• четврток, 11 јули 2024
МИА Радио флеш

 11 јули 2024

 - Бремените жени и лицата над 60 години од утре до следниот четврток се ослободуваат од работни обврски, одлучи Владата на денешната онлајн седница.  Поради топлотниот бран што ја зафати земјава се препорачува работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 до 17 часот. На седницата, како што информира владината прес-служба, е донесена и одлука во детските градинки да не се  изнесуваат децата на отворено во период од 11 до 17 часот. - Владата им препорачува на единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и на бездомници, a со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област, се вели во соопштението од Владата.

- Полицаецот Игор Марков од гевгелиско Негорци, кој минатата година застрела смртно 23-годишна мигрантка, е ослободен од обвинение. Ваква пресуда донесе Кривичен суд во судската постапка што се водеше во врска со смртта на 23-годишна мигрантка. Обвинетиот и неговите адвокати не беа присутни во судницата. Судот изрази жалење и сочувство до блиските и до сопругот на мигрантката. Право на жалба се има во рок од 15 дена по прием на пресудата, до Апелационен суд.

 - Според Конкурсот за упис во академската 2024-2025 година, што вчера го објави Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, на студиската програма Семејни студии на Филозофскиот факултет може да се запишат 20 редовни студенти во државната квота, ист број редовни со кофинансирање на студиите и десет вонредни студенти, а соодносот е ист и на Родовите студии на овој факултет.  Насоката Семејни студии е акредитирана пред десет години, но останува нерешен проблемот студентите што ќе дипломираат како семејнолози т.е. го стекнуваат звањето дипломиран едукатор по семејни студии да може да се вработат во јавните установи центри за социјална заштита. 

- Министерот за здравство Арбен Таравари во изминатите неколку дена именувал неколку нови в.д. медицински директори, соопшти Министерството за здравство. -На Универзитетска клиника за дигестивна хирургија за директор е именуван проф. д-р Огнен Костовски, на Клиниката за пулмологија и алергологија за директор е именуван прим. д-р Оливер Зафировски, додека на Клиниката за детски болести за директор е именуван д-р Реџеп Мемеди, стои во соопштението. Оттаму додаваат дека во Градска општа болница „8 Септември“ за директор е именуван проф. д-р Синиша Стојаноски

 - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, денеска имаше работна средба со претставниците на МАРЕС – Македонската асоцијација за обновливи извори на енергија, организација во која членуваат, како домашни, така и странски субјекти кои се активни во доменот на обновливите извори, соопшти нејзиниот кабинет. Божиновска ги запозна соговорниците со приоритетите на новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и во таа прилика потенцираше дека очекува да се воспостави значајна соработка со асоцијацијата, имајќи ги предвид стратешките цели за зелена транзиција и декарбонизација на државата во наредните години. 

- Министерот за локална самоуправа Златко Перински, денеска имаше средба со Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП - Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP - United Nations Development Programme). Главен фокус на состанокот беше статусот на тековните проекти, кои се придобивките од имплементираното досега, како и што може да се подобри во иднина за идните планови и активности, сѐ во насока на продлабочување на соработката, со цел зајакнување на капацитетите на единиците на локалната самоуправа во сите сфери, соопшти Министерството за локална самоуправа.

 – На седница на партискиот Централен одбор, ЗНАМ - За наша Македонија ги утврдила кандидатите за двајца заменици министри во Владата, во министерствата за дигитална трансформација и за енергетика и рударство. Како што соопшти портпаролот на партијата Никола Мемов на прес-конференција, за кандидат за заменик-министер за енергетика е предложен Мирослав Лабудовиќ, магистер по електротехника, роден 1982. За кандидат за заменик-министер за дигитална трансформација од УО на ЗНАМ е предложен Радослав Настасијевиќ Варџиски, магистер по економски науки, роден 1987 година. 

 - Сендвичарница во Аеродром е превентивно затворена по извршен инспекциски надзор, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство. По добиено  известување од ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје, за сомнеж за можно труење, инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство во координација и соработка со стручни лица од Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје и Државниот здравствен и санитарен инспекторат, вчера спровеле вонреден инспекциски надзор во сендвичарница во скопски Аеродром.  Основ за вонредната инспекциска контрола се пријавени девет случаи, од кои пет лица лабораториски потврдени со наод на Салмонела (Salmonella infection), три лица со гастроентероколитис (Gastroenterocolitis) и едно лице со Intoxicatio alimentaris (труење со храна).

 - Од полноќ се намалува малопродажната цена на мазутот, додека цените на бензините остануваат непроменети, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.  Мазутот се намалува за 1,009 денари за килограм и тој од полноќ ќе се продава по цена од 47,625 ден/кг. Еуросуперот БС 95 и понатаму ќе се продава по цена од 84 денари за литар, Еуросупер БС - 98 по цена од 86 денари за литар, а дизелот по цена од 77 денари за литар.  Непроменета останува и цената на Екстра лесно масло кое ќе се продава по 75,5 денари за литар. 

- Германските болници се соочуваат со растечка финансиска криза, според  истражување спроведено во оваа индустрија, јави ДПА. Повеќе од половина од 650 директори на болници кои беа анкетирани, сметаат дека ликвидноста на нивните институции е „ризична“ или дури „многу ризична“ во второто тримесечје од 2024 година, покажува истражувањето на консултантската фирма Роланд Бергер. Во просек, 28 отсто од болниците би можеле да се соочат со несолвентност до крајот на годината, според самоевалуацијата.

 – Пожар ја зафати кулата на готската катедрала во францускиот град Руан, во Нормандија, покажуваат телевизиските слики. Катедралата, една од најубавите во Франција, била насликана неколку пати од импресионистичкиот уметник Клод Моне во 19 век. Телевизиските снимки на BFM покажаа темен облак чад што се издигнува од кулата и луѓе со ужасен изглед на улиците. Сцената потсетуваше на разорниот пожар во катедралата Нотр Дам во Париз во 2019 година.

 – Десет рудари се повредени по земјотрес во рудникот за јаглен Ридултови, во јужна Полска, а по десетици други се трага, соопштија денеска локалните власти. Се уште не е утврдена причината за земјотресот, што се случи на длабочина од 1.200 метри утринава околу 8 часот. Официјалните лица соопштија дека во тоа време во окното на рудникот имало 68 рудари. На површина излегле 15, од кои 10 се повредени и хоспитализирани. Болницата во блискиот град Катовице извести дека сите се во стабилна состојба. Рудникот е отворен во 1792 година и вработува околу 2.000 рудари.

– Украина заплени брод во пристаништето Рени во Одеса поради нелегален извоз на земјоделски производи преку пристаништата на Крим кои се под руска окупација, потврди Канцеларијата на главниот обвинител на Украина. При претресот на бродот, одземена е документацијата на бродот, системот АИС, компјутерот и документите издадени од окупациската управа на поморското трговско пристаниште Севастопол. Капетанот на бродот, државјанин на Азербејџан, е осомничен за прекршување на процедурата за влез и напуштање на привремено окупираната територија на Украина.

 - Две третини од Американците сакаат американскиот претседател Џо Бајден да се повлече од изборната трка, покажува најновата анкета на Еј-Би-Си-Њуз, Вашингтон Пост и Ипсос. Анкетата е направена во време кога е зголемен политичкиот притисок врз Бајден по неговиот несигурен настап во ТВ дебата на 27 јуни со републиканскиот противкандидат Доналд Трамп. Времето на објавување на анкетата би можело да биде значајно бидејќи во текот на денот е планирано демократите во Сенатот да одржат средба со претставници на кампањата на Бајден, откако сенаторот Питер Велч, највисокиот демократ, го повика Бајден да се повлече од трката, наведува неделникот „Њусвик“.

Остани поврзан