• среда, 10 јули 2024
МИА Радио флеш

10 јули 2024 

-Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, за в.д директор на Националната установа Македонски народен театар денеска го назначи Никола Кимовски, на местото на Симона Угриновска која поднела оставка од директорската позиција, соопштија од МНТ. -Согласно решението од Министерството за култура на Република Северна Македонија од 10 јули, а потпишано од страна на министерот за култура Зоран Љутков, за в.д директор на РСМ НУ Македонски народен театар е назначен Никола Кимовски. Имено, Симона Угриновска поднесе оставка од функцијата директор на РСМ МНТ, која ја извршуваше од 2018 година, информираа од Македонскиот народен театар.

-Северна Македонија да го искористи позитивниот моментум и порешително да се движи кон евроинтегративниот пат, порача денеска од Виница евроамбасадорот Дејвид Гир, одговарајќи на новинарски прашања, дали резултатите од евроизборите ќе влијаат на процесот на проширување на ЕУ.-Лидерите на владите на 27 земји-членки на Европската Унија после европските избори покажаа заложба дека нивната стратешка визија последните пет години ќе биде процесот на проширување, така што можам да кажам дека процесот на проширување останува како врвен приоритет, рече Гир, додавајќи дека не гледа промена и за следната структура на европските инстутиции.

-Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието почнуваат јавна консултација за наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение. Во соопштението од МОН се наведува дека сите засегнати страни за подобрување на квалитетот на основното образование ќе можат да учествуваат во јавната консултација со свои сугестии и предлог решенија за евентуални промени во нацрт наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение кои се веќе изработени од страна на стручни тимови, составени од советници од Бирото за развој на образованието, универзитетски професори и наставници од основните училишта. Јавната консултација за наставните програми од седмо до деветто одделение, се додава, е со цел засегнатите страни, особено наставниците, да имаат можност да се запознаат со наставните програми и доколку имаат сугестии и предлог решенија за евентуални промени во нацрт наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение, да дадат свое аргументирано мислење за нивно подобрување.

-Функцијата уставен судија не престанува по основ на остварување старосна пензија, изјави денеска портпаролката на Уставниот суд Христина Беловска. -Во врска со информациите доставени до Собранието дека судијката на Уставниот суд Добрила Кацарска исполнила услови за старосна пензија во јуни 2022 година, Уставниот суд на работен состанок одржан денеска со единствена точка на дневен ред, едногласно го донесе следниот заклучок - согласно членот 51 од Уставот, секој е должен да го почитува Уставот и законите. Членот 109 изменет со амандманот 15, јасно и прецизно ја уредува постапката и надлежните органи за предлагање и избор на судиите на Уставниот суд, рече Беловска. Истакна дека согласно членот 111 од Уставот, јасно се определени условите за престанок на функцијата на уставен судија и оттука станува јасно дека единствен надлежен орган да одлучува за престанок на судија на Уставен суд е самиот Уставен суд.

-Поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) Катица Јанева го загуби правото да работи надвор од затворот „Идризово“, потврди за МИА директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов. Постапувајќи по службена должност Управата направила проверка за почитувањето на условите за користење на правото за работен ангажман надвор од затворот, при што е утврдено дека Јанева не ги почитувала. Јанева, во февруари годинава доби дозвола да работи во адвокатската канцеларија на нејзиниот син, адвокатот Лазар Јанев, кога веќе имаше издржано пет од вкупно седумгодишната затворска казна за случајот „Рекет“. Според условите наутро таа излегува од Идризово, а по завршување на работниот ден, требаше да се врати во затворската ќелија.

-Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со припадници на Министерството за внатрешни  работи (МВР) открија и спречија шверц на јагниња во Албанија. Како што информира АХВ, се работи за 63 јагниња кои требало нелегално да се извезат во Албанија, а биле одгледувани близу Прилеп. -Во координирана акција, возилото со кое се транспортирале јагнињата е стопирано од полициски службеници во Струга и по спроведена  контрола од инспектори на АХВ е утврдено дека станува збор за 63 јагниња кои не се идентификувани согласно Законот за идентификација и регистрација на животните, а транспортерот не поседувал и сертификати за здравствена состојба на животните. Согласно дадената изјава на транспортерот, животните се со потекло од населено место во Прилеп, наведува АХВ.

-Српскиот премиер Милош Вучевиќ реагирајќи на изјавата на косовскиот премиер Албин Курти за Си-Ен-Ен порача дека Србија не прекршува ниту еден меѓународен договор, документ, ниту резолуцијата 1244 на Обединетите нации, а воените бази на српската армија со години се наоѓаат на истото место, јави дописникот на МИА од Белград. -Уште еднаш ја имаме на дело фантазмагоријата на Албин Курти, кој не ни знае точно што значи зборот база, се наведува во соопштението на Вучевиќ на Инстаграм, во врска со изјавите на Албин Курти дека Србија е „многу агресивна“ и дека западните партнери треба да извршат притисок врз Белград да ги отстрани воените бази лоцирани во близина на Косово.

-Црногорскиот министер за одбрана Драган Краповиќ, кој како дел од црногорската делегација на Самитот на НАТО во Вашингтон, истакна дека членството во Алијансата е „голема безбедност“ за Црна Гора во „турбулентните“ времиња. Тој во интервју за Гласот на Америка (ВоА) изрази уверување дека најавената реконструкција на Владата, во која директно ќе учествуваат партии кои се против а НАТО, нема да влијае на позицијата на Црна Гора како доверлива членка на Алијансата, ниту нејзините аспирации за влез во Европска Унија.

-Во официјалната програма на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за денешните негови активности во Вашингтон на НАТО Самитот, не е предвидена средба со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски, јави дописничката на МИА од Атина. Како што соопштија од кабинетот на грчкиот премиер, во 11.30 часот по локално време, Мицотакис ќе даде интервју за поранешната заменик-советничка за национална безбедност на САД Надја Сендлоу во рамките на NATO Public Forum, потоа ќе учествува на Самитот, во продолжение ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додека пак во 19:30 часот по локално време ќе присуствува на вечерата во чест на лидерите кои учествуваат на Самитот, во организација на американскиот претседател Џо Бајден и првата дама на САД.

-Ставот на ЕУ во однос на случувањата во Сребреница во 1995 година е јасен и повторуван секоја година дека во Унијата нема место за оние кои го доведуваат во прашање овој геноцид или ги величаат воените злосторници, порача денеска главниот портпарол на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано. - Геноцидот во Сребреница е многу несреќен и трагичен историски факт и секоја година се сеќаваме на оваа трагедија на 11 јули, изјави Стано во одговор на новинарско прашање дали пораката од Брисел дека во ЕУ „нема место за оние кои го негираат геноцидот, се обидуваат да ја прекројат историјата и ги величаат воените злосторници“ е намената за „Србите, босанските Срби или некого друг“.

- Цените на кафето за крајните потрошувачи ќе продолжат да се зголемуваат бидејќи климатските промени, нарушувањата во снабдувањето и новите регулативи на ЕУ доведуваат до зголемени трошоци за пржилниците, изјави денеска претседателот на одборот на директори на италијанската компанија „Лаваца“, Џузепе Лаваца. „Цените на кафето нема да паднат, ќе останат многу високи. Синџирот на снабдување со кафе е под сериозен притисок“, изјави тој за Фајненшл Тајмс. Цената на кафето на полиците на супермаркетите во Велика Британија се зголеми за околу 15 отсто од 2023 година.

-Денеска се најдовме во ќорсокак бидејќи никој не може да знае од каде ќе дојде премиерот, ниту каква политика ќе води земјата, изјави по пристигнувањето во француското Собрание лидерката на екстремната десница, Марин Ле Пен. Ле Пен ги осуди предизборните договори за кои рече дека ја спречиле нејзината партија Национален собир (РН) да дојде на власт, објави ТВ БФМ. -Тоа е само одложување, рече таа пред Националното собрание, на кое се враќаа пратениците на РН и нагласи дека Националното собрание мора да ја одразува застапеноста на сите Французи. Францускиот претседател Емануел Макрон, чиј мандат истекува во 2027 година, распиша парламентарни избори откако неговата партија беше поразена од екстремната десница на изборите за ЕУ ​​минатиот месец и рече дека ќе ја расчисти ситуацијата, што не се случи, јавуваат британските медиуми.

-Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека израелските одбранбени сили (ИДФ) убиле или раниле 60 отсто од терористите на Хамас и дека повеќето од баталјоните на исламистичката организација се разбиени. Галант го даде коментарот денеска пред Парламентот, јавија израелските медиуми. Израел го најави целосното уништување на Хамас како воена цел по масакрите извршени од Хамас и другите екстремистички групи на 7 октомври.

-Израелската армија денеска фрли летоци врз градот Газа, повикувајќи ги „сите луѓе“ во северната област на опколената палестинска територија да одат кон југ, користејќи ги „безбедносните коридори“.„Безбедносните коридори им овозможуваат на сите лица кои се наоѓаат во градот Газа да одат брзо и без проверки од градот Газа во засолништата во Деир ел-Балах и Ал Завија“, се наведува во летокот.„Газа Сити останува опасна борбена зона“, се предупредува во текстот. Армијата денеска ги продолжи операциите во Појасот Газа, особено во градовите Газа, Шуџаја и Рафах, на југот на територијата.

-Војната во Украина нема да заврши во 2025 година, така што НАТО мора да биде подготвен да ја поддржи Украина барем уште неколку години, изјави висок претставник на НАТО за време на Самитот на Алијансата во Вашингтон. „На крајот на краиштата, сите ние треба да бидеме подготвени да продолжиме да ја поддржуваме Украина дури и по 2025 година. Како што веќе долго време кажувавме, ова не е конфликт што ќе заврши наскоро“, рече тој, истакнувајќи дека Русија „сигурно“ ќе може да го издржи животот во воената економија уште најмалку три или четири години, пренесува агенцијата „Униан“. Тој оцени дека засега руското општество е подготвено за таков начин на живот. Вчера во Вашингтон почна јубилејниот самит на НАТО каде пристигна и украинскиот претседател Володимир Зеленски. 

Остани поврзан