• четврток, 11 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 11 јули 2024 

Неготино - Поради опасност од ширење на пожарот во Неготинско, упатен е апел, жители од неколку села да ги напуштат живеалиштата. Вакво соопштение штотуку издаде Штабот за заштита и спасување на Општина Неготино. 

- Се упатува апел до населението во општина Неготино и тоа во селата Пештерница, Бела Вода, Калањево, Липа, Брусник и околните места, да ги напуштат своите живеалишта/престојувалишта и да се засолнат на безбедно место во градот или околните села што не се зафатени од пожарот, поради опасноста од забрзано ширење на истиот, се вели во соопштението.

 

Гостивар - Полицајци од ОВР Гостивар, вчера во 12.30 часот, на улица „Панче Попоски“ во Гостивар го лишиле од слобода гостиварецот Т.М.(43), поради основано сомнение дека претходната ноќ извршил три кражби, во кои биле одземени половни делови од возила и алат.

Како што соопшти МВР, кај него биле пронајдени и одземени предмети кои потекнуваат од кривичните дела, кои ќе бидат вратени на сопствениците, а тој е задржан во полициска станица и по комплетно расчистување и документирање на случајот ќе биде изготвен соодветен поднесок. 

 

Дебар - Врз основа на одлуката на Советот, а согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, Општина Маврово и Ростуше информираше дека денеска и утре во вечерните часови  ќе биде спроведена теристичка адултицидна дезинсекција.

-Се известуваат граѓаните на подрачјето на општината Маврово и Ростуше дека на ден 11 и 12 јули, четворток и петок, во вечерните часови,  општината во договор со екипата на ЈЗУ Центар за Јавно Здравје Тетово ќе спроведува теристичка адултицидна дезинсекција. Истата ќе се врши со апарат УЛВ генератор за ладно замаглување поставено на возило со ротационо светло, стои во известувањето.

Се напоменува дека поради спецификата на работата активностите ќе се вршат во вечерните часови почнувајќи од 21 па се до раните утрински часови.

-Ќе бидат опфатени зелени површини, населени места и депонии. Поради тоа, се замолуваат пчеларите и пчеларските задруги да ги преземат соодветните мерки за заштита на пчелите, се нагласува во известувањето.

Првата тристичка ларвицидна дезинсекција со која беа опфатени зелени површини и канали, во оваа општина, беше реализирана на почетокот на минатиот месец. 

 

Крива Паланка - По речиси една деценија пауза, официјално е ставен во функција градскиот базен во Крива Паланка. Ватерполо клубот „Крива река" што стопанисува со базенот, го отвори за капачи и посетители, а отворени се и школа за пливање и школа за ватерполо.

-Градскиот базен во Крива Паланка конечно е место кадешто присутните можат да уживаат и да се разладат од летните горештини, особено на овие екстремно високи температури. Летото во градот нуди нови можности и содржини за младите, велат од општината.

Ватерполо клубот „Крива река" чијшто претседател е познатиот македонски ватерполист, Боро Стефановски, минатата година потпиша концесија за период од десет години за стопанисување со градскиот базен во Крива Паланка и најави дека се направат напори да се вложува етапно во што поголема функционалност не само на базенот, туку и на целиот комплекс содржини.

- Имавме исклучиво голема работа за репарирање и оспособување на базенот како инфраструктура, тоа е завршено. Веќе сме на добра стартна основа, базенот е отворен, капачи има, а активна е и школата за пливање и ватерполо. Бројни заинтересирани дечиња од градот веќе ја посетуваат школата, а деновиве ги посети и со нив работеше и мојот брат Томи, така што навистина, ова е одлична можност за младите од Крива Паланка. Отворени сме и за сите посетители од целиот регион, рече Боро Стефановски, кој раководи со школата.

 

Кавадарци - „Ако управуваш со мотоцикл или велосипед со помошен мотор, носи кацига“, беше мотото на синоќешната превентивна акција што се реализираше низ улиците во Кавадарци. Акцијата ја реализираа Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (ОСБСП), ОВР - Кавадарци, инспекторите за превенција, мото-клубот „Тиквеш рајдерс“, РСБСП - Скопје. 

- Од страна на инспекторите за превенција и УПС, беа запирани мотоцикли и мопеди и од членови на ОСБСП - Кавадарци и на мото-клубот „Тиквеш рајдерс“, им беа делени флаери со превентивна содржина, а се извршуваше и краток разговор со возачите, појаснија организаторите на акцијата.

Притоа беше нагласено дека превенцијата е важен сегмент во безбедноста во сообраќајот на патиштата. 

 

Скопје  - ЈП Водовод и канализација – Скопје ја известува јавноста и граѓаните на град Скопје, дека акцијата за отплата на долговите без пресметка на камата за физички и правни лица за задоцнето плаќање е во тек, започна  на  20 јуни и  ќе трае заклучно со 31 јули 2024. По истекот на овој период одлуката престанува да важи.

Од ЈП Водовод и канализација Скопје ги повикуваат  сите корисници кои имаат заостанат долг во овој период да аплицираат за склучување на договори за отплата на долговите на најмногу 48 рати за физички лица и 24 рати за правни лица, во зависност од висината на долгот, без пресметка на камата за задоцнето плаќање.

Одлуката за спроведување на акцијата за отплата на заостанатите долгови без пресметка на камата не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од јавен интерес.

Додаваат дека за  секоја дополнителна информација за услугите на ЈП Водовод и канализација – Скопје заинтересираните да  контактираат  на :

02 3073 010, Дежурно Информативен Центар;02 3240 300, Дирекција; kontakt@vodovod-skopje.com.mk; www.vodovod-skopje.com.mk; www.facebook.com/jpvodovod.skopje .

Остани поврзан