• среда, 10 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  10  јули  2024

 

Скопје – Продолжува Самитот на НАТО во Вашингтон, на кој учествува македонска владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски во чиј состав се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, исто така, е во Вашингтон каде учествува на Парламентарниот самит на НАТО. Предвидени се голем број билатерални средби со државници на земји членки на Алијансата, но останува неизвесно дали на маргините на Самитот, Мицкоски ќе се сретне со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој исто така учествува на Самитот.

Скопје - Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе ја одржи втората седница. На дневен ред на оваа седница се годишни извештаи за работата на неколку државни институции за 2023 година како што се Државната комисија за спречување на корупцијата, Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права, Агенцијата за администрација, Советот на јавните обвинители и Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. 

Скопје - Уставниот суд на денешната 21. седница, како што е најавено, треба да расправа по четири иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и еден предлог за решавање на судир на надлежности. Основниот суд Охрид е подносител на предлогот за решавање на судир на надлежности.  Како што соопштија од Уставениот суд, подносителот бара да се утврди чија е стварната надлежност дали на Основниот суд Охрид или на Секторот за меѓународна правна помош при Министерството за правда за одлучување по барање за трансфер на осуденикот Б.П. во казнено-поправна установа во Република Бугарија. 

Скопје - Еден пожар е активен утринава меѓу селата Отишино и Оризари во општина Велес каде гори ниска вегетација. Пожарникарите од Велес вчера интервенирале со три противпожарни возила и 11 пожарникари, а утринава, според информациите на Центарот за управување со кризи, ќе продолжат да дејствуваат.  Во текот на изминатото деноноќие евидентирани се 13 пожари на отворено од кои една третина биле на повик за гаснење депонии. 

Скопје - Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, денеска ќе ја посети Општина Виница во рамки на серијата општински посети чија цел е да ја презентира вистинската додадена вредност на Европската Унија за граѓаните на Северна Македонија и придобивките од процесот на пристапување во ЕУ на локално ниво (региони, градови и села). Како што соопштија од Делегацијата на ЕУ, за време на престојот во Виница, амбасадорот Гир ќе се сретне со градоначалникот на Општина Виница, Миле Петков, со членовите на Советот на општината и со претставници на граѓанските организации.

Скопје - Три 16-годишни момчиња доцна синоќа се спасени откако останале заробени на едно островце на реката Треска. Од Центарот за управување со кризи информираат дека пријавата е добиена во 19:12 часот и дека момчињата останале заробени на островчето, поради надојдената река заради испуст на водата од хидроцентралите што е редовен процес за континуирано производство на електрична  енергија со што навечер има нагло зголемување на водотекот низ коритото на реката. Од ЦУК веднаш биле контактирани дежурните во полициската станица Сарај од кои е побарано да се упатат на локацијата каде што се наоѓаат момчињата и ако се во можност согласно процедурите соодветно да интервенираат. Паралелно, бил воспоставен контакт и со Црвениот Крст кои информирале дека нивните тимови се волонтери и не се во можност соодветно да реагираат во овој случај. 

Скопје - На територија на Скопје во текот на вчерашниот ден изречени се 126 мерки за прекршоци во сообраќајот.  Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека се изречени 10 санкции за возење без возачка дозвола, четири мерки за користење на мобилен телефон, четири санкции за минување на црвено светло и седум мерки за некористење на сигурносен појас. 

Скопје - Во спомен собата на Анте Поповски во Центарот за култура во Ѓорче Петров вечерва ќе се одржи седмото издание и официјалното доделување на наградите „Антево слово“ кои се дел од меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) за најдобра поетска творба. Во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“, наградата „Антево слово“ е конституирана во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски, како дел од оваа меѓународна манифестација, што се одржува секоја година во градот Каникати во Сицилија, а воедно и прва од ваков вид која се доделува за македонски автор надвор од нашата држава.

Атина – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вечерва ќе се сретнат на маргините на Самитот на НАТО Самитот во Вашингтон, јави дописничката на МИА од Атина.  Според грчките медиуми, средбата е закажана за 16 часот по локално време. 

Вашингтон – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на Самитот на Алијансата во Вашингтон беше одликуван со највисоката американска цивилна награда – Претседателски медал на слободата. Медалот му го врачи претседателот на САД, Џо Бајден на церемонијата на отворање на Самитот на НАТО.

Вашингтон – Претседателот на САД, Џо Бајден на отворањето на Самитот на НАТО во Вашингтон изјави дека Алијансата е „помоќна од кога било“, бидејќи се соочува со „клучен момент“ во војната помеѓу Русија и Украина. Бајден предупреди дека „автократите го урнаа глобалниот поредок“ и најави дополнителна воена помош за Киев, која би вклучувала повеќе батерии на моќните американски системи за противвоздушна одбрана од типот Патриот, како и други системи за зајакнување на украинската ПВО.

Вашингтон - Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика американските политички лидери во Вашингтон да не го чекаат исходот од претседателските избори во САД во ноември за да преземат решителна акција за да и помогнат на неговата земја против руската инвазија, објавија британските медиуми. -Сите го чекаат ноември. Американците го чекаат ноември, во Европа, на Блискиот Исток, на Пацификот, целиот свет гледа кон ноември, а искрено (рускиот претседател Владимир) Путин исто така го чека ноември, рече Зеленски, говорејќи во Институтот Роналд Реган пред самитот на НАТО.

Брисел - Унгарскиот премиер Виктор Орбан во писмо до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ги повторува ставовите на рускиот претседател Владимир Путин за Украина, известува бриселскиот  портал Политико. Во писмото, во кое Политико вчера имало увид, Орбан толку детално ги изложува размислувањата на Путин за статусот на војната во Украина што може да се помисли дека се подготвува за улогата на портпарол на Кремљ, наведува порталот.

Киев – Министерот за одбрана на Украина Рустем Умеров вчера ги повика своите сонародници ширум Европа да се пријават за Украинската легија, која ќе биде со седиште во соседна Полска, нарекувајќи ја клучен чекор за подобрување на борбената готовност со помош на Западот. Создавањето на единицата, која на 8 јули ја најави претседателот Володимир Зеленски во Варшава, е дел од безбедносниот договор потпишан со Полска, како средство за зајакнување на редовите на вооружените сили на Украина.

Прага - Чешкиот министер за надворешни работи, Јан Липавски, го повика рускиот амбасадор на разговор по нападот на детска болница во Украина, во кој загинаа најмалку 31 лице. „Одлучив да го повикам рускиот амбасадор. Убиците кои напаѓаат деца во болници се дното на човечкото општество. Нему му е наредено да ја пренесе пораката во Москва“, објави Липавски на социјалните мрежи.

Тбилиси - Властите во Грузија ќе им обезбедат на своите вооружени сили се што им е потребно и покрај одлуката на Европската унија да ја замрзне распределбата на 30 милиони евра наменети за Министерството за одбрана на земјата, изјави генералниот секретар на владејачката партија „Грузиски сон - Демократска Грузија“ Каха Каладзе, пренесоа руските медиуми.

Париз - Во Франција е отворена истрага против сопругата на поранешниот претседател Никола Саркози, Карла Бруни за нејзината поврзаноста со пари од Либија во претседателската кампања во 2007 година. Пејачката е ставена под судска контрола поради евентуално влијание врз сведоците. Аферата со Либија се фокусира на тврдењата дека парите за кампањата за претседателските избори на Саркози во 2007 година дошле нелегално од режимот на тогашниот либиски владетел Моамер Гадафи. Француско-либанскиот бизнисмен Зиад Такиедин во 2016 година изјави дека кон крајот на 2006 или на почетокот на 2007 година од Либија донел неколку куфери со милиони евра во Министерството за внатрешни работи во Париз, со кое во тоа време раководеше Саркози.

Вашингтон - Белата куќа вчера го обвини Иран дека се обидува да ги искористи протестите во САД поврзани со конфликтот во Појасот Газа. Откако висок американски разузнавач рече дека Иран се обидува да сее раздор во американското општество, Белата куќа соопшти дека однесувањето на Техеран е неприфатливо, пренесе БТА. Според директорот на американското национално разузнавање Аврил Хејнс, поединци поврзани со иранската влада се претставувале како активисти на интернет, ги охрабрувале протестите поврзани со конфликтот во Газа и обезбедувале финансиска поддршка на демонстрантите.

Ист Радерфорд – Капитенот на аргентинската фудбалска репрезентација Лионел Меси ги сподели своите емоции откако се пласираа во финалето на Копа Америка 2024. Во полуфиналето на турнирот кој се игра во САД, Аргентинците ноќеска ја победија репрезентацијата на Канада со резултат 2:0. Средбата се одржа на стадионот Медоулендс во Ист Радерфорд. - Ова што репрезентацијата на Аргентина го направи и продолжува да го прави е лудо. Импресивно е што репрезентацијата и нејзината стара гарда стигнаа до уште едно финале. Овој Куп на Америка е исклучително тежок, огромно натпреварување, лоши терени, интензивна жештина, изјави Меси за „ESPN“.

Приштина – Косовскиот премиер Албин Курти побара од меѓународната заедница да изврши притисок врз Србија да ги отстрани воените бази кои ги подигнала околу границата со Косово, јави дописникот на МИА од Приштина. Во синоќешното интервју за Си-Ен-Ен, кое го пренесуваат косовските медиуми, Курти нагласи дека Србија и Русија се слични поради заедничкиот интерес за проширување на нивните територии. Тој додаде дека Србија чека можност да влезе во Косово и дека западните партнери треба да го спречат тоа.

Вашингтон - Американскиот сенатор Мајкл Бенет, демократ од Колорадо, изјави дека не верува оти актуелниот американски претседател Џозеф Бајден, по неговиот катастрофален настап во минатомесечната претседателска дебата со Доналд Трамп, е способен да победи на претседателските избори. -Мислам дека Доналд Трамп е на пат да победи на претседателските избори, можеби дури и убедливо и на крилјата на таа победа да ги освои и Сенатот и Претставничкиот дом. За мене ова не е прашање на анкети, не е ни прашање на политиката. Ова е морално прашање за иднината на нашата земја. Белата куќа, од таа катастрофална дебата, според мене, не направи ништо за навистина да покаже дека постои план за победа на овие избори, рече вчера Бенет.

Остани поврзан