен контролирани од Хутите, вклучително и главниот град Сана, јавија локалните медиуми поврзани со групата.

Неколку станбени куќи и продавници беа оштетени во американските напади пред зори денеска во провинциите Саада, Мариб, Ал-Џауф и Ходеида, објави телевизиската станица Ал Масира, поврзана со Хутите.

Брисел - Европската комисија денеска усвои Работна програма за инструментот „Дигитална Европа“ за периодот 2025-2027 година, со која се предвидени 1,3 милијарди евра за поддршка на клучните технологии кои се од стратешка важност за иднината на Европа и за технолошкиот суверенитет на континентот, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Како што соопшти ЕК, Работната програма се фокусира на примената на вештачката интелигенција во бизнис секторот и јавната администрација, на зајакнување на кибер безбедноста и за зголемување на дигиталните вештини. 

Брисел - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека блокот од 27 нации е подготвен да помогне по силниот земјотрес од 7,7 степени според Рихтеровата скала, што ги погоди Мјанмар и Тајланд.

„Потресни сцени од Мјанмар и Тајланд по разорниот земјотрес. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства. Подготвени сме да обезбедиме поголема поддршка“, напиша Фон дер Лајен на мрежата Икс.

Остани поврзан