• петок, 25 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

4 април 2025 

Брисел - Обезбедувањето траен мир во Украина е од суштинско значење за европската безбедност и за глобалната стабилност, порача заменик генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска на неформалната средба на министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ во Варшава. 

Таа повика на зајакнување на поддршка за Украина сега, но и на подолг рок, потенцирајќи дека за да се обезбеди траен мир, земјата мора да остане силна. Таа при тоа, ги поздрави неодамнешните најави на сојузниците од НАТО за дополнителна помош за Украина, вклучувајќи и испорака на противвоздушна одбрана, оклопни возила, беспилотни летала и муниција.  

Брисел - САД се апсолутно во право дека ние европските сојузници во НАТО мора да преземеме поголема одговорност за мирот и стабилноста, изјави денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински при доаѓањето на вториот ден од состанокот на шефовите на дипломатиите на Алијансата во Брисел. 

- Петте проценти можеби не се остварливи преку ноќ, но мораме да продолжиме со инвестициите во нашите одбранбени индустрии, мора да продолжиме со инвестициите во нашите воени капацитети и тоа е правилната траекторија по која сите мора да се движиме, изјави Муцунски во однос на вчерашната изјава на американскиот државен секретар Марко Рубио дека членките на НАТО мора да ги зголемат трошоците за одбраната на ниво од пет проценти од својот БДП.  

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари потврди дека има уште една жртва од трагедијата во Кочани. Починатиот, кој беше на лекување во Литванија, имал 40 отсто изгореници, а на 1 април му откажале бубрезите. Според првичните информации, се работи за Александар Карадакоски, управителот на дискотеката „Пулс“. 

Овој пациент беше еден од четворицата пациенти кои беа во критична состојба. 

Скопје - Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец март 2025 година.

Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 04 Април 2025 година.

Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:  

04.04.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ

07.04.2025 – М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.

Скопје - Линеарното зголемување на пензиите за 5.000 денари на над 330.000 пензионери значи исполнување на даденото ветување, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Како што посочуваат оттаму, со ова второ линеарно покачување од 2.500 денари се заокружи циклусот од зголемување на пензиите за 5.000 денари, со што најниската пензија во март изнесува 18.192 денари, додека просечната пензија изнесува околу 26.258 денари.

-За таа цел како Влада во Буџетот за 2025 година се обезбедени 15 милијарди денари за зголемување на пензиите и дополнителни 1,9 милијарди денари за здравствено осигурување на пензионерите, односно вкупно 17 милијарди денари, се наведува во соопштението.

Скопје - Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков, денеска и утре во Белград ќе учествува на панел-дискусија на тема „Европски проекти за прекугранична соработка за унапредување на административните капацитети на институциите на македонската заедница во Србија". 

Како што соопштија од МЕП, заменик-министерката за европски прашања, Трајков ќе биде панелист на настанот, каде ќе се осврне на реализацијата на европските проекти во рамки на прекуграничната соработка. 

Скопје - Месната заедница Галичник објави Конкурс за избор на зет и невеста на годинашната Галичка свадба, која ќе се одржи традиционално на празничниот петровденски викенд, од 11 до 13 јули во Галичник. 

- И оваа година доследни на традицијата, ќе ги спасиме од заборав нашите вековни обичаи и со свадбени поворки, песна и ора ќе направиме уште една незаборавна Галичка свадба. Особено сме горди да ги поканиме сите заинтересирани парови кои сакаат да ја крунисаат својата љубов на Петровден и да дадат завет пред Бога, да се пријават најдоцна до 20 април 2025. Потребно е да ни испратите е-пошта на mzgalicnik@gmail.com со наслов „За избор на зет и невеста“ и раскажете ни зошто токму вие сте вистинскиот пар, соопшти МЗ Галичник.

Белград - Новиот мандатар најверојатно ќе формира влада до 18 април, но дека се уште има мали шанси да се организираат избори, изјави денеска српскиот премиер во технички мандат и претседател на Српската напредна странка (СНС) Милош Вучевиќ.

„Мислам дека сме многу поблиску до избор на нова влада, но не можам да ја отфрлам можноста за нови избори. Во случај да немаме договор, претседателот да не може да ја заврши целата приказна во однос на формирање на целиот кабинет, оставам мала резерва дека тоа сценарио е исто така можно“, изјави денеска Вучевиќ за белградски медиуми,  јави дописникот на МИА од Белград.

Никозија – Кипарските пратеници го изгласаа законот со кој жените ќе можат доброволно да се вклучат во војската, односно во т.н. Национална гарда на Кипар, а претседателот на земјата Никос Христодулидис истакна дека тоа е важен чекор и за зајакнување на родовата еднаквост и за зајакнување на одбраната, јави дописничката на МИА од Атина.

На средината на февруари предлог-законот беше одобрен на владина седница, а вчера со 32 гласа „за“ и 15 „воздржани“ беше изгласан во Парламентот.

Законот предвидува дека право на служење ќе имаат жените кои го завршиле средното училиште, a воениот рок ќе биде од шест до 14 месеци.

Букурешт - Во Романија денеса официјално започна претседателската изборна кампања, а 11 кандидати ќе се натпреваруваат за функцијата шеф на државата. Кампањата се одвива во сенка на неодамнешната дисквалификација на кандидатот Калин Ѓоргеску, кој првично важеше за фаворит.

Актуелниот претседател Клаус Јоханис, кој во моментов нема уставно право за уште еден мандат, ги повика граѓаните да учествуваат во демократскиот процес и да изберат кандидат кој ќе ја одржи стабилноста на земјата.

Политичките аналитичари очекуваат неизвесна трка, бидејќи дел од гласачите на дисквалификуваниот Ѓоргеску сè уште не одлучиле кого ќе поддржат. Изборите се закажани за 4 мај, а евентуален втор круг би се одржал на 18 мај.

Москва - Еден цивил загина, а друг е повреден во напад на украинско беспилотно летало врз областа Брјанск, изјави денеска гувернерот на руската област Александар Богомаз.

Како резултат на нападот, двајца жители на селото Белаја Берјозка се здобиле со рани од шрапнели, изјави Богомаз на апликацијата за комуникација Телеграм.

-Ранетите брзо беа пренесени во регионалната болница. За жал, еден од ранетите почина, изјави гувернерот на областа Брјанск која граничи со Украина.

Вашингтон - Министерството за образование на САД синоќа предупреди дека ќе ја прекине федералната финансиска поддршка за јавните училишта и ќе преземе правни мерки доколку тие продолжат со програмите за различност, еднаквост и инклузија (DEI), кои администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ги укине.

Во писма испратени до високи државни функционери во образованието, Министерството наведе дека училиштата што ќе продолжат со овие програми „може да се соочат со значителни последици, вклучително и тужби од Министерството за правда поради прекршување на договорите“.

Федералните власти им дадоа рок од 10 дена на надлежните во образовниот сектор да потпишат документ со кој ќе потврдат дека нивните училишта „се придржуваат до обврските за спречување на дискриминацијата“.

Шангај - Воени претставници од САД и Кина се сретнаа во Шангај за да разговараат за безбедносните прашања во регионот, вклучително и тензиите во Јужното Кинеско Море. Според соопштението на Пентагон, состанокот бил дел од напорите на двете земји да одржат воен дијалог и да спречат несакани инциденти.

- Разговорите беа конструктивни, а двете страни изразија подготвеност за продолжување на дијалогот со цел намалување на ризиците од конфликти, изјави американски претставник кој учествувал на состанокот.

Остани поврзан