• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

10 април 2025 

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска и утре учествува на 10. издание на „Делфи економски форум“, што оваа година се одржува од 9 до 12 април во истоимениот град во Грција.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопштија дека во рамки на форумот, министерот Муцунски ќе се обрати на пленарна сесија на тема „Дали ЕУ–САД алијансата е надвор од поправка?“.

Скопје - Од октомври 2025 година, деловните банки од земјава ќе можат да се приклучат кон платните системи на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), со што се отвора патот за побрзи, поевтини и поефикасни прекугранични плаќања во евра. Народната банка активно го следи процесот на подготовка на банките за пристап кон СЕПА, што опфаќа правна, техничка и оперативна усогласеност со европските стандарди, посочува вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во интeрвју за националниот сервис МТВ.

Придобивките за граѓаните и компаниите, вели таа, ќе бидат значајни – намалени трошоци, поедноставени постапки и многу пократко време за трансакциите. Парите испратени од странство, вклучително и оние од иселениците, ќе пристигнуваат во текот на истиот или следниот работен ден, со значително пониски трошоци, а банките ќе треба да им ги пренесат овие придобивки и на клиентите преку пониски надоместоци.

Скопје  - Напредокот и понатамошната реализација на втората фаза од ветерниот парк Богданци, фотонапонската електрана „Битола 2“, како и третата фаза од ревитализацијата на големите хидроелектрани беше во фокусот на работната средба меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и Клаус Милер, директор на КфВ банка за Југоисточна Европа и Турција, што се одржа во рамките на ЕСГ Адриа самитот 2025 во Тиват, на која присуствуваше и директорот за финансии на АД ЕСМ Иван Стојановски.

-Овие проекти не само што го зголемуваат домашното производство на електрична енергија, туку и го зајакнуваат целиот енергетски систем на државата. Партнерството со КфВ банката е значаен поттик за трансформацијата кон одржлива енергетика, истакна Божиновска.

Скопје - Продолжува потрагата по исчезнатото повозрасно лице од селото Степанци во Општина Штип, информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК). 

Лицето последен пат било видено на 5 април 2025 година, а за исчезанто било пријавено на 7 април 2025 година во 16:20 часот на бројот за итни случаи 112.

Истанбул - Двајца турски новинари, Тимур Сојкан од весникот „БирГун“ и Мурат Агирел од весникот „Џумхуриет“, се приведени денеска на основа на, како што наведуваат весниците, лажни обвиненија кои произлегуваат од нивното работење.

Сојкан, кој е и писател, и Агирел се уапсени во нивните домови под обвинение за закани и уцени во истрагата на главниот јавен обвинител во Истанбул. За време на претресот биле прегледани компјутери и други дигитални материјали, пишува весникот „Џумхуриет“.

Сараево - Во рамките на акцијата со кодно име „Плик“, по наредба на вршителот на должноста обвинител на Обвинителството на Кантонот Сараево, истражителите на МВР на Кантонот Сараево (КС) ги лишија од слобода Адна Месиховиќ, министерка за наука, високо образование и млади на КС и нејзината помошничка Џенита Витешкиќ.

Ова во заедничко соопштение го објавија Обвинителството на КС и МВР на КС. Тие се осомничени за кривично дело злоупотреба на положба или овластување. Поконкретно, тие се осомничени за незаконски вработувања во министерството.

Истанбул - Вториот круг од руско-американските преговори почнаа утринава во 9 часот во Истанбул, јавика руските медиуми.

Средбата се одржува во рускиот Генерален конзулат во Истанбул, а Москва ја претставува амбасадорот во САД Александар Дарчиев, додека Вашингтон е претставен од заменик-помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања Соната Култер. На местото на преговорите прво пристигна руската делегација, а потоа и Американците.

Брисел - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ја поздрави најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ги паузира новите „реципрочни царини“ за повеќето земји на 90 дена за да овозможи преговори, јави ДПА.

-Тоа е важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија, рече фон дер Лајен.

„Јасните, предвидливи услови се од суштинско значење за функционирањето на трговијата и синџирите на снабдување. Европската унија останува посветена на конструктивни преговори со САД со цел да се постигне трговија без триење и взаемно корисна“, додаде таа, пренесе германската агенција.

Тајпеј - Тајван е целосно подготвен и воспостави робусни канали за комуникација со САД, изјави денеска тајванскиот министер за надворешни работи Лин Чиа-Лунг.

Коментарите на Лин дојдоа веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп објави 90-дневна пауза на „реципрочните“ тарифи со исклучок на Кина.

Брисел  - Мерките, чие воведување вчера го одобрија земјите членки на ЕУ како одговор на американските царини за увоз на челик и алуминиум од Унијата во висина од 25 отсто, ќе ја чинат економијата на САД дополнителни трошоци од околу 22 милијарди евра. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, овие мерки предвидуваат воведување царини во висина од 10 до 25 проценти за увозот во ЕУ на низа американски производи, вклучувајќи и тутун, мотоцикли, живина, челик и алуминиум. 

Брисел - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен утрово ја поздрави одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп „да го паузира“ воведувањето на некои реципрочни царини за увозот од стоки од десетици земји за период од 90 дена, оценувајќи ја како „важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија“, јави дописникот на МИА од Брисел. 

- Ја поздравувам најавата на претседателот Трамп за паузирање на реципрочните царини. Тоа е важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија. Јасни, предвидливи услови се од суштинско значење за функционирањето на трговијата и синџирите на снабдување, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс. 

Рим - Папата Франциск вчера приватно се сретна со британскиот крал Чарлс Трети и кралицата Камила за време на нивната четиридневна државна посета на Италија. Средбата, како што пренесува италијанската новинска агенција АНСА, се одржала во неговата резиденцијата во домот Света Марта во непосредна близина на базиликата Свети Петар во Ватикан. 

Тоа беше првата јавно позната средба на папата со некој државник по неговото враќање во Ватикан, откако помина пет недели во болница поради пневмонија.

Сан Франциско - Најмалку 70 сиви китови угинале од почетокот на годината во плитките лагуни на полуостровот Долна Калифорнија во Мексико, каде што животните се собираат за да се парат и да се породат.

Три сиви китови угинале во заливот Сан Франциско за време на нивната миграција кон север, а еден покажал знаци на неухранетост, пишува „Лос Анџелес Тајмс“.

Вашингтон - Изненадната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп да ги паузира големите царини што ги наметна на десетици земји денеска ги зголеми глобалните берзи, дури и откако ја интензивираше трговската војна со Кина.

Пресвртот на Трамп, објавен во средата, помалку од 24 часа откако беа наметнати големите нови царини на повеќето трговски партнери, следеше по најинтензивната епизода на нестабилност на финансискиот пазар од првите денови на пандемијата Ковид-19.

Бангкок - Специјалната пратеничка на Обединетите нации за Мјанмар, Џули Бишоп ја посети земјата и се сретна со министерот за надворешни работи Тан Свeo, токму во моментот кога Мјанмар се опоравува од земјотресот во кој загинаа повеќе од 3.600 луѓе.

Бишоп освен со Свео се сретна и со други официјални лица пред оштетената зграда на Министерството за надворешни работи во главниот град Нејпидо, објави мјанмарската државна телевизија МРТВ. Мјанмар на 28 март го погоди земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала.

Остани поврзан