• среда, 17 јули 2024
МИА Радио флеш

 9 јули 2024 

– Во 14 часот денеска истекува рокот за приговори од матурантите кои се незадоволни од резултатите од државната матура во јунската испитна сесија. Рокот за приговори почна во петокот (5 јули), кога Државниот испитен центар (ДИЦ) ги објави прелиминарните резултати од двата екстерни испита кои беа организирани на 1 и на 8 јуни 2024. Учениците ги поднесуваат приговорите до училишните матурски комисии кои податоците ги внесуваат во Апликацијата за приговори, согласно упатствата дадени од ДИЦ. По истекот на рокот, комисиите на ДИЦ ќе ги разгледуваат приговорите од матурантите и до 16 јули ќе ги пратат решенијата односно ќе одлучат дали приговорите се усвојуваат или не. Билјана Михајловска, директорка на ДИЦ, за МИА изјави дека се пристигнати приговори од ученици, но точниот број ќе се знае по истекот на рокот денеска и откако училиштата ќе ги внесат во апликацијата и ДИЦ ќе ги добие електронски. 

 

- Компанијата „Новоматик Македонија“ стана генерален спонзор на фудбалскиот клуб „Вардар“, за што попладнево во Скопје беше потпишан договор.  Марија Митреска како претставник на компанијата, информираше дека одлучиле со финансиска програма од еден милион евра годишно, да го поддржат фудбалскиот клуб. Таа нагласи дека со оваа многу важна одлука, продолжува партнерството со заедницата и поддршката за македонскиот спорт.- Со две илјади вработени веќе 18 години сме присутни на домашниот пазар на игри на среќа и даваме сериозен придонес во развојот на македонската економија. Никогаш не отстапуваме од корпоративното мото, секогаш општествено одговорна компанија. Сакаме да потенцираме дека како генерален спонзор не се амбицираме да ја преземеме и управата на клубот, туку единствено ќе номинираме наш претставник, кој ќе врши надзор на финансиското работење на фудбалскиот клуб, појасни таа.

 

—  Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ) денеска на прес-конференција пред Управната зграда на ЈСП, обвини дека автобусот кој вчера удри во жардињера во близина на ТЦ Мавровка бил технички неисправен. Возачот на автобусот исто така рече дека забележал оти автобусот не е исправен. За новиот директор на ЈСП Драги Кушовски, овие изјави се „паушални“ и смета дека треба да се почека официјалниот извештај на МВР. Според тврдењата на претседателот на КСОМ, Марјан Ристески, Синдикатот имал сознанија добиени од страна на вработени кои го управувале автобусот, дека во неколку наврати било алармирано дека автобусот е технички неисправен, но сепак, со потпис и печат бил пуштан да сообраќа како технички исправен. Ристески рече дека истиот автобус изминатиот период сообраќал на линија до Водно.– Мораме јавно да проговориме за она што се случи вчера, бидејќи е загрозена безбедноста на граѓаните кои го користат превозот на Јавното сообраќајно претпријатие. Имаме сознанија дека истиот овој автобус којшто вчера удри во жардињера на булеварот во близина на Мавровка, пред извесен период го користеле на линија до Водно. Замислете доколку такво нешто се случело тогаш, затоа што се работи за технички проблем на автобусот, додека шоферот максимално направил што можел, рече Ристески. 

 

- Општина Кисела Вода заедно со општинскиот Црвен крст денеска го започна проектот „Топлотен бран” кој има за цел во топлите летни денови да се заштити здравјето на граѓаните. На најфреквентните локации, парковите, автобуските постојки во Општина Кисела Вода денеска  мобилни екипи составени од возило на Црвениот крст, медицинско лице-доктор, волонтери, референти од урбаните и месните заедници на територија на општината, на граѓаните им пружаат медицинска помош, совети, делеа шишиња со вода, а исто така и им се укажува помош на оние лица кои имаат потреба за носење до крајната дестинација. Проектот „Топлотен бран” ќе се одвива во периодот јули – август 2024 година и ќе ги опфати сите месни и урбани заедници од овој дел на Скопје, информираат од Општина Кисела Вода.

 

 – Војници и пожарникари денеска се ангажирани за гаснење пожар во јужна Албанија во во близина на грчката граница, соопшти албанското Министерство за одбрана. Во соопштението се наведува дека противпожарни екипи, поддржани од хеликоптер вчера ставиле под контрола неколку шумски пожари, но високите температури и ветровите го поттикнале ширењето на пламенот во близина на Дропул, Финиќ и други делови на југот на земјата. - Хеликоптер „Кугар“ и околу 30 припадници на нашите вооружени сили, заедно противпожатрни единици, продолжуваат со операциите за гаснење на пожарите што т во селата во близина на Дропул, Финиќ, Саранда, Ѓирокастро и Пермет, објави на Фејсбук албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши. Пред два дена тој состојбата со пожарите ја оцени како загрижувачка, објавувајќи дека дневно се регистрираат по најмалку 10 пожари, упати апел за внимателност и предупреди дека затворска казна за потпалувачите е до 15 години.

 

 – Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца изјави дека постои ризик Србија да го повтори нападот како во Бањска, нагласувајќи дека за да се спречи такво нешто неопходно е таа да биде казнета, јави дописникот на МИА од Приштина. По средбата со претседателот на Националниот совет на Швајцарија, Ерик Нусбаумер, Коњуфца изјави дека Косово се соочува со опасност поради територијалните претензии на српските власти.- Неизбежна тема во овие околности беше безбедноста на Косово и опасностите со кои се соочуваме поради територијалните претензии што Србија ги има кон Косово. Ја изразив мојата загриженост дека ако Србија остане неказнета во врска со агресијата на 24 септември во Бањска, таа ќе го повтори ова сценарио. Таа е една од земјите што не ја санкционира Русија, туку продолжува да соработува со Русија, изјави Коњуфца. Говорејќи за договорите со Србија, косовскиот собраниски спикер пред медиумите изјави дека Белград не може да биде добар сосед кога се однесува агресивно.

 

 – Во населба во грчкиот град Патра денеска избувна пожар, а превентивно беа евакуирани жителите на неколку населби, како и детска болница што се наоѓа во близина, бидејќи огнените јазици стигнале до дворот на објектот, јави дописничката на МИА од Атина. Од бројот 112 за итни случаи беа испратени три пораки до жителите на населбите зафатени од пожарот да се евакуираат, додека пак децата хоспитализирани во детската болница биле пренесени во останатите болници во градот. Портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис за грчката телевизија ЕРТ рече дека интервенираат 78 пожарникари со три пешадиски тима, 26 возила, четири авиони и шест хеликоптери, од кои еден за координација.

 

– Претседателот на ХДЗ во БиХ, Драган Човиќ, предупреди дека политичката ситуација во Босна и Херцеговина е лоша, што го отежнува процесот на европска интеграција за кој сите вербално се залагаат, но смета дека тоа е дел од вообичаеното однесување во пресрет на локалните избори, закажани за октомври, па очекува потоа состојбата да се промени. -Убеден сум дека имаме доволно основа да ја започнеме интензивната работа на Владата во октомври, а дотогаш да се обидеме да ја „спуштиме топката“ и да избегнеме кревање тензии, изјави Човиќ за агенцијата Фена. Човиќ актуелните политички тензии во БиХ и во регионот во јули ги гледа како редовни и смета дека по одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница, сите политичари и институции ќе ја преземат одговорноста за реформските и развојните процеси со кои се соочува БиХ. Првиот чекор, смета тој, треба да биде усвојување на буџетот во државниот парламент, за кој веќе е договорен Советот на министри и Претседателството на БиХ.

 

- Европската комисија реши да му препорача на Советот на ЕУ да покрене постапки против седум земји членки на Унијата поради „прекумерно ниво“ на нивниот буџетски дефицит.  Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за Белгија, Италија, Малта, Полска, Словачка, Унгарија и Франција, за кои според Еврокомисијата постои оправдана основа за започнување постапка за „прекумерен дефицит“.  Согласно ваквиот предлог на ЕК, Советот на ЕУ треба да ја оцени неговата оправданост и доколку го прифати ќе треба да усвои препораки за прилагодување и краен рок до кој посочените земји треба да ја надминат состојбата со прекумерниот дефицит.  Услов за иницирање ваква постапка е доколку буџетскиот дефицит на една земја членка за претходната година и планираниот за тековната надминува три отсто од националниот БДП.  

 

 - Двајца министри од германската Слободна демократска партија (ФДП), која е партнер во германската владејачка коалиција, го критикуваа новиот модел на регрутирање, вклучително и условот младите мажи да се регистрираат, предложен од германскиот министер за одбрана Борис Писториус, јави ДПА. Во писмото до Писториус, министерот за финансии Кристијан Линднер и министерот за правда Марко Бушман ја поздравија дебатата што тој ја иницираше за воената служба. Меѓутоа, тие не го сметаат дека воениот рок или задолжителна служба се реални од финансиски, економски и правни причини. Наместо тоа, двајцата политичари поддржуваат зголемување на атрактивноста на воената професија и зајакнување на улогата на резервистите, пишуваат во дописот доставен до ДПА. „Ние сме обединети со цел да го направиме Бундесверот една од најмодерните и најефикасните армии“, се наведува во писмото. „Ние можеме и ќе ја постигнеме оваа цел само со соодветно одобрување од јавноста. Според наше мислење, ова го исклучува повторното воведување на општа воена или задолжителна служба.

 

- Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција го поддржува територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина, но истовремено се придржува до принципиелниот став дека НАТО не треба да биде страна во конфликтот во руско-украинската војна. „Познато е дека го поддржуваме територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина. Ако зборуваме за следните чекори за поддршка на Украина, ние исто така остануваме на нашиот принципиелен став НАТО да не биде страна во војната“, рече Ердоган пред заминувањето на самитот на НАТО во Вашингтон. Ердоган рече дека нема да има губитници во праведен мир, истакнувајќи дека Турција од самиот почеток презеде одговорност да обезбеди прекин на огнот и да го отвори патот за траен мир.

 

 - ЕУ замрзна 30 милиони евра одбранбени средства за Грузија, откако го запре процесот на пристапување на земјата во јуни, изјави денеска евроамбасадорот во Грузија, Павел Херчински. Херчински рече дека ЕУ сега ја замрзнала поддршката за Грузија од Европскиот мировен фонд (ЕПФ), која за оваа година изнесува 30 милиони евра. „Се разгледуваат и други мерки, доколку состојбата дополнително се влоши“, истакна Херчински. Тој оцени дека е тажно да се гледаат односите меѓу ЕУ и Грузија на толку ниско ниво, кога можеле да бидат на највисоко ниво досега. ЕУ ѝ додели кандидатски статус на Грузија на крајот на 2023 година, но односите со Тбилиси се влошија откако грузискиот Парламент го усвои законот за „странски агенти“ во мај, и покрај масовните протести и ветото на грузиската претседателка Салома Зурабишвили.

 

- Експертите за права на Обединетите нации го обвинија денеска Израел дека спроведува „целна кампања за изгладнување“ што резултира со смрт на деца во Газа. „Изјавуваме дека намерната и насочена кампања на Израел за изгладнување против палестинскиот народ е форма на геноцидно насилство и резултира со глад низ цела Газа“, се вели во соопштението на десет независни експерти на ОН. Тие нагласуваат дека постојат докази за три деца кои неодамна починале од „неисхранетост и неможност за пристап до соодветена здравствена заштита“.

 

- Новоизбраниот претседател на Иран, Масуд Пезешкијан, денеска изјави дека односот на Иран кон Израел останува ист и дека движењата на отпорот низ целиот регион нема да дозволат продолжување на, како што рече, „израелската криминална политика “ кон Палестинците. „Исламската Република секогаш го поддржуваше отпорот на народот во регионот против нелегитимниот ционистички режим“, рече Пезешкијан во пораката до Хасан Насрала, лидерот на либанската група Хезболах, поддржана од Иран, пренесуваат британските медиуми. Медиумите соопштуваат дека шиитскиот Хезболах и палестинскиот сунитски Хамас се дел од групата фракции поддржани од Иран во регионот. Израел се уште не излезе со коментар на изјавата на Пезешкијан. Војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа започна во октомври минатата година, кога Хамас го нападна јужниот дел на Израел, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи околу 250 заложници, според израелските податоци. Оттогаш во израелската офанизва во Појасот Газа се убиени над 38.000 Палестинци, а речиси 88.000 се ранети, покажуваат податоците на Министерството за здравство на Газа.

 

- Во екот на бранот невообичаено високи температури и зголемена влажност на воздухот во Јапонија, властите во земјата денеска ги предупредија граѓаните на ризикот од топлотен удар во Токио и во областите на истокот и западот на земјата.Топлотниот бран во Јапонија веќе предизвика неколку смртни случаи, поради што многу Јапонци решија да ги искористат новите т.н. засолништа за ладење“ кои се отворени во Токио. Надлежните ги повикаа граѓаните да избегнуваат физичка активност, а Министерството за животна средина издаде највисок степен на предупредување. 

Остани поврзан