МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

4 април 2025
Софија - Прртседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе учествува на состанокот на шефови на држави и влади на „Акаба Процес Балкан III“ во Софија.
Како што јави известувачот на МИА од Софија, посетата се реализира на покана на претседателот на Република Бугарија, Румен Радев и кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори.
Македонската претседателка ќе говори на првата сесија од состанокот насловена „Идентификување и разбирање на заканите“.
Скопје - Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска со сведочење на обвинетиот Влатко Кешишев. На денешното рочиште е предвидено прашања да му поставува обвинетиот Љупчо Палевски и неговиот бранител.
На изминатото рочиште Кешишев изјави дека Панче и Вања прв пат ги видел по објавите на Фејсбук за нивното исчезнување. Тој сведочеше за нивните грабнувања при што според неговите одговори за истите во главно имал улога да чува стража.
Битола - Фондот за здравствено осигурување продолжува со традиционалната крводарителска акција „Фондовско срце", која секоја година се одржува во централната служба. Овојпат, како што информираат од ФЗО, акцијата ќе се прошири и во подрачните служби, а првата таква акција ќе се одржи денеска во Битола.
На акцијата што ќе се одржи во просториите на подрачната служба на Фондот за здравство во Битола, ќе присуствуваат и ќе даруваат крв генералниот директор на Фондот, Бранко Аџигогов, и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Скопје - Министерството за внатрешни работи соопшти дека вчера е пронајден и приведен возачот кој во средата со мопед удрил дете на улица во општина Бутел и потоа избегал и дека ќе му биде поднесена кривична пријава по брза постапка.
Настанот се случил на 2 април во 14.05 часот на крстосница од ул.„Ферид Бајрам” и ул.„Алпи” во Скопје кога мопед удрил осумгодишно дете и возачот го напуштил местото на настанот, а на детето му се констатирани телесни повреди во ГОБ „Св. Наум Охридски”.
Тирана - Еден од најпознатите експерти по безбедност, професорот по криминологија, Ервин Карамучо за Еуроњуз Албанија, зборуваше за хакерскиот напад врз електронските адреси на обвинители од Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал, СПАК што се случил на 12 март.
За овој настан се уапсени две лица, Арнолд Рокај, осомничен дека ја извршил интервенцијата и Замбак Ѓони, осомничен за дистрибуција на украдени информации, но според Карамучо, тоа не се единствените лица кои се вклучени во злосторството.
Братислава - Илјадници граѓани синоќа излегоа на улиците на Братислава протестирајќи против нов закон што, според критичарите, ќе биде погубен за многу невладини организации.
Законот, кој веќе доби поддршка од владата на премиерот Роберт Фицо, предвидува класификација на невладините организации како „лобисти“, без прецизна дефиниција за терминот, што според аналитичари може да се злоупотреби за нивно затворање.
Организаторите на протестот оценија дека оваа мерка е инспирирана од руското законодавство, кое овозможува елиминирање на независните граѓански организации и криминализирање на критичарите на власта.
Анкара - Израелските воздухопловни сили синоќа извршија два воздушни напада врз воени објекти во близина на сирискиот главен град Дамаск, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права.
„Израелски авиони гаѓаа воени позиции и пунктови на периферијата на Дамаск“, соопшти Центарот, додавајќи дека засега нема информации за евентуални жртви.
Овие напади уследија помалку од 24 часа по слични израелски напади врз сириски воени цели, како и копнена офанзива во јужниот дел на Сирија, при што, според Центарот, загинале 13 лица.
Берлин - Повеќе од половина од Германците се за враќање на нуклеарната енергија и го поддржуваат повторното активирање на затворените централи во земјата, според истражувањето објавено денеска, јави ДПА.
Германија ја прекина нуклеарната енергија во април 2023 година, кога последните три централи беа трајно затворени.
Онлајн анкетата, нарачана од порталот за споредба Verivox и спроведена од институтот за истражување на мислење Innofact, собра одговори од 1.007 учесници помеѓу 27 и 31 март.
Берлин - Американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови царини за увоз на европски автомобили, тврдејќи дека ЕУ ги блокира американските марки од нивниот пазар, но експертите од индустријата велат дека вистинскиот проблем се самите автомобили.
Трамп воведе царина од 25 отсто за увезените автомобили, тврдејќи дека додека САД увезуваат милиони европски возила, извозот на американски автомобили во ЕУ е „речиси невозможно“.
Киев - Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига синоќа соопшти дека го информирал американскиот државен секретар Марко Рубио за руските прекршувања на договорот за прекин на огнот, конкретно насочени кон енергетската инфраструктура.
„Украина целосно се залага за мир и презема конкретни, безусловни чекори за негово постигнување, додека Русија продолжува со одолговлекување“, напиша Сибига на социјалната мрежа Икс.
Киев - Руски дронови синоќа го нападнаа вториот по големина град во Украина, Харков, погодувајќи станбени згради и подметнувајќи пожари во кои загинаа најмалку две лица, а 32 беа повредени, соопштија локалните власти.
Регионалниот гувернер Олег Синегубов изјави дека меѓу ранетите има и две деца.
Тој рече дека се зафатени неколку високи станбени згради, при што избувнал пожар на покривот на една од зградите. Спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините по преживеани.
Вашингтон - Широкоопфатните царини што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп претставуваат значителен ризик за светската економија, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.
- Сѐ уште ја проценуваме макроекономската импликација на овие мерки, но тие очигледно претставуваат сериозна закана за глобалните економски перспективи во време кога растот е слаб, изјави Георгиева.
Вашингтон - Луѓе блиски до американскиот претседател Доналд Трамп го советувале да не му се јавува на Владимир Путин додека рускиот претседател не се обврзе на целосен прекин на огнот во Украина, објави Ен-Би-Си Њуз, цитирајќи претставници на администрацијата.
Во извештајот се додава дека официјален претставник предупредил дека Трамп може одеднаш да одлучи дека сака да разговара со Путин.
Трамп во неделата изјави за Ен-Би-Си Њуз дека планира да разговара со Путин оваа недела.
Вашингтон - Канцеларијата на главниот инспектор на Пентагонот денеска објави дека започнува истрага за користењето на јавната и некласифицирана апликација за пораки „Сигнал“ од страна на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет за координација на воздушните напади против јеменските бунтовници Хути кои започнаа на 15 март.
„Целта на оваа проверка е да се утврди до кој степен министерот за одбрана и другите службеници во Министерството ги почитувале политиките и процедурите за користење на јавни апликации за службени комуникации“, се наведува во службена белешка на в.д. главен инспектор, Стивен Стебинс.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа предложи дека е отворен за преговори по неговата најава за нови опсежни глобални царини.
-Ако некој рече дека ќе ви дадеме нешто што е толку феноменално, сè додека ни даваат нешто што е добро, рече Трамп на прашањето дали ќе размисли за договори со погодените земји.
Царините ќе и дадат на САД „голема моќ“ да преговара, додаде американскиот претседател.
Сеул - Уставниот суд на Јужна Кореја го смени јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јеол од функцијата, поддржувајќи го парламентарното барање за импичмент поради краткотрајната воена состојба што тој го воведе минатата година, со што ја предизвика најтешката политичка криза во земјата во последните децении.
По смената на Јун од власта, според Уставот на земјата, во рок од 60 дена мора да се одржат предвремени претседателски избори.