• четврток, 11 јули 2024
МИА Радио флеш

11 јули 2024

- Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, попладне со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната ќе достигне од 34 до 41 степен. УВ-индексот ќе има вредност 9. Во Скопје ќе биде сончево и многу топло, со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне 39 степени. Според прогнозата на УХМР, продолжува периодот на сончево и многу топло време со дневна температура која насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа ќе надминува 40 степени.

- Во Собранието денеска седници ќе одржат Комисијата за одбрана и Законодавно-правната комисија. На дневен ред на двете комисии е Предлог на одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“, во Република Либан. 

 - Собранието денеска треба да ја започне 10. седница на која на дневен ред се повеќе точки, генерално закони по скратена постапка. На седницата треба да бидат верификувани мандатите на Јане Мицевски од Изборната единица 1 и Малиша Станковиќ од Изборната единица 2, двајцата од коалицијата Твоја Македонија.  На дневен ред се исто така и Предлог на одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“, во Република Либан.

– Таксистите во Атина, организирани од нивниот Синдикат утрово започнаа 24-часовен штрајк поради амандман од Министерството за туризам што се однесува нивниот сектор, јави дописничката на МИА од Атина.  Грчката метропола од 6 часот до утре наутро ќе биде без такси превоз.Од Синдикатот, паралелно закажаа и протест на кој ги повикаа на учество таксистите заедно со нивните возила.

– Двајцата лидери се согласија за заемната корист од одржувањето на мирната клима во билатералните односи, како и за интензивирање на соработката за постигнување на целта за двојно зголемување на обемот на билатералната трговија, информираа од кабинетот на грчкиот премиер за средбата на Кирјакос Мицотакис со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон, јави дописничката на МИА од Атина.  На средбата, Мицотакис и Ердоган разговарале за прашања од меѓународен и регионален интерес со акцентот на последните случувања на Блискиот Исток и во Украина, а ги разгледале и билатералните односи по нивната средба во мај во Анкара.

- НАТО официјално се обврза да обезбеди воена помош за Украина во висина од 40 милијарди евра следната година, стои во заклучната декларација усвоена од шефовите на државите и владите на земјите-членки на Алијансата на состанокот во Вашингтон. „Ние имаме намера да обезбедиме пакет основна помош во вредност од најмалку 40 милијарди евра следната година и потоа да ја одржуваме безбедносната помош на одржливо ниво, така што Украина ќе победи“, се наведува во соопштението, одобрено вчера по локално време во главниот град на САД од Северноатлантскиот совет - највисокиот политички орган за донесување одлуки во НАТО.

 - Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија лансирала две балистички ракети Искандер-М и шест беспилотни летала Шахед во нападот врз Украина денеска во раните утрински часови. Едно лице е повредено во ракетен напад врз североисточниот регион Шуми, соопштија регионалните власти. Украинската воздушна одбрана соопшти дека ги соборила сите шест беспилотни летала лансирани од Русија над четири украински региони.

- Украинскиот главен обвинител Андриј Костин вчера ги обвини руските сили за убиство на двајца украински војници заробени минатиот месец во делумно окупираната од Москва област Запорожје во југоисточна Украина, објавија британските медиуми. Тој рече дека видеото објавено на социјалните мрежи покажува дека руски војници им наредуваат на двајца невооружени украински војници да клечат во ров пред да бидат застрелани.  -Видеото јасно покажува дека Украинците се предаваат и не претставуваат закана. Сепак, окупаторите цинично егзекутираа невооружени мажи, напиша Костин на социјалната платформа „Х“. Тој додава дека месецот на убиствата е утврден со спроведената истрага.

– Заменик-министер за надворешни работи на Русија, Михаил Галузин изјави дека Москва е незадоволна од фактот што Ерменија учествува на Самитот на НАТО во Вашингтон. Ерменија со соработката со НАТО ризикува да ја дестабилизира ситуацијата во Јужен Кавказ и да ја поткопа сопствената безбедност, наведе Галузин. 

– Од 1989 година 11 јули се одбележува како Светски ден на населението со цел да се подигне свеста за прашањата кои влијаат врз светската популација. На иницијатива на демографот во Светската банка, К. Ц. Захарија, Управниот совет на Програмата на Обединети нации за развој (УНДП) го прогласува 11 јули за Светски ден на населението. На денешен ден во 1987 година светското население достигна пет милијарди. Според статистичките податоци, во ноември 2022 година, светската популација достигна бројка од осум милијарди луѓе.

 – На средбата на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон, претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук-јол и јапонскиот премиер Фумио Кишида изразија загриженост за врските помеѓу Русија и Северна Кореја. - Сеул и Токио се договорија да ја продолжат соработката на полето на безбедноста, се наведува во соопштението од кабинетот на Јун. Во меѓувреме, Кина реагира поради невообичаеното влегување на јапонска ескадрила-разурнувачи во кинеските води во близина на Тајван. - Јапонската морнарица не ја извести Кина, што предизвика „сериозна загриженост“ во Пекинг, објавија синоќа кинеските медиуми.

- Кина го обвини НАТО дека ја оцрнува земјата и побара од Алијансата да остане надвор од Азија, бидејќи нејзината војска демонстрираше зголемено влијание со рекорден број воздушни операции во близина на Тајван и поморски вежби во близина на Филипините. Пекинг денеска го критикуваше НАТО поради обвинувањата на трансатлантската алијанса дека Кина станала „одлучувачки овозможувач“ на руската војна против Украина. Лидерите на НАТО побараа вчера Кина да „прекине со секаква материјална и политичка поддршка на руските воени напори“ во нејзината најжестока досега осуда на Пекинг.

– Во Кина ќе биде поведена истрага поради тврдењата дека во цистерни за гориво, без соодветно да се исчистат, се транспортирало масло за јадење. Истрагата е иницирана откако граѓаните на социјалните мрежи изразија загриженост поради потенцијалната контаминација на храната. Голем број граѓани последниот скандал го споредија со аферата со млекото во 2008 година, кога се разболеа 300.000 деца, а најмалку шест починаа откако пиеја млеко во прав контаминирано со високо ниво на индустриската хемикалија меламин. 

- Селекторот на Англија, Герет Саутгејт ги искажа очекувањата за финалето на Евро 2024. -Токму за ова дојдовме. Ќе биде неверојатно тежок натпревар против Шпанија. Ќе се сретнеме со најдобриот тим на Еврото во моментов. Но Англија се уште е тука. Ќе играме со нив по навистина добар полуфинален натпревар. Многу сум среќен за сите, изјави Саутгејт на веб-страницата на УЕФА. Англија во финалето на Европското фудбалско првенство 2024 ќе игра против Шпанија. 

Остани поврзан