
2 април 2025
Скопје - Дирекцијата за заштита и спасување информира дека по излевањето на Маркова река во општина Студеничани евидентирана е материјална штета, но нема опасност по жителите од овој крај.
- Еден тим за брз одговор интервенираше со пумпи за извлекување на вода, и истите ќе интревенираат по потреба во текот на денот. Досегашните информации покажуваат дека ситуацијата е под контрола и нема опасност за жителите, освен моментално евидентирана материјална штета, наведува Дирекцијата за заштита и спасување во објава на Фејсбук.
Скопје - Судењето за убиството на Вања и Панче продолжи денеска во Основниот кривичен суд Скопје со сведочење на обвинетиот Влатко Кешишев. Претходно, по барање на адвокатот Игор Ефремов, бранител на Кешишев, судот донесе решение обвинетиот Љупчо Палевски да биде отстранет од судницата. Барањето беше образложено со сомневање дека присуството на Палевски би можело да влијае врз вистинитоста на исказот на Кешишев. Како доказ беше наведен случајот со изјавата која во ноември лани Кешишев ја достави до судот, во која наведува дека Палевски нема врска со случајот, а потоа ја негираше со образложение дека бил приморан од Палевски да ја напише.
- Бараме обвинетиот Љупчо Палевски да биде отстранет од судницата поради околности кои укажуваат дека обвинетиот Кешишев во негово присуство нема да ја зборува вистината, односно, како во текот на постапката, со доставувањето на изјава од страна на обвинетиот на 20.11.2024 година, а која потоа ја негираше на расправата на 25.11.2024 во која изјава од страна на обвинетиот Љупчо Палевски му била дадена да ја препише, потпише и достави како своја. Сметам дека со ова е извршено влијание врз давањето на исказ на обвинетиот Кешишев, па оттука сметам дека е оправдан стравот на одбраната да истиот нема да ја зборува вистината, рече адвокатот Ефремов.
Скопје - Советот на јавни обвинители ја исклучи јавноста од точката за разгледување на предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Членовите на Советот едногласно го поддржаа предлогот на членот Зорица Павловиќ, која повикувајќи се на член 10 од Законот за совет на јавни обвинители побара да се исклучи јавноста поради, како што кажа, сензитивноста на процесот и за заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител.
Светлана Стојковиќ, го поддржа предлогот, дополнувајќи дека јавноста треба да биде исклучена и поради тоа што во произнесувањето од Коцевски по предлогот за негово разрешување, се изнесени и информации и докази од дисциплинските постапки што се води против двајца јавни обвинители.
Скопје - Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Орли во Париз од денеска се поврзани со директна авиолинија што ќе ја опслужува нискобуџетната авиокомпанија „Изиџет“ двапати неделно, секоја среда и сабота. Првиот лет на авиокомпанијата „Изиџет“ од аеродромот „Орли“ беше пречекан утринавата во осум часот на Скопскиот аеродром.
Новата авиолинија е воведена како резултат на финансиската подршка од Владата преку Програмата за воведување на нови дестинации на Министерството за транспорт. Аеродромот Орли се наоѓа на дваесетина километри од центарот на Париз, а покрај „Изиџет“, авиолинија од Скопје до францускиот главен град опслужува и авиокомпанијата „Визер“ до аеродромот „Бове“ оддалечен 90-тина километри од Париз.
Скопје - Царинската управа се најде на петтото место во спроведување на политики за интегритет на ранг листата од 72 институции, или за едно место понапред во однос на 2023 година, покажува најновиот извештај за имплементација на интегритет за 2024 година на Државната комисија за спречување на корупцијата. Во извештајот за 2023 година Царинската управа беше на шестото место во спроведување на политики на интегритет.
Од Царинската управа денеска соопштија дека ДКСК забележале подобрување во делот на идентификувани ризици од корупција и зголемени контроли со цел нивно превенирање, преземени конкретни чекори во делот на спречување на судир на интереси, меѓу кои и изречени дисциплински за царински службеници кои постапувале надвор од овластувањата. Подобрувања, посочуават, се забележани и во делот на транспарентноста.
Брисел - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски од денеска до петок ќе престојува во посета на Брисел, во чии рамки ќе учествува и на дводневната средбата на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО.
Денеска, на првиот ден од посетата, Муцунски ќе се обрати на настанот „Проширувањето на ЕУ во новата ера: перспективата на Северна Македонија“ во организација на бриселскиот Центар за европска политика (ЕПЦ) и ќе има брифинг со претставници на бриселски тинк-тенкови посветен на тековниот евроинтегративен процес.
Скопје - Оваа Влада ќе преземе важни иницијативи за стабилизација на ИПА структурите и за решавање на наследените проблеми од претходниот период, меѓу кои се високата флуктуација на професионалниот кадар, задоцнетите постапки за јавни набавки и значителните отстапки во секторите транспорт и животна средина. Ова денеска го соопшти министерот за европски прашања Орхан Муртезани, во улога на Национален координатор за ИПА (NIPAC), кој копретседаваше на третиот состанок на Мониторинг комитетот за Инструментот за претпристапна помош ИПА III.
Муртезани, како што информира Министерството за европски прашања, ги нагласи актуелните политички и технички предизвици поврзани со ефикасното искористување на европските фондови. Подвлече дека до крајот на 2024 година, договорените средства за ИПА II достигнале 71 отсто, додека искористувањето на средствата од ИПА III во истата година е на ниво од 31,37 отсто.
Скопје - За само 6 месеци, Владата ги покачи пензиите на над 330.000 пензионери за 5000 денари. На сметките на пензионерите легна покачувањето на пензиите од 2500 денари. Со ова покачување, вкупното линеарно зголемување на пензиите достигнува 5.000 денари, откако првото зголемување беше со септемвриската пензија и сега со мартовската пензија. Ова е втор раст на пензиите за само 6 месеци.
Софија - Бугарските пратениците ја почнаа расправата по барањето за гласање недоверба на Владата, во присуство на премиерот Росен Жељазков. Барањето во Собранието го поднесоа пратеничките групи на „Преродба“, „Морал, единство и чест“ и „Величина“, поради, како што наведуваат, системски неуспех во надворешната политика на земјата. Педесет и четири пратеници од трите партии предлагаат Народното собрание да и изгласа недоверба на Владата.
Приштина - Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами се сретна во Приштина со косовскиот премиер Албин Курти, кој за време на средбата потсети дека Милан Радиочиќ треба да биде екстрадиран на Косово каде што ќе се соочи со правично судење за неговите постапки.
-Премиерот Курти го истакна фактот дека сè уште нема правда и одговорност за терористичкиот напад во Бањска, додека Милан Радоичиќ шета слободно и е заштитен од српскиот државен апарат, соопшти денеска косовската Влада.
Белград - Српската напредна странка утре ќе оди на консултации со претседателот на Србија за состав на новата влада и ќе предложи неколку имиња за мандатар, јави дописникот на МИА од Белград. Тој став денеска го нагласи премиерот на Србија во технички мандат и лидер на Српската напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ.
Според него, на консултациите СНС ќе учествува со делегација од осум членови - пет од СНС и тројца претставници на коалициските партнери.
Приштина - Косовски полицаец им подлегнал на повредите откако бил застрелан пред неговиот дом во градот Качаник во Југоисточно Косово, објави весникот „Коха диторе“, повикувајќи се на информации од косовската полиција.
Загреб - До 31 март, Хрватската радио-телевизија (ХРТ) ја напуштија 333 вработени кои потпишаа меѓусебен раскин на договорите за вработување врз основа на Одлуката за условите и висината на отпремнината, која во јануари ја донесе генералниот директор Роберт Швеб, а се применуваше до последниот ден од март.
Програмската деловна единица ја напуштиле најголемиот број вработени во ХРТ – 123, потоа технолошката, каде 122 вработени го прифатиле понудениот спогодбен раскин на договорите за вработување со финансиска компензација.
Полицаецот бил застрелан синоќа во 23 часот во влезот од зградата во која живеел.
Тирана - Албанија го доби првиот ултра богаташ кој е на најновата листа на Форбс за 2025 година на најбогати луѓе во светот. Станува збор за Самир Мане чие богатство е проценето, според магазинот, на 1,4 милијарди долари. Неговото име за првпат се појавува на листата на ултра богати луѓе во светот.
„Албанија го има својот прв милијардер оваа година - Самир Мане, кој има изградено богатство од 1,4 милијарди долари од инвестиции во трговски центри, продавници за електроника и луксузни недвижности низ целиот Балкан. Тој е на 2.356-то место на листата на која се наоѓаат 3028 личности од светот, објавија медиумите.
Приштина - Во Приштина почна средбата на косовската претседателка Вјоса Османи со шефот на британската дипломатија Дејвид Леми, а по завршувањето на разговорите ќе се одржи заедничка прес-конференција.
Леми вчера се сретна со министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала Шварц.
Атина - Мирот и брзата обнова на земјата се неопходни за да се стави крај на кошмарот што секојдневно го живеат граѓаните на Украина. Меѓу нив живеат и илјадници Грци од дијаспората. Министерството за надворешни работи цврсто стои на нивна страна, напиша заменик-шефот на грчката дипломатија Тасос Хаѕивасилиу на социјалните мрежи по неговата дводневна посета на Киев, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од грчкото МНР, Хаѕивасилиу се сретнал со државниот министер Олех Немчинов, со заменик-министерот за надворешни работи Олександар Мишенко, со заменичката-министер за обнова Алиона Шкрум, со заменик-министерот за економија Андри Телиупа и заменик-министерот за енергетика Роман Андарак, а разговорите биле фокусирани на обновата на Украина, енергетските потреби на земјата и билатералните економски односи.