• четврток, 11 јули 2024
МИА Радио флеш

11 јули 2024

– Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска како врховен командант на Армијата, ги посети армиските припадници од Баталјонот на специјални сили кои изведуваат обука во Кампот за обука на вода на Охридското Езеро. По пречекот со воени почести, претседателката Сиљановска Давкова во придружба на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски беше брифирана за капацитетите на Баталјонот на специјални сили, а потоа имаше можност да се запознае преку презентација со вежтините и подготвеноста на припадниците на единицата за изведување сложени на операции на вода и приказ на боречки вештини. - Откако видов, сега ми е јасно зошто нашата армија ја ужива највисоката доверба кај граѓаните. Сигурно она што го видов граѓаните го чувствуваат,најчесто од своите блиски...Сум знаела дека нашето учество во бројни мисии е заслужено, знам колку награди добиле овие луѓе, но сега на лице место видов што се можат да направат. Уште еднаш, зборови на немерлива почит, горда сум што сум командантка на овие луѓе, на нашите вооружени сили, посакувам да нема потреба да бидат употребени, но знам дека оваа земја треба да се чувствува безбедно, рече претседателката.

 

 - Да се изврши активирање на резервниот состав на пожарникари на општина Неготино, е еден од заклучоците на Штаб за заштита и спасување, по големиот пожар во неготинско. - РЦУК Неготино да ги преземе сите со закон предвидени надлежности за постапување во случај на елементарна непогода и контакт со соодветните институции и органи на РСМ. Институциите основани од Општина Неготино да ги стават на располагање сите материјални и човечки ресурси за справување со настанатите пожари, се вели во заклучоците. Правните субјекти кои располагаат со соодветна механизација во рамките на можностите, што не ја попречуваат нивната дејност, да ги стават на располагање своите ресурси. Заклучено е да  се достави барање до ЈЗУ „ Здравствен дом “ Неготино за постојана екипа на Итната медицинска помош на терен. 

 

- Долго време регионот и Македонија како држава беа заложници на минатото. Потребно е да се фокусираме на иднината и она кое што следи со иднината. Да ја направиме Македонија повторно горда, но и да го направиме Балканот повторно горд. Да бидеме добри соседи, да се разбираме и да соработуваме. Тоа е она кое што го очекуваат граѓаните од нас, и тоа е она на кое што јас како претседател на Владата ќе бидам фокусиран во годините кои што следат, изјави премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон. Мицкоски, кој во Вашингтон присуствува на НАТО Самитот по повод 75 години од формирање на Алијансата, информираше дека денеска разговарал со црногорскиот премиер, хрватскиот претседател, унгарскиот премиер, а ја издвои и средбата со соседите, бугарскиот и албанскиот премиер.

 

- Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со колегите од Италија, Албанија и Бугарија, Гуидо Кросето, Нико Пелеши и Атанас Запријанов, вчера на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон потпишаа Писмо на намери за воспоставување на хармонизиран коридор за воена мобилност во рамките на Паневропскиот Коридор VIII, за потребите на Алијансата. Ова, како што соопштуваат од МО, е првиот меѓународен документ потпишан од страна на новата Влада. Целта на оваа иницијатива е да се овозможи побрз проток на воените сили и опрема на Алијансата преку поедноставување на националните процедурите за граничен премин, особено во услови на криза.

 

- Во рамки на активностите поврзани со НАТО Самитот на шефовите на држави и влади на НАТО по повод 75-годишнината од Алијансата, на 10 и 11 јули 2024 г. во Вашингтон паралелно се одржа НАТО Јавен Форум со бројни учесници на глобално ниво. Парламентарното собрание на НАТО, преку Одделот за јавна дипломатија во НАТО, обезбеди покана за сите шефови и заменици шефови на делегациите на парламентите на земјите-членки на ПС НАТО, за учество на Форумот. Од Собранието на Форумот учествуваше пратеникот Миле Талевски, заменик-шеф на Делегацијата на Собранието во ПС НАТО.

 

 - Преку дигитализација до намалување на бирократија и на можноста за злоупотреби, се наведува во денешното соопштение на Фондот за здравствено осигурување (ФЗ). Решавање на проблемите со што се соочуваат лекарите во државава, било тема на разговор на директорите на ФЗО, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, со претставници на Здружението на приватни лекари (ЗПЛ), Лилија Чолакова Дервишова и Мевљудин Куч. 

 

- Меморандум за соработка денеска ќе биде потпишан меѓу Уставниот суд и Правниот факултет „Јустинијан Први” - Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.  Меморандумот ќе го потпишат претседателот на Судот Дарко Костадиновски и деканот Сашо Георгиевски.  Потпишувањето на меморандумот, како што информираат од Судот, е првиот чекор кон реализирање на еден од врвните приоритети на претседателот Костадиновски, којшто при преземањето на функцијата најави дека ќе се заложи за интензивирање на соработката и интеракцијата на Уставниот суд и науката.  На потпишувањето на меморандумот претходеше работна средба што се одржа минатата недела во Уставниот суд, на која беше дискутирано за можностите за унапредување на соработката помеѓу двете институции. 

 

- Народната банка го поднесе барањето за пристапување на земјава во Европската област за плаќања во евра (СЕПА) што претставува клучен исчекор за понатамошниот развој и интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот економски простор. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, која го потпиша барањето, истакнува дека предностите од пристапувањето во СЕПА се многу значајни за граѓаните и за компаниите, имајќи предвид дека најголемиот број од плаќањата со странство се извршуваат во евра. Како што посочува гувернерката, минатата година, 87 проценти од вкупните одливни плаќања, односно 77 проценти од вкупните приливни плаќања со странство кај домашните банки се извршени во евра. 

 

- Сопствениците на возила, во првата половина од годинава, вложиле 43,1 милиони евра во задолжително oсигурување од автомобилска одговорност и во зелена карта. Во осигурувањето за возење во странство (популарно познато како зелена карта) граѓаните и компаниите вложиле 10,2 милиони евра за шест месеци. Осигурени се речиси 351.000 возила во периодот јануари – јуни годинава, а вкупниот број возила за кои сопствениците купиле полиси за задолжително осигурување од автомобилска одговорност лани е зголемен за 6,3 отсто во споредба со 2022 година, покажуваат прелиминарните податоци од Националното биро за осигурување доставени до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). Сите 12 осигурителни компании во првите шест месеци издале над 468.000 полиси за осигурување и за превземање на ризиците наплатиле 2,65 милијарди денари или 43,1 милиони евра.

 

- „Дојди на трпезата“ е мотото на вториот Национален конгрес на Слоу Фуд Македонија што ќе се случува на 14 јули (недела) во Битола. Седумдесет делегати од конвивиумите, здруженијата и групи кои се дел од Слоу фуд Македонија ќе присуствуваат на овој значаен настан кој ќе ги одреди приоритетите на организацијата и програмските определби на кои ќе работи во следните 4 години. На овој конгрес како "мираз" СФМК ќе ја донесе колективната работа за споделување и градење предизвици на заедничката судбина, што основната премиса ја има во посветеноста да се бори за добра, чиста и правична храна за сите.

 

 - Геноцидот во Сребреница од пред 29 години е еден од најмрачните моменти во модерната европска историја и наша должност е да го почитуваме споменот на над 8.300 момчиња и мажи кои беа систематски убиени на ридовите околу овој босански град, порачаа високиот претставник на Европската комисија за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји во заедничка изјава по повод 29-годишнината од геноцидот во Сребреница - Ги повикуваме лидерите да ја отфрлат реториката за поделби и да дејствуваат со вистина, правда, доверба и дијалог. Заздравувањето на раните од минатото бара признавање и поучување на историските факти, изразување почит и сеќавање на жртвите, идентификување на оние кои се уште се водат како исчезнати и изведување на сите виновници пред лицето на правдата. Ова е клучно за соочување со корените на омразата што доведоа до геноцидот, се наведува во изјавата. Борел и Вархеји посочуваат дека треба сите заедно да градиме мостови за помирување. 

 

- По истекот на законот за ослободување на ултраортодоксните Евреи од воена служба, израелската армија подготвува серија повици за воен рок, а овој чин предизвика голем револт кај верските водачи на заедницата Хареди, односно ултраортодоксна Евреите. Меѓу првите што се огласи беше рабинот Дов Ландо, висок лидер на Ашкенази ултраортодоксните Евреи во Израел, кој изјави дека студентите Јешива, т.е. оние кои посетуваат талмудско училиште за млади Евреи воопшто не треба да се појавуваат во канцелариите на израелската армија. - Ситуацијата во овој момент е дека судовите му објавија војна на светот на Тора и тие се оние кои го отворија фронтот и дојдоа да го сменат аранжманот што беше во сила со години и и наредија на армијата да започне процес на регрутирање членови на Јешива, рече Ландо.

 

- Конференцијата на претседатели на Европскиот парламент денеска ќе одржи седница на која една од точките ќе бидат и неодамнешните посети на унгарскиот премиер и актуелен претседавач со ЕУ, Виктор Орбан на Киев, Москва и Пекинг.  Веднаш по преземањето на претседавањето на неговата земја со ЕУ, Орбан прво отпатува за Украина, а потоа замина во посети на Русија и Кина, без консултации со институциите на ЕУ.  Посетите на Орбан беа тема и на вчерашното заседание на Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) на кое беа изнесен критички забелешки на „мировните мисии“ на унгарскиот премиер, но не беше усвоена никаква конкретна мерка. 

 

-  Русија не планира да учествува на кој било втор мировен самит кој може да се одржи за конфликтот во Украина, соопшти денеска Министерството за надворешни работи во Москва, пренесува ДПА. Заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галусин изјави за руската државна новинска агенција Риа во Москва дека идеите на Киев за последователен состанок на конференцијата во Швајцарија во средината на јуни се познати. Од гледна точка на Русија, состанокот повторно би се фокусирал само на предлозите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека другите мировни иницијативи би биле игнорирани. „За нас, такви ултиматуми се неприфатливи и нема да учествуваме на такви самити“, рече Галусин, по медиумски напис дека Украина активно работи на втора конференција, овој пат со учество на Русија.

 

 – Во заедничката декларација усвоена на Самитот на НАТО во Вашингтон, помеѓу другото се наведува дека Алијансата ќе остане силно посветена на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, регион „од стратешко значење за Северноатлантската алијанса“. - Ќе продолжиме да го подобруваме политичкиот дијалог и практичната соработка со Западен Балкан со цел да ги поддржиме реформите, регионалниот мир и безбедност и да се спротивставиме на малигните влијанија, вклучувајќи дезинформации, хибридни и кибер закани, претставени од државни и недржавни актери, се истакнува во декларацијата.

 

 - Американскиот претседател Џо Бајден и првата дама Џил Бајден синоќа во Белата куќа организираа вечера за сојузниците и партнерите во НАТО. „Џил и јас сме почестени што имаме толку блиски сојузници и пријатели во иста просторија“, им се обрати Бајден на светските лидери и нивните сопружници, заедно со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.  Иако 32 сојузници не делат заеднички јазик или граница, Бајден рече дека сите се „соседи“ кои „делат заеднички уверувања“. Челниците на членките во НАТО се собраа во вторникот во Вашингтон, ДЦ, на тридневен самит по повод одбележувањето на 75-годишнината од основањето на воениот сојуз.

 

 - Во Санта Фе, Ново Мексико, САД, почна судењето на Алек Болдвин за убиство од небрежност. Обвинителството тврди дека пред смртта на снимателката Халина Хачинс, холивудскиот глумец ги прескокнал безбедносните проверки и невнимателно ракувал со револверот. Во октомври 2021 година, Болдвин се подготвувал за сцена со пиштолот на снимањето на филмот „'Рѓа“ на ранч кај Санта Фе. Мислејќи дека содржи лажни куршуми, тој пукал и ги ранил Хачинс и режисерот Џоел Соуза. Хачинс почина. На Болдвин му се заканува затворска казна до 18 месеци доколку биде прогласен за виновен. Тој се изјасни за невин, и тврди дека не е одговорен за вистинскиот куршум што бил ставен во пиштолот. - Доказите ќе покажат дека обвинетиот Алек Болдвин туку-така зел вистински пиштол в рака, прекршувајќи ги кардиналните правила за безбедност и огнено оружје, изјави обвинителката Ерлинда Окампо Џонсон.

 

- Синот на американскиот глумец Николас Кејџ, Вестон е уапсен вчера за напад со смртоносно оружје, потврди полицијата. Според медиумите, тој е пуштен со кауција од 150.000 долари, а се наведува дека најверојатно Кејџ ја платил кауцијата. Вестон наводно ја нападнал својата мајка во состојба на „ментално растројство“. Извор близок до семејството вели дека „се очекувало да се случи вакво нешто“, но и оти сите се во шок.  Вестон Кејџ Копола (33), кој исто така е глумец, бил приведен три месеци откако неговата мајка, актерката Кристина Фултон беше видена со модринки на лицето. На крајот на април тие имале вербална расправија, што завршила со физичка пресметка. Тогаш интервенирала и брза помош, но глумицата одбила да оди в болница. Полицијата тогаш соопшти дека Вестон го напуштил местото на нападот до доаѓањето на патролата.

Остани поврзан