• понеделник, 14 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Општински пул

Кавадарци - Почна дистрибуцијата на вода за наводнување на земјоделски површини,  во примарна каналска мрежа, информираа денеска од подружницата ,,Тиквеш" во Кавадарци на АД Водостопанство.  

- На почетокот на наредната недела ќе почнеме со дистрибуција на вода и на секундарната каналска мрежа, во линиите за наводнување,  на 15 април започнува полевната сезона, соопштија од ,,Тиквеш".

Оттаму посакаа успешна нова наводнувачка сезона и квалитетен род за земјоделците. 

Тетово – Претставници на семејствата на жртвите од трагедијата во Модуларната болница во Тетово пред тетовскиот Основен суд одржаа прес-конференција, на која истакнаа дека се приклучуваат кон јавното писмо од Иницијатива Нула до државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. 

Според претставниците на семејствата, постојат сериозни докази за кои сметаат дека Обвинителството ги има отфрлено во досегашната постапка пред судот во Тетово

-Целата јавност знае дека постојат сериозни докази за пропусти при изградбата на модуларната болница кои можат да бидат единствени причини за пожарот. Тоа беше потврдено и со германското вештачење-независен и кредибилен доказ кој за жал беше отфрлен од обвинителството. Затоа, драг Љупчо, како наш сограѓанин од Тетово, Вие најдобро ја разбирате болката и гневот на семејствата на жртвите и на целата заедница. Ова не е само правно прашање. Ова е морална обврска – кон тие што ги изгубивме, но и кон сите граѓани што денес живеат со страв дека ова може да се повтори, а никој нема да одговара, истакна Агрон Арифи од Иницијативата во име на семејствата на жртвите.

Штип – Врнежите од дожд се добри за земејоделските култури, особено за  житариците, изјави денеска Гоце Сарафимов потпретседател на Асоцијација на земјоделци. Тој истакна дека само во штипскиот регион има наврнато околу 110 литри дожд, што какошто вели добро ќе биде за житните култури.

-До пред 15 до 20 дена житарицата беше во многу лоша состојба, меѓутоа во последните десет дена има наврнато 110 литри дожд во штипско и околината и мислеме дека тоа е многу добро за есенската сеидба на житарицата. Се зголеми водостојот на реките, браната Калиманци започна да се полни, вели Сарафимов.

Тој посочува дека земјоделците се надеваат на бериќетна година.

Штипјанецот, Киро Маџунаров кој со децении го мери водостојот на реката Брегалница, кај штипско Ново Село вели дека  водостојот на реката Брегалница е одраз на врнежите од дожд и снег во источниот регион.

Битола - Теодор Јаневски, дипломиран џез тапанар на џез одделот на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е годинашен добтник на наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез-музичар што ја доделуваат интернационалниот фестивал „Џез фектори“ и Општина Битола.

Во пресрет на 8. издание на Џез фактори фестивалот, кој ќе се одржи од 17 до 19 април во Битола, организаторот информира дека наградата на Јаневски ќе му биде врачена на денот на затворањето кое ќе се одржи на сцената на битолскиот Народен театар.

Годинава на Џез фектори фестивал ќе настапат повеќе реномирани џез музичари од земјава и странство.

Куманово - Водата во Крива Река во Крива Паланка е неупотреблива и сериозно загадена, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски. Тој пред медиумите презентираше нови анализи со кои покажа дека има надминување на граничните вредности и на матност на реката и побара институциите да реагираат, обвинителството да поведе постапка. За него е нејасно зошто и Државниот инспекторат за животна средина не направил ургентни анализи на водите по хаваријата во рудникот Тораница.

Како што соопшти на прес-конференцијата, анализите кои ги спровел Институтот за јавно здравје на барање на риболовното друштво „Мрена“ покажале значителни отстапувања, водата од Крива Река како рече припаѓа во најлошата категорија на загадени води, неупотреблива за каква било намена. Митовски презентираше податоци според кои зголемено е нивото на олово, за повеќе од три пати укажувајќи дека киселоста на водата е штетна за рибите.

-Концентрацијата на штетните супстанции коишто ги надминуваат акутните нивоа на токсична за водениот свет-вода во оваа класификација односно петта класа не смее да се користи за ништо ниту пак за наводнување, рече Митовски.

Делчево - Во Делчево денеска започна реконструкцијата на улици во населбата Ново Делчево.  Со проектот како што информираше градоначалникот на Општината, Горан Трајковски кој изврши увид во работите, опфатени се девет улицисо вкупна должина од 1940 метри.

-Ќе се реконструираат улиците Лика Чопова, Ленинова, Трст, Загребачка, Охридска, Осоговска, Пијанечка, 19 Октомври и Пиринска.  Средствата се обезбедени преку Министерство за транспорт со одлука за користење на средства за капитални дотации до ЕЛС за инфраструктурни проекти од областа на транспортот, и формираше Трајковски.

Со реализацијата на овој проект, како што додаде тој, населба Ново Делчево добива нов и модерен урбан лик . 

-Претходно во оваа населба изградивме комплетно нова водоводна мрежа, го заменивме уличното осветлување со лед енергетско-ефикасни светилки и сега со реконструкција на улиците влијаеме на подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани кои живеат во една од најатрактивните населби во градот, додаде  Трајковски. 

Битола - Јавната општинска установа Културно информативен центар-Битола викендов организра премиерно емитување на кратки филмови кои учествуваа во проектот „Биди ИН, сними филм“.

В сабота ќе биде премиерата на кратки филмови кои пристигнаа по првиот повик на кампањата за потикнување на филмската креатива кај младите битолчани, соопштија од ЈОУ КИЦ-Битола.

-Филмовите во овој повик беа тематски инспирирани од туристичка промоција на Битола, екологија и слободна тема. На овој начин Културен и информативен центара Битола, во чија надлежност е и Кино Манаки на Широк сокак, ја продолжува традицијата на создавање млада публика, како и идни сниматели, автори и филмски креативци во духот на браќата Манаки, соопштија од КИЦ-Битола.

Битола - Полициски службеници од СВР Битола во соработка со Општинската организација на Црвен крст, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) како и екипа на Итна медицинска помош, одржаа симулациска вежба за брза евакуација и однесување во кризни ситуации.

Од СВР-Битола соопштија дека вежбата на тема „Начин на однесување во кризни ситуации“ се одржа во основното училиште „Стив Наумов“ во Битола и со цел учениците да се запознаат со начините и протоколите на однесување во кризни ситуации.
Основците од ООУ „Стив Наумов“ од стручни лица се здобија со конкретни информации и насоки за начините на евакуација од пожар, совладување на паниката и безбедно и организирано евакуирање од училиштето во претпоставена ситуација.

Куманово - Основното јавно обвинителство Куманово денеска информираше дека веќе е оформен предмет за Крива река и наводите на општината дека е загадена по хаваријата во рудникот Тораница. Сепак, од обвинителството информираат дека кај нив пријава сè уште не е пристигната од општината.

- Досега кривична пријава од општината Крива Паланка не е пристигната, меѓутоа обвинителството веќе постапува. Оформен е предмет ОЈО ги повика инспекторите за животна средина, коишто презеле дејствија на контрола. Тие доставија извештај од своето постапување до обвинителството. ОЈО продолжува да се преземаат и други дејствија, издадени се наредби и вештачења, информираа за МИА, од ОЈО Куманово.

Денеска градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски презентираше нови анализи со кои тврди дека водата во реката е сериозно загадена. Вчера на прес-конференција менаџментот на компанијата „Булмак 2016“ негираше дека техничкиот проблем што настанал во рудникот Тораница не предизвикал загадување на Крива река.

Прилеп - Вработените во царинскиот терминал во Прилеп и денеска излегоа на протест барајќи исплата на седумте заостанати плати и придонеси. Ова е трет протест на осумте вработени кои иако добивале ветувања досега, ништо не е решено. Поддршка на вработените им дадода претседателот на ССМ Слободан Трендафилов и претседателот на гранковиот синдикат, Стојанчо Кашиковски.

Куманово, 3 април 2025 (МИА) - Над 700 ученици од Куманово денеска се натпреваруваа на најмасовниот училишен крос натпревар кој се одржа на спортскиот аеродром Аџитепе во организација на општинскиот сојуз на училишен спорт. Учениците од основните и средните училишта во градот се натпреваруваа во14 трки, по седум трки во машка и женска конкуренција.

-По моја информации од 28 до 30 години сигурно немало организирано крос. Ние за првпат правиме организација според двегодишната програма и се надеваме дека наредната година ќе стане традиција. Учество зедоа осумнаесет училишта од Куманово со над 700 натпреварувачи, изјави Марјан Нојковски, претседател на ОСУС.

На најдобрите ученици со освоени први три места на училишниот крос, им беа доделени медали, дипломи. На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски и претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска кои на учениците им посакаа континуирани спортски успеси и во иднина.

Струмица - Со потпишување меморандум за соработка со Алпинистичкиот клуб „Скала“, Општина Струмица ќе формира планинска спасувачка служба, соопшти денеска градоначалникот Костадин Костадинов на неговиот фејсбук профил по средбата со алпинистите.

Како што наведува Костадинов, со тоа практично се става темел во формирањето на една таква служба на територијата на Општината и со тоа Струмица станува една од ретките општини во државата со таква доброволна служба.

-Како голем вљубеник во природата и планините, пред два месеци на средба со членовите на Алпинистичкиот клуб „Скала“ заедно ја разгледавме потребата во нашата општина да се воспостави систем за планинско спасување, што не само ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните во планините, туку и потребата од воспоставуавње на таков сервис како главен предуслов за развојот на алтернативниот и планинскиот туризам во нашата општина и нашиот регион, напиша струмичкиот градоначалник.

- Осумте вработени седум месеци немаат земено плата. Градската власт, односно Општината, ЈКП „Комуналец“ ги оставија на немилост овие вработени и седум месеци да не можат да си однесат дома плата. Загрижува тоа дека од Прилеп има двајца заменици министри и четворица пратеници кои досега не ги прашале со што се соочуваат.  Вработените на терминалот не може да ги отплаќаат долговите на претходните директори и поради присилни извршувања да не може да добијат плата седум месеци. Вработените решија да бидат во штрајк да не ги извршуваат работните задачи додека не им се исплатат заостанатите плати, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Поддршката на вработените им ја даде и претседателот на гранковиот синдикат СУТКОЗ, Стојанчо Кашиковски.

Прилеп - Не се откажуваме од нашето барање за зголемување на минималецот за 6000 денари и на сите плати, со субвенционирани или пак, како што сметаат повеќето работодавци, со замрзнати придонеси, рече претседателот на ССМ Слободан Трендафилов при денешниот престој во Прилеп каде Синдикатот им даде поддршка на вработените во Терминалот кои денеска протестираа.

Доколку не се остварат барањата на ССМ, улицата е решение каде што ќе ги изразиме нашите незадоволства, но следниот пат ќе ги повикаме и работниците со нас, смета Трендафилов, кој ја повика Владата да седнат на маса и да разговараат.

-Ние не отстапуваме од барањето повисока плата за работниците и ако нема слух, еве и денеска ги повикувам да не викнат на маса, да седнеме да разговараме по однос на прашањата кои ги тангираат работниците, ако доколку не, се гледаме на улица, изјави Трендафилов.

За Трендафилов, предложеното од ССМ е подадена рака и кон работодавачите кои сакаат да ги задржат квалификуваните работници во Македонија, меѓутоа и кон Владата.

-Предложивме зголемувањето да се случи во неколку чекори. Првиот чекор е, доколку може, Владата од едниот дел во другиот дел од буџетот, да ги субвенционира придонесите. Не да ги даде парите на работодавачите, но во име на работниците да ги уплати во Фондот за ПИОМ за разликата од 6 000 денари. Вториот предлог беше работодавачите да бидат ослобоени за овој износ од 6 000 денари, да ги плаќаат придонесите во рок од 12 месеци со што ќе им помогнеме да се реорганизираат за да може да исплатат повисоки плати, а од друга страна, по истекот на тие 12 месеци, да ги плаќаат придонесите за задолжително социјално осигурување и третиот предлог беше да си ги плаќаат придонесите на целиот износ, на 500 евра. За жал, иако голем дел од работодавачите го прифатија овој предлог на ССМ, дури дополнително предлагаа да се замрзнат придонесите, а да ги зголемат платите на работниците, Владата сметаше дека на работниците не им е потребна повисока плата и еднострано, за првпат во историјата од донесувањето на Законот за минимална плата, со усвојување информација на Влада, не утврдено мислење на Економско социјален совет, се објави минималната плата во навистина минимален износ кој не им помага на работниците, изјави Трендафилов.

Според претседателот на ССМ, Владата се иззема од одговорноста иако е најголем работодавач, на 128 000 работници.

Остани поврзан