• среда, 10 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

10 јули 2024 

Велес - Центарот за управување со кризи информира дека на територија на општина Велес активен е уште еден пожар меѓу селата Караслари и Црквино над месноста викана Венуле каде гори сува трева и шума.

Интервенираат четворица пожарникари со едно противпожарно возило, а известени се и од Јавното претпријатие „Македонски шуми ШС Бабуна“.

Како што стои во информацијата од ЦУК, вработените од ова претпријатие не излегле на терен бидејќи возилата не биле исправни и регистрирани. 

- Побарана е и воздушна подршка од страна на градоначалникот на Општина Велес, за која во координација со Хеликоптерската единица во МВР поради извршување на оперативни задачи за потребите на МВР ќе се процесуира после 12:30 часот, веднаш кога ќе се ослободат хеликоптерите, велат од ЦУК.

Од вчера на територија на Велес активен е уште еден пожар меѓу селата Отиштино и Оризари кој го гаснат четворица пожарникари со едно противпожарно возило.

 

Струга - Ставен е под контрола големиот пожар што вчера попладне ја зафати шумата во близина на струшкото село Делогожда, информира за МИА командирот на Територијалната против пожарна единициа Струга, Фети Мазари.

На терен, според него, се две возила на струшката пожарна со седуммина пожарникари, а требало да пристигне и екипа на јавното претпријатие „Национални шуми“, подружница „Јабланица“.

- Теренот не е пристапен, но засега нема опасност од ширење. Бараме начин за целосно гаснење на пожарот. Многу ни помогна гаснењето од воздух со хеликоптер на МВР, што вчера беше испратен по барањето помош од Центарот за управување со кризи, рече Мазари.

Тој посочи дека опожарена била голема површина со багрем, даб и бор, а причината за настанување допрва ќе се утврдува.

МВР соопшти дека на терен бил пратен хеликоптер Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици, кој исфрлил над 20 тона вода и во координација со силите на терен прецизно дејствувал за гаснење на преостанатите жаришта, со што пожарот е ставен под контрола.

 

Куманово - Службата за трансфузиона медицина располага со доволен број на крвни единици, соопштија денеска надлежните од кумановската служба. Има доволен број акции на ниво на регионот, надлежните ги повикаа младите да даруваат крв.

-Ги покриваме сите потреби за крвни единици во Куманово и државата. Моментално има крв, нема недостаток, меѓутоа истовремено ги повикувам сите граѓани, сите добронамерни луѓе да дојдат и да даруваат. Пораката ја упатувам до младите. Просечната возраст на крводарителите секоја година се зголемува што значи имаме многу повеќекратни дарители, односно повозрасна генерација, отколку млади. Тие треба да се активираат, да се пријават кај нас за дарување на крв. Моментално имаме крв, но треба уште повеќе да се ангажираме особено младите, изјави доктор Дритон Биљали, од службата за трансфузиологија Куманово.

Службата и општинската организација на Црвениот крст имаат одлична соработка. Постојано се организираат акции за дарување. Секретарот на општинската организација на Црвениот крст, Ива Младеновска изјави дека во првата половина од годината организирани биле 22 крводарителски акции на подрачјето на организацијата и собрани биле 1.412 крвни единици. Во однос на претходната година е благо зголемување, тогаш биле организирани 16 акции на кои биле собрани 1.375 единици.

-Соработката со Црвен крст е одлична, се организираат бројни и кај нас треба да доаѓаат граѓаните да даруваат крв на трансфузиологија. Имаме можност два дена во неделата да дарува крв, бидејќи два пати неделно доаѓаат да ја земат крвта од Скопје, додава Биљали.

Тој повторно апелираше до младите да се вклучат во акции бидејќи е добро за здравјето и пред сè е хумано.

-Да се дарува крв како прво и основно е хумано, да му се помогне на човек којшто никогаш во животот не си го запознал и можеби никогаш во животот нема да го сретнеш тоа навистина е хумано. Возраста на крводарителите е од 18 до 65 години, трипати годишно даруваат жените, а на три месеци даруваат мажите, додава Биљали.

Системот го поддржува крводарителството, на оние кои се во работен однос им следуваат слободни работни дена, по десет пати дарување ослободени се од партиципации.

 

Кавадарци - Почнаа градежните работи за детска градинка во кавадаречкото село Сопот, информираа денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

- Село Сопот ќе добие ново детско катче за најмалите и најмилите. Започнаа градежните работи за реконструкција и адаптација на објектот во село Сопот, што ќе биде пренаменет во детска градинка на површина од 170 квадратни метри. Изведувач е фирмата „Бошкоски и Тошески инженеринг-Теракота Прилеп", соопштија од кабинетот на Јанчев. 

Оттаму за МИА појаснија дека градежните работи се инвестиција на Општината, со близу два ипол милиони денари со ддв. 

 

Скопје - Општина Аеродром и оваа година ќе доделува еднократна парична помош за семејствата чие дете е прваче во едно од основните училишта на територијата на општината во висина од 3 500 денари. Како што информира, рокот за пријавување е од денеска, 10 јули до 30 септември 2024 година.

Родителите на првачињата е потребно до архивата на Општината да поднесат потврда за запишан ученик во прво одделение во учебната 2024/2025 година заверена од основно училиште од територијата на Општина Аеродром или основно училиште со ресурсен центар, фотокопија од извод од матичната книга на родените за првачето, како и на увид лична карта или патна исправа на барателот.

Образецот и изјавата за согласност за обработка на лични податоци што треба да се пополнат можат да се најдат на следниот линк: http://aerodrom.gov.mk/dokumenti/formulari. 

Остани поврзан