
7 април 2025
Скопје - Амбасадорката на Украина Лариса Дир денеска ќе го посети Собранието на Република Северна Македонија.
Како што е најавено од собраниската прес-служба, амбасадорката Дир ќе има средба со претседателката на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Украина, Иванка Василевска.
Скопје - Во Собранието денеска ќе заседаваат три собраниски комисии - Комисијата за за одбрана и безбедност, Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред на Комисијата за одбрана и безбедност е Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина. Оваа Предлог-одлука е на дневен ред и на Законодавно-правната комисија.
Гостивар - Едно лице загина, а едно е тешко повредено во сообраќајна несреќа што се случи близу долнореканското село Скудриње.
Портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, информираше дека вчера околу 18 часот во Полициско одделение Ростуше била пријавена сообраќајна несреќа на регионален пат Маврово - Дебар, кај месноста Скудрински мост.
Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков заедно со заменик-министерот за култура и туризам Седат Сулејмани, денеска ќе престојуваат во работна посета на општина Гостивар.
Како што најавија од Министерството за култура и туризам, Љутков и Сулејмани ќе ги посетат институциите од областа на културата како и повеќе објекти кои се дел од значајното културно наследство на Гостивар. Станува збор за Беговата куќа, Куќата на Ахмед Чако, Саат кулата, Медресето, црквата „Св. Димитрија“ и Старата џамија во Равен.
Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурни екипи на Македонијапат, соопшти АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Скопје - Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во своето кусо постоење како политички субјект покажа и докажа дека секогаш работи транспарентно и отворено и точното информирање на јавноста му е приоритет.
Движење ЗНАМ – За наша Македонија смета дека за да нема забуни јавноста треба да биде информирана за следното:
-Владиното мнозинство е стабилно и нема преговори за размена на ресори со нашиот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје - Политичката партија Левица соопшти дека ја одржала 28-та редовна сесија на Централниот комитет на која биле донесени стратешки одлуки во пресрет на претстојните Локални избори 2025.
-Во духот на демократскиот централизам и борбеноста, оваа сесија ја зацврсти позицијата на Левица како единствена автентична и непоколеблива опозициска сила во државата, стои во соопштението од партијата.
Скопје - Осумнаесет прекршоци за неисправност и непочитување на правилата за пловење изрече Капетанија на пристаништа, по засилените контроли во Охридското Езеро, информираат од Капетанија на пристаништата, соопшти Министерството за транспорт.
По извршените редовни и вонредни контроли над пловилата, се наведува, констатирани се прекршоци во делот на ноќно пловење како и претовар на патници.
Илија Арнаудоски капетан во Капетанија на пристаништа најави засилени контроли на пловилата во соработка со езерската полиција.
Скопје - По повод 7 април - Светскиот ден на здравјето, Македонското лекарско друштво организира свечен собир, каде најавени се обраќања на претседателот на друштвото, Горан Димитров, министерот за здравство Арбен Таравари, претставникот на Светската здравствена организација за Република Северна Македонија, Аким Али, како и на директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Ирена Алексиоска Папестиев.
Од Македонското лекарско друштво информираат и дека на настанот ќе бидат врачени награди и признанија.
Скопје - По четврти пат оваа година ЈУ Детски културен центар „Карпош“ ја организира крос - трката по повод Меѓународната недела на здравјето, информираат од установата.
- Во оваа спортска манифестација учествуваат дечиња од градинките од градот и околината. Трката ќе се одржи на тартан патеката во Градскиот парк со почеток во 11 часот. Трката ќе се трча на 250 метри во мешана категорија, момчиња и девојчиња. Исто така ќе се трча и штафетно трчање 200 метри 4x50 метри, се наведува во соопштението на установата.
Скопје - На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје денеска ќе се одржи промоција на преводот на македонски јазик на романот „Пронајденото време“ том 2, последната книга од циклусот „Во потрага по загубеното време“ од Марсел Пруст.
Преводот на македонски јазик е на проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ, а во издание на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“.
Скопје - Во амфитератарот на МАНУ денеска ќе се одржи промоција на тритомното издание Кочо Рацин (поезија, проза и публицистика и животописот на Рацин).
Свое обраќање ќе имаат претседателот на МАНУ, Живко Попов и академик Катица Ќулавкова.
Скопје - Во просториите на Меѓународниот Балкански Универзитет денеска ќе се одржи предавање на поранешниот претседател на Република Хрватска, проф. д-р Иво Јосиповиќ, на тема „Врската помеѓу музиката и политиката“.
Предавањето е организирано од Меѓународен Балкански Универзитет (МБУ), во соработка со Меѓународниот Центар Алијанса на Цивилизациите (ICAC).
Брисел – Министрите за трговија на Европската унија денеска се состануваат во Луксембург за да изготват стратегија за убедување на американскиот претседател Доналд Трамп да отстапи од новите царини воведени за блокот.
Министрите на ЕУ, исто така, се очекува да разговараат за реципрочни царини, како и за други мерки кои ќе бидат спроведени во случај напорите за преговори за решение со Вашингтон да не успеат.
Лондон – Британскиот крал Чарлс Трети и кралицата Камила денеска ќе ја почнат четиридневната државна посета на Италија, каде ќе ги прослават врските на Обединетото Кралство со европската нација.
Како што пренесе ДПА, тие ќе го посетат Рим и градот Равена, користејќи ја дипломатијата на „меката моќ“ на монархијата за зајакнување на односите на Британија со нејзиниот сојузник.
Женева – Компликациите од бременост или породување предизвикуваа смрт на жена приближно на секои две минути во 2023 година, се наведува во извештај на Светската здравствена организација (СЗО) и другите тела на ОН.
Во извештајот, објавен денеска, се вели дека тоа изнесува околу 260.000 жени на глобално ниво.
Смртта на мајките помеѓу 2000 и 2023 година се намалила за 40 проценти на глобално ниво, главно поради подобриот пристап до основните здравствени услуги, додаде СЗО.
Алжир - Шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро синоќа, по посетата на Алжир, каде што се сретна со претседателот Абделмаџид Тебун, ја објави желбата на двете земји да „влезат во нова фаза“ и да „свртат страница“ по неодамнешните тензии.
-Со претседателот Тебун ја изразивме нашата заедничка желба да ја подигнеме завесата за обнова на партнерство засновано на принципот на еднаквост и смиреност, рече Баро.
Токио - Акциите на берзите во Азија денеска бележеат остар пад со што се продлабочува глобалната берзанска криза предизвикана од трговската војна на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тргувањето на јужнокорејската берза беше запрено на пет минути, бидејќи беше активиран прекинувачот за тргување дизајниран да спречи панично продавање.
Ерусалим - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска во Белата куќа ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, а главна тема на разговор ќе бидат новите царини што САД му ги воведоа на Израел, соопшти кабинетот на Нетанјаху.
Двајцата лидери, исто така, се очекува да разговараат за заложниците кои ги држеше палестинската милитантна група Хамас, потенцијалните тензии меѓу Израел и Турција во Сирија и напорите за одвраќање на Иран.
Ерусалим - Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денеска откри разузнавачки документ кој покажува дека лидерите на Хамас, Јахја Синвар и Мухамед Деиф, испратиле писмо до командантот на силите на Револуционерната гарда на Иран, Есмаил Каани, во јуни 2021 година, барајќи поддршка во замена за 500 милиони долари за нивните планови да го нападнат Израел и да го уништат во рок од две години.
Вашингтон – Лидерите на земјите од Г7 вчера изразија „длабока загриженост“ поради неодамнешните големи воени вежби на Кина околу островот Тајван.
Министрите за надворешни работи на Г7 – Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД, плус Европската унија, ги осудија „провокативните дејствија на Пекинг“.
- Овие сè почести и дестабилизирачки активности ги зголемуваат тензиите во теснецот и ја ставаат во опасност глобалната безбедност и просперитет, се вели во заедничката изјава.
Вашингтон – Менаџерот на хеџ фондот „Першинг Сквер“ Бил Акман предупреди дека царините на Трамп би можеле да го доведат светот во „економска нуклеарна зима“ и повика на 90-дневна пауза на царините.
Акман, кој е еден од најистакнатите поддржувачи на Трамп на Вол Стрит, во долга објава на Х предупреди дека претседателот ја губи довербата на деловните лидери. Според Форбс, имотот на Акман се проценува на 9,1 милијарди долари.
Вашингтон – Во екот на потопот на светските берзи американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека царините се „прекрасна работа“.
„Имаме огромни финансиски дефицити со Кина, Европската Унија и многу други. Единствениот начин на кој овој проблем може да се излечи е со Царините, што сега носат десетици милијарди долари во САД. Тие се веќе на сила и тие се нешто прекрасно да се видат“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Њујорк - Најмалку 20 лица загинаа во невремето и поплавите што од средата зафатија делови од САД, вклучително и деветгодишно момче во државата Кентаки кое беше однесено од порој и неколку луѓе кои загинаа од торнадо во градот Тенес, југозападниот дел на државата Тенеси.
Гувернерот на Џорџија, Брајан Кемп, вчеравечер им изрази сочувство на семејствата на двете жртви кои беа погодени од дрво на терен за голф, пренесува Еј-Би-Си Њуз.
Њујорк - Цената на биткоинот во неделата навечер падна под 79.000 долари додека инвеститорите се подготвуваат за продолжување на нестабилноста на глобалните финансиски пазари оваа недела, откако берзите го претрпеа најголемиот пад од 2020 година минатата недела поради американските царини за стоки од остатокот од светот.
Според Coin Metrics, цената на биткоинот падна за четири отсто, на 78.835 долари, откако биткоинот се тргуваше над 80.000 долари во поголемиот дел од оваа година, освен неколку кратки падови под тоа ниво поради нестабилноста од минатата недела. Таа цена е приближно 34 отсто пониска од рекордно високото ниво на биткоинот постигнато во јануари.
Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека им наредил на своите министри за одбрана и за надворешни работи да ги интензивираат контактите со меѓународните партнери, особено со САД, за да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана, вклучително и батерии „Патриот“, пред претстојниот состанок во формат на Рамштајн.
Зеленски рече дека се координираат два приоритета: „Провоздушната одбрана, особено „Патриотите“, и координација на распоредувањето - донесување одлуки што е можно поблиску и спроведување на сите детали.
Лондон - Украина почна да распоредува 15.000 вооружени борбени роботи, познати како „тивки убијци“, во обид да ја запре руската офанзива на источниот фронт, која продолжува да бележи успеси и се шири длабоко на украинска територија, објави британскиот таблоид „Дејли мирор“, цитирајќи сигурни украински извори.
Војниците роботи, дизајнирани да ги поддржуваат војниците во рововите и да помагаат во урбаните конфликти, се надеваат украинските воени команданти, би можеле да претставуваат клучна пресвртница во борбите што се повеќе се одвиваат од заслони и блиски дистанци, и да претставуваат пробив во војувањето со висока технологија.
Велингтон – Владата на Нов Зеланд најави инвестиција од 12 милијарди долари (10,92 милијарди евра) во следните четири години во „модерни, борбено способни“ Новозеландски одбранбени сили (НЗДФ), информира Радио Нов Зеланд.
Планот предвидува зголемување на трошоците за одбрана на Нов Зеланд од нешто повеќе од еден процент од БДП на повеќе од два проценти во следните осум години. Последен пат трошоците за одбрана беа два отсто од БДП на почетокот на 1990-тите.