
11 април 2025
Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска.
На средбата, претседателката Сиљановска-Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, изразила став дека туризмот, како гранка, не само што носи приход, туку и го промовира македонското природно богатство и културно наследство пред светот, како наша компаративна предност.
Атина – Македонија од ова може да искористи, можеби ќе успееме да ги направиме уште поцврсти врските со Соединетите Американски Држави и можеби ќе успееме и подобро да се позиционираме, зошто да не, доколку имаме услови да направиме договор за слободна трговија, да успееме повеќе да извезуваме во САД, понекогаш и во криза може да се искористат одредени ситуации, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.Министерката деновиве учествува на 10. Делфи економски форум во Грција, каде што една од главните економски теми се царините од САД и новата одлука на американскиот претседател Доналд Трамп, а во интервју за МИА детално говори за целата глобално-економска состојба, што тоа значи за Европа, дали ќе влијае и на земјава, но и дали ќе има последици за обичните граѓани, а паралелно открива дека во текот на летото е планиран ребаланс на Буџетот.
Скопје - Унгарскиот министер за ЕУ прашања Јанош Бока, кој од вчера е во посета на Северна Македонија, денеска ќе одржи заедничка прес-конференција со неговиот македонски колега Орхан Муртезани. Прес-конференцијата е закажана во 10:15 часот.
Унгарскиот министер вчера во изјава за медиумите рече дека процесот на пристапување во Европската Унија треба да биде објективен и да се заснова на мерит критериуми.
Скопје - Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска со почеток во 9 часот во Основниот Кривичен суд Скопје со сведочење на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
На изминатото рочиште, Ѓорчевски рече дека нема апсолутно никаква инволвираност и дека ниту ги познава, ниту може да ги гледа обвинетите во случајот за убиствата на неговата ќерка Вања и велешанецот Панче Жежовски.
Скопје – Директорот на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, Небојша Јовановиќ, во интервју за МИА, говорејќи за претстојното десетто јубилејно издание на фестивалот, вели дека веќе имаат потврда за учество на голема светска филмска ѕвезда. Споделува дека годинава главните случувања на „Киненова“ ќе се одвиваат во Скопје и во Охрид, а голем број други градови ќе имаат можност директно да ја следат програмата.
Скопје - Вандализирана е новата градинка во Бутел 1, којашто ќе биде отворена во септември годинава, соопшти Општина Бутел.Оттаму информираат дека МВР има осомничени лица и наскоро се очекува брза акција, одговорност и кривични пријави во согласност со законот.- Направена е голема штета во новата градинка. Градоначалникот Дарко Костовски најостро ги осудува сите акти на насилство и вандализам. Срамните сцени на вандализираната детска градинка се недозволиви. Градоначалникот упатува апел до сите граѓани да не го уништуваат, туку да го чуваат тоа што макотрпно се гради со заеднички пари на граѓаните и изразува надеж дека ова насилство не е израз на политика, соопшти општинската прес-служба.
Свети Николе - Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков и директорот на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, Илија Стоилев денеска ќе остварат работна средба со градоначалникот на општина Свети Николе, Дејан Владев.
На средбата, како што е најавено, ќе се разговара за потребите на општината за искористување на средствата од европските фондови во реализација на проекти од интерес за граѓаните.
Скопје - Во организација на Институтот за комуникациски студии (ИКС) денеска во Скопје ќе се одржи панел-дискусијата „Гордиевиот јазол на штетните наративи во политиката и во медиумите“.
На панел-дискусијата ИКС ќе го презентира водичот за комуникација за политичките актери и новинарите „Гордиевиот јазол на штетните наративи во политиката и во медиумите“.
Публикацијата, како што велат од ИКС, ги претставува и ги објаснува штетните наративи во македонскиот политички дискурс, последиците од нив, прекршувањето на комуникациските стандарди и нуди препораки за политичките актери и за новинарите.
Скопје - Економски форум „Зајакнување на работоспособните жени: Стратегии за отклучување на потенцијалот и зголемување на продуктивноста“ ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Институтот за економски истражувања и политики - Finance Think.
На настанот, како што најави организаторот, воведни обраќања ќе имаат претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова и заменик британскиот амбасадор во Северна Македонија, Даниел Филер.
Скопје - Панел дискусија „За посигурна иднина на животните: Законски промени сега“ ќе се одржи денеска во младинскиот центар „Матично“ при Општина Центар, во организација на Либералниот Институт Скопје.
Панел дискусијата, како што велат организаторите, доаѓа по сѐ позачестените случаи на злоупотреба и насилство кон животните, но и недоволната ангажираност и реакција на надлежните институции кои треба да ги штитат истите, независно дали се работи за домашни миленици или улични и напуштени животни.
Скопје - Лансирањето на проектот „City and Me“, ќе се одржи денеска со почеток од 10:30 часот во големата сала на „Киноверзум“ во Домот на Култура „Билјана Беличанец“. Апликацијата ги наградува граѓаните на општина Кисела Вода доколку повеќе пешачат, рециклираат или пријавуваат проблеми на локално ниво.
Како што соопштуваат од Општина Кисела Вода, Балканската апликација City and Me веќе брои над 30.000 корисници, а Општина Кисела Вода е првата општина во Македонија каде што оваа апликација ќе биде официјално имплементирана.
Скопје - Во организација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Катедрата за романски јазици и книжевности, францускиот амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер денека ќе одржи предавање на тема „Постои ли се уште нешто што е само француско?“.
Предавањето се одржува во рамките на манифестацијата Денови на Франкофонијата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје“ и ќе се реализира на француски јазик, со консекутивен превод на македонски јазик.
Белград - Вишиот суд во Нови Сад претпладнево се очекува да ја соопшти одлуката за обвинението покренато против 13 лица по падот на бетонската настрешница на железничката станица во тој град на 1 ноември лани, јави дописникот на МИА од Белград.
Одлуката ќе биде објавена во 11 часот.
При падот на настрешницата на 1 ноември минатата година, 14 лица загинаа на лице место, а тројца беа тешко повредени, од кои двајца подоцна им подлегнаа на повредите.
Брисел - Над 20 години зборуваме за интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, но не е постигнат значителен напредок на тој план, бидејќи најчесто соседните земји „ставаат кочница”, изјави министерката за Европа, интеграција и семејство на Австрија, Клаудија Плаколм во интервју за австриската агенција АПА.
Таа смета дека ЕУ треба да им дозволи на „напредните кандидати за членство“, како Црна Гора, Северна Македонија и Албанија, да учествуваат во програмите на Унијата.
Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека суспензијата на американските реципрочни санкции претставува „кревка пауза“ и оти Европа мора да продолжи да работи на контрамерки за да се заштити.
- Заедно со Европската комисија мора да покажеме сила: Европа мора да продолжи да работи на сите неопходни контрамерки, напиша Макрон на Х.
Њујорк – Цената на златото достигна нов рекорд во услови кога расте загриженоста за трговската војна меѓу САД и Кина.
Една унца злато сега вреди повеќе од 3.200 долари (2.454 фунти), што е првпат да ја надмине таа граница, бидејќи инвеститорите се свртуваат кон таканаречените „безбедни засолништа“.
Берлин - Германија во текот на годината планира да лансира нов модел на доброволна воена служба, со првични чекори, вклучително и рестартирање на процедурите за воена регистрација и следење, рече министерот за одбрана Борис Писториус, пренесе ДПА.
-Откако ќе заврши законодавниот процес, можеме да започнеме да ги примаме и обучуваме првите регрути, рече тој за ДПА, додавајќи дека се очекува уште во првата година да се приклучат околу 5.000 нови војници.
Варшава – Додека поддршката за полската крајно-десничарска партија Конфедерација расте пред претседателските избори во мај, еден од нејзините пратеници изјави дека земјата треба да биде подготвена да ја напушти Европската Унија (ЕУ), јави Анадолија.
- Пред сè, треба да бидеме подготвени за тоа ЕУ да се распадне, изјави пратеникот на Конфедерација, Михал Вавер, за полското радио ЗЕТ.
Брисел - Зголемувањето на можностите на ЕУ за инвестирање и финансирање на одбраната и безбедноста на Европа, состојбата на финансиските пазари и актуелната геополитичка ситуација ќе бидат главни теми на дводневниот неформален состанок на министрите задолжени за економија и финансии на земјите членки на Унијата, што почнува денеска во Музејот на полската армија во Варшава.
Вашингтон - Бостонскиот федерален судија Индира Талвани во четвртокот ја блокираше одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да им го одземе привремениот правен статус на стотици илјади Кубанци, Хаиќани, Никарагваци и Венецуелци во Соединетите Американски Држави.
Во својата одлука, Талвани навела дека одлуката за одземање на привремениот правен статус на мигрантите на две години е заснована на погрешно толкување на законот бидејќи овие мигранти легално ја преминале американската граница.
Вашингтон - Американските власти до септември оваа година ќе ја утврдат причината за аутизмот, изјави американскиот секретар за здравство Роберт Кенеди Џуниор.
„Ќе знаеме до септември. Почнавме масовно тестирање и истражување во кое ќе бидат вклучени стотици научници од целиот свет“, рече Кенеди на состанокот на кабинетот на претседателот Доналд Трамп.
„До септември ќе знаеме што ја предизвикало епидемијата на аутизам и ќе можеме да ги елиминираме тие изложувања“.
Вашингтон - Американскиот државен секретар Марко Рубио се сретна со финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен, за време на нејзината посета на Вашингтон, со која разговараше за европската безбедност, ситуацијата во Украина и билатералните односи меѓу двете земји, соопшти Стејт департментот.
Рубио нагласи дека го цени придонесот на Финска за европската безбедност и одлуката на земјата да ги зголеми трошоците за одбрана, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Москва - Москва вчера ги отфрли тврдењата на Киев дека кинески државјани се борат заедно со руските сили во Украина, пренесе ДПА.
-Тоа не е така, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за руските медиуми.
Песков рече дека Кина има „урамнотежена“ позиција во војната, иако Кина е „стратешки партнер и пријател“ на Москва.
Лондон – Британскиот принц Хари се сретна со жртвите на војната во Украина во ненајавена посета како дел од неговата тековна работа за поддршка на повредените ветерани, изјави неговиот портпарол.
Војводата од Сасекс вчера го посети Центарот „Суперлуѓе“ во Лавов, ортопедска клиника и центар за рехабилитација за возрасни и деца погодени од војната во Украина.
Њу Џерси - Шест лица, семејство шпански туристи и пилотот, загинаа при пад на хеликоптер во реката Хадсон кај брегот на Њу Џерси.
Меѓу жртвите, според полициски извори, е и Агустин Ескобар, директор од Сименс, заедно со неговото семејство.
Како што изјави комесарот на њујоршката полиција Џесика Тиш, повикот до итната помош пристигнал во 15:17 часот.
Тел Авив – Израел и Египет размениле нацрт-документи за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците, пренесе Тајмс од Израел повикувајќи се на радио Кан.
Предлозите имаат за цел да го премостат египетскиот компромисен предлог и предлогот на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф за договор, се вели во извештајот.
Високи израелски функционери изјавиле за радиото дека е можно наскоро да се постигне договор.
Бихар - Најмалку 58 лица загинаа во невремето придружено со грмежи и град што погоди неколку области на источната индиска држава Бихар, соопшти локалната власт.
Според официјалните податоци, 23 лица загинале од удари на гром, додека други 35 лица загинале во несреќи поврзани со невремето, вклучително и паѓање дрвја и уривање ѕидови поради силните ветрови и обилните врнежи, јави Индија ТВ.
Најпогодена е областа Наланда, каде што се регистрирани 22 смртни случаи.
Монте Карло - Стефанос Циципас бараше континуитет во изминатите 12 месеци, а сега се чини дека е подготвен да направи потег што би можел да му даде можност да ја ресетира својата приказна во кариерата.
Во написот на грчкиот весник „Газета“ се тврди дека поранешниот шампион на Вимблдон, Горан Иванишевиќ ќе му се приклучи на тимот на Циципас по Ролан Гарос, што би било храбар потег.
Иванишевиќ работеше со Новак Ѓоковиќ за време на плодниот период на успех на српскиот тенисер, а имаше и многу кратка соработка со Елена Рибакина на ВТА турнејата за време на Австралија Опен претходно оваа година.