• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

 4 април 2025 

Скопје - Основното јавно обвинителство Кочани ја запира постапката против Александар Карадакоски, кој денеска почина во Литванија каде беше на лекување по повредите добиени во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“.

- Со оглед на тоа што денешната 60-та жртва од катастрофалниот пожар во Кочани е лице кое претходно беше опфатено со наредбата за спроведување истражна постапка, во својство на управител на правно лице, Основното јавно обвинителство Кочани по прибавување на официјалната документација за настапената смртна околност ќе донесе наредба за запирање на истражната постапка за него,  соопшти денеска Јавното Обвинителство.

Скопје - Директното оштетување на 90 проценти од дишните патишта од чадот кој што го вдишал, заедно со големата површина на изгореници која изнесува околу 36 проценти е причина за починувањето на 29-годишниот Алексдандар Карадакоски кој се лекуваше во Литванија, беше истанато на денешната прес-конференција во Министерствоото за здравство.

-Со огромно жалење сакам да известам дека рано утрово еден од 116-те пациенти што беа испратени надвор од државата, Александар Карадаковски кој се лекуваше во Литванија, за жал, починал, рече Таравари на денешната прес-конференција во Министерствоото за здравство, изразувајќи воедно сочувство до семејството на Александар Карадакоски.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска учествуваше на дипломатскиот брифинг популарно наречен „Пријателите на МАРРИ“ - платформа во чии рамки ја промовираме регионалната соработка во насока на сеопфатен, интегриран и кохерентен пристап во сите области на управување со миграциите, соопшти МВР.

Скопје - Парламентарната група на „Влен“ наскоро ќе излезе со предлог-методологија за нивните лидери, за начинот на соработка на локалните избори. Планот кој треба да го добијат лидерите ќе биде методологијата за поделба на позициите на листите на општински советници во проценти, плус за позиции на носители на листи и кандидати за градоначалници. Ова во изјава за МИА го изјави пратеникот на „Влен“, Ријад Шаќири.

-Како пратеничка група во рамките на „Влен“ имавме две средби - една неформална и една формална, на кои разговаравме за можноста за учество на локалните избори. На таа средба разговаравме за методологијата на распределба на позициите во администрацијата на општината и за формата на излегување на избори. Имаше две форми - форма на излегување на избори посебно и форма на излегување во заедничка форма како коалиција. На маса се изложени двете верзии, рече Шаќири.

Скопје - До крајот на годинава започнуваме со изградба на нов гасовод кон Грција, што ќе нè поврзе со Трансјадранскиот гасовод и ќе овозможи директен пристап до алтернативни извори на снабдување, истакна заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ во своето обраќање  на 11-та министерска средба на Советодавниот совет за Јужниот гасен коридор (SGC) и 3-та министерска средба на Советодавниот совет за Зелена енергија, што се одржа во Баку, Азербејџан.

Тој нагласи дека ова не е само инфраструктурен проект, туку клучен чекор за зацврстување на позицијата на земјава како сигурен партнер во европските енергетски стратегии и порача дека сме подготвени да станеме стратешка транзитна точка за гас кон Европа.

Скопје - Министерот за јавна администрација Горан Минчев и министерот за јавна администрација на Република Словенија, Франк Пропс, денеска потпишаа меморандум за соработка, со кој се зацврстува билатералната соработка и се отвора ново поглавје во размената на искуства и добри практики во областа на јавната администрација.

Министерот Минчев на прес-конференцијата по потпишување на меморандумот истакна дека ова е втор ваков меморандум потпишан со земја од регионот, а прв со земја членка на Европската унија, што, како што посочи, претставува значаен чекор во насока на европската интеграција на земјава.

Струмица - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, заедно со градоначалникот на Струмица и членови на Советот денеска беа на отпочнувањето на втората фаза на проектот за социјална населба во Струмица, во која треба да се дислоцираат жителите од дивата населба на влезот во Струмица на булеварот „Климент Охридски“.

Според Филипче, за овој проект честитки заслужуваат градоначалникот, Советот и општинската администрација. Тој смета дека со дела се покажува како се развиваат и имплементираат проекти со кои суштински се менуваат работите во градот.

Струмица - Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска појасни дека на вчерашната средба со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се договориле да соработуваат во однос на реформската агенда за Планот за раст во која првата група закони се од областа на правосудството, енергетиката, културата и дигитализацијата. Филипче уште еднаш повика на средба со лидерите на сите парламентарни партии, вклучувајќи ги и партиите на Албанците. Повторно негира дека станува збор за моноетничка средба, нагласувајќи дека кога станува збор за интересот на државата партиите не треба да се делат.

Атина – Уште еднаш ќе кажам и што е можно појасно: изборите ќе се одржат на крајот на четиригодишниот мандат во 2027 година и ќе бидат победнички, а јас ќе бидам во првите редови на битката за Нова демократија повторно да биде Влада, порача грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на состанокот на пратеничката група на Нова демократија, јави дописничката на МИА од Атина.

Со ова, Мицотакис уште еднаш ги демантираше шпекулациите за предвремени избори, но и јасно стави до знаење дека нема намера да си замине од позицијата претседател на владејачката партија.

Посочи дека борбата за трет мандат за две години не е „ниту личен облог ниту законска партиска должност“, туку дека „тоа го налага националната потреба“.

Софија – Често се забораваат лекциите од историјата дека во време на глобален конфликт не може да има изолирани острови на мир и спокојство. Ова го напиша на Фејсбук претседателот Румен Радев. Бугарија и Хашемитското Кралство Јордан се домаќини на состанокот на високо ниво „Процес Акаба за Балканот III“ во Софија.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Белград -  Канцеларијата за ИТ и е-управа на Владата на Србија и француската компанија „Евиден“ денеска во Белград потпишаа договор за HPC (суперкомпјутер) и развој на вештачка интелигенција, јави дописникот на МИА од Белград. Вредноста на договорот е 50 милиони евра. 

На настанот присуствуваше и претседателот на Владата  во технички мандат Милош Вучевиќ.

Тој оцени дека потпишувањето на тој договор се покажува дека државата создава можности научниците уште побрзо да работат на своитете проекти, како и да добијат подобра и поголема поддршка.

Белград - Политичките претставници на ЕУ се „инертни пред систематската репресија врз новинарството во Србија“ што е под закана од политички и судски притисоци и „ЕУ повеќе не може да замижува“. Тоа денеска го соопштија од Репортери без граници (РСФ), пренесоа српските медиуми. 

„Властите на Србија се нишаат под притисокот на националниот протест и го стегаат ременот околу независните и критички медиуми“, пишува денеска на веб-страницата на РСФ.
РСФ го повика Европскиот парламент да се погрижи Европската комисија да ја преземе одговорноста за тие сериозни напади врз слободата на медиумите, „чие почитување е предуслов за пристапот на Србија во Европската унија“.

Брисел - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте на денешната прес-конференција по завршувањето на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата во Брисел, одби да го коментира воведувањето на царини за увозот во САД на стоки од странство, вклучително и од земји сојузнички, потенцирајќи дека министерската средба била целосно фокусирана на одржување на безбедноста на територијата на Алијансата од руската закана.  

- Јас сум целосно фокусиран на одбраната на територијата на НАТО и затоа нема да коментирам други прашања освен оние кои се директно поврзани со одбраната, истакна Руте, во одговор на прашање за можната „трговската војна“ меѓу сојузниците од Алијансата поврзана со воведувањето на американските царини и одговорот на ЕУ на нив. 

Газа - Израелските војници влегоа во област во северниот дел на Газа за да ја прошират таканаречената безбедносна зона на периферијата на енклавата, соопштија денеска израелските вооружени сили.

Ова доаѓа само неколку дена откако владата ги објави плановите за заземање значајни области на југот на земјата.

Пред и за време на воената операција во Шеџаја, источно предградие на градот Газа во северниот дел на Појасот, израелските војници помагале во евакуацијата на цивилите по организирани рути, се вели во соопштението на ИДФ.

Вашингтон – Пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка ќе се одржи од 21 до 26 април во Вашингтон, со учество на гувернери на централни банки, министри за финансии и развој, претставници на приватниот сектор, невладини организации и академска заедница.

На состанокот ќе се дискутира за глобалната економска перспектива, искоренувањето на сиромаштијата, економскиот развој и ефикасноста на меѓународната помош.

Токио – Националната полициска агенција на Јапонија соопшти дека во координирана акција против онлајн сексуална злоупотреба на деца уапсила 111 лица на возраст од 14 до 68 години.

Акцијата, спроведена во февруари и март, беше дел од меѓународна истрага во која учествуваа Сингапур, Јужна Кореја и Хонг Конг, пренесе агенцијата Кјодо.

Дел од уапсените беа идентификувани преку размена на информации со странските истражни органи, што ја потврдува важноста на меѓународната соработка во борбата против вакви кривични дела

Остани поврзан