МИА Општински пул
- МИА Општински пул

4 април 2025
Струмица - Утрово одрон од камења и земја се урна на патниот правец Струмица-Валандово, кај селото Костурино, најверојатно предизвикан од дождовите, а сообраќајот се одвива само по една коловозна лента.
Веста ја објави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов на неговиот фејсбук профил од каде повика граѓаните да бидат претпазливи и внимателни. Ги повика и надлежните институции веднаш да постапат и да превенираат поголема катастрофа.
Додава дека како градоначалник стои на располагање на државните институции доколку имаат потреба од било каква помош од Општината.
Инаку, пред малку и од АМСМ известија дека е отежнат сообраќајот на патот Струмица-Валандово, кај селото Костурино, заради одрони и сообраќајот се одвива отежнато и забавено.
Штип – Шеесет и пет годишна штипјанка вчера во Полициската станица во Штип пријавила обид за измама за изнуда на пари за сообраќајна несреќа во која нејзината ќерка прегазила мигрант.
Во соопштението од СВР-Штип се вели дека вчера во 17.30 часот во ПСОН Штип, 65-годишна жена од Штип пријавила дека околу 15 часот телефонски и се јавило лице, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила мигрант и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати 40.000 евра.
Но, како што се наведува во соопштението штипјанката се посомневала во вистинитоста на кажаното и дошла во ПСОН Штип и го пријавила настанот.
Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска присуствуваше на акцијата за садасување на дрвца-чинари во ООУ „Кузман Шапкарев“, како дел од големата еколошка иницијатива што општината ја спроведува во сите училишта и градинки. Оваа акција се реализира со поддршка на Канцеларијата за проектни услуги во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух“, финансиран од Европската Унија, која ги донираше садниците.
-Засадувањето на секое дрвце е инвестиција во иднината на нашите деца. Како општина, континуирано работиме на подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина. Оваа донација е особено значајна бидејќи се насочува токму кон училиштата и градинките – местата каде нашите деца растат и се образуваат. Покрај бројните акции за пошумување, во сите училишта поставивме прочистувачи на воздух, а во поголемите паркови на отворено – надворешни пречистувачи, достапни за сите граѓани. Нашата заложба за чиста и здрава животна средина нема да запре овде. Продолжуваме со реализација на еколошки проекти кои ќе донесат подобри услови за сите жители на Кисела Вода-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски, изразувајќи голема благодарност до Европската Унија и Канцеларијата за проектни услуги за донацијата и поддршката на иницијативата.