• вторник, 16 јули 2024
МИА Радио флеш

16 јули 2024

- Работни групи во Министерството за образование и наука (МОН) во кои членуваат и стручни лица од наставничката и академската фела, експерти и претставници на повеќе надлежни институции, подготвуваат шест нови законски решенија со кои ќе се унапредат образовните услуги кои се испорачуваат кон граѓаните и ќе се обезбедат повеќе права и можности за различни засегнати категории во областа. 

Како што информира денеска МОН, станува збор за предлог-закони за средното образование, стручно образование и обука, образование на возрасните, учебници во основното и средното образование, како и закони за изменување и дополнување на Законот за основното образование и на Законот за Националната рамка за квалификации. 

 - Министерот за здравство Арбен Таравари се уште го чека извештајот од Комисијата формирана на универзитетската Клиника за детски болести по повод случајот со тримесечното бебе со модринки по телото на оваа клиника, за што вчера само бил брифиран од новоназначениот директор на таа Клиника Реџеп Мемеди.

-Јас вчера бев брифиран од директорот на Клиниката за педијатрија дека случајот е разгледан, разговарано е. Според него, повеќе е невнимание од сестрите со бебе кое што било немирно, меѓутоа не сакам дефинитивно да кажам оти немам писмено испратено. Меѓутоа, преземени се одредени дисциплински мерки и медицинскиот кадар треба да биде многу внимателен со сите пациенти без разлика на етничката припадност, а посебно со децата. Јас се надевам дека мерките што ќе ги преземе Комисијата заедно со директорот ќе се ефектуираат, а ако се повтори повторно, јас мислам дека тогаш веќе веднаш треба да се исклучи медицинскиот кадар. Некакви докази дека намерно тоа е направено нема, така што, јас кажав и на почетокот – да бидеме внимателни да ги слушнеме и двете страни. Не верувам дека постои здравствен работник којшто би бил подготвен да повреди дете од три месеци. Да бидеме внимтелни. Очекувам писмено да ги прочитам сите констатации од Комисијата од Клиниката за педијатрија па повторно ќе ве известам, рече Таравари во Собранието во изјава за медиумите каде учествуваше на седница на собраниската Комисија за здравство.

- Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска ја примила директорката на Светска банка за Западен Балкан, Шиаочин Ју. На средбата, соопштија од кабинетот на Сиљановска Давкова, било изразено задоволство од тековната соработка и партнерството фокусирано на економскиот раст и севкупниот развој на македонското општество.

- Нагласувајќи ја непроценливата улога на Светска банка во изминативе три децении, претседателката Сиљановска Давкова изразила благодарност за континуираните проекти и иницијативи насочени кон клучните области, деловната клима, вработеноста, социјалната заштита и промовирањето одржлив зелен раст.

 - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска имаше работна средба со францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер.

На средбата, како што информира МВР, министерот Тошковски имаше можност да ги презентира програмските цели на новата Влада и приоритетите дефинирани во Министерството за внатрешни работи, меѓу кои бескомпромисната борба со организираниот криминал и корупција, планот за реорганизација на управните служби и новата систематизација на работните места, промената на системот за обука, со акцент на континуираните обуки, дигитализацијата на министерството и процесите.

- Точно знаеме што сакаме, имаме искуство и желба со чесно и посветено работење да ги постигнеме европските вредности дома, потенцираше министерот Тошковски.

- Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска оствари одвоени средби со амбасадорот на Босна и Херцеговина Драган Јаќимовиќ и со амбасадорот на Јапонија Оцука Казуја. Актуелните состојби во земјава и регионот и значајни надворешно-политички теми биле во фокусот на средбите. 

На двете средби, како што информира МНР, соговорниците ги потврдија одличните билатерални односи кои се градат и развиваат во континуитет.

- Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска имал средба со претставници на Европската инвестициска банка (ЕИБ) -  Бјорн Габриел, преставник на ЕИБ во Скопје, и Алесандро де Кончини, виш службеник за заеми за Северна Македонија при ЕИБ, на која разговарале  за можностите за зајакнување на соработката.

Како што соопшти Министерството за европски прашања, Муртезани на соговорниците им посочил дека физичкото присуство на ЕИБ во земјата и на терен за сите операции на ЕИБ „навистина го олеснува спроведувањето на проектите/програмите“.

- За состојбите во високото образование, заложбите за интернационализација на македонскиот високообразовен систем и потребата од дигитализација на процесот на акредитација на високообразовните установи, денеска разговараа министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и претседателот на Одборот за акредитација на високото образование, проф. д-р Марјан Ѓуровски. 

На средбата се потенцираше дека е неопходно зајакнување на стандардите и капацитетите на високообразовните институции со посебен фокус на студиските програми и продуктот кои тие го креираат - дипломирани студенти за потребите на општеството и бизнис заедницата. Јаневска и Ѓуровски се согласни дека треба да се изградат и механизми за поддршка на развојот на високото образование во земјата од страна на бизнис заедницата.  

- Директорот на Универзитетската клиника за детски болести, Реџеп Мемеди, денеска, во врска со наводите за повреда на четиримесечното доенче кое беше хоспитализирано во Клиниката, изјави дека немало никакви намери од страна на медицинската сестра за нанесување повреда, туку модринките на раката настале од земање венска крв за анализа, како и дека нема да се поведе дисциплинска постапка за медицинската сестра. Претходно, министерот за здравство Арбен Таравари, пак, изјави дека е покрената е дисциплинска постапка за две лица, од кои една е медицинска сестра.

– Немало апсолутно никаква намера на медицинската сестра за нанесување повреда, туку тие хематоми, односно модринки на десната рака настанале во текот на процедурата земање венска крв за анализи на ден 11 јули, која е реализирана од страна на две медицински сестри, при што едната сестра ја фиксира раката на детето, надлактица и подлактица, а другата сестра боцка во вена. Како последица на механичкиот притисок настанале хематомите на десната надлактица и подлактица, рече Мемеди.

- По спроведена сеопфатна истражна постапка што се водеше од почетокот на оваа година во предметот „Грчец“, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против пет лица. 

Како што наведува Обвинителството, според описот наведен во првиот дел од диспозитивот на Обвинителниот акт тројца од обвинетите како припадници на организираната меѓународна криминална група извршиле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори од чл.215 ст.3 од Кривичен законик. Тие како припадници на организирана меѓународна криминална група, заедно со други лица од кои дел се осомничени во предметот и се недостапни на органите на прогонот, дел се починати, а дел веќе осудени, заеднички делувале, секој во својата улога на неовластена набавка, пренесување, држење, продажба и посредување во купопродажба. Во повеќе наврати во текот на 2020 година овие тројца обвинети биле инволвирани во неовластено купување на 15,005 килограми наркотична дрога – кокаин, нејзино пренесување и пуштање во промет во државава.

- Црвениот крст на Република Северна Македонија активно е на терен во логистичка поддршка на екипите при справувањето со пожарите.

-Црвениот крст на Република Северна Македонија внимателно ја следи ситуацијата со справувањето со пожарите во државата и преку мобилните тимови на Црвениот крст на РСМ активно е вклучен во логистичка поддршка на екипите, институциите и граѓаните ангажирани за гаснење на пожарот, се наведува во соопштението од Црвениот крст. 

- На 84-годишна возраст денеска почина Кики Мангова Поњавиќ (1940 – 2024), редовен професор во пензија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје на Катедрата за финансово право и финансии.

-Со нејзината смрт загубивме драга и почитувана колешка, која беше извонреден предавач, одличен педагог, посветен наставник и истражувач и особено ценет експерт во областа на науката во која делуваше. Зад себе остави бројни генерации професори, соработници и студенти кои вечно ќе ја паметат.

- Европската комисија донесе одлука да мобилизира помош за Северна Македонија и Бугарија во справувањето со шумските пожари што ги зафатија двете земји, соопшти денеска портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и справување со кризи Балаш Ујвари. 

- Со активирање на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, во Северна Македонија се распоредени четири хеликоптери и три противпожарни авион од Хрватска, Словенија, Србија и Турција, информира Ујвари.

- „Големите сили ве фалат кога ги слушате и ги повредувате Србите, но кога шумите ќе почнат да горат, Србија е прва што ќе помогне“, и порача на Северна Македонија српскиот вицепремиер и поранешен министер за полиција Александар Вулин, јави дописникот на МИА од Белград.

-Имате убав јазик, побарајте во него зборови што означуваат чест, лојалност, благодарност, рече Вулин, потсетувајќи дека Србија и помага на Северна Македонија во гаснењето на шумските пожари и покрај тоа што Северна Македонија беше „спонзор на антисрпската резолуција за Сребреница“.

- Српската Влада денеска ја усвои Уредбата за спроведување на Уредбата за утврдување на просторен план на подрачјето за реализација на посебна намена за реализација на проектот за експлоатација и преработка на минералот јадарит „Јадар“.
Како што е објавено на веб-страницата на Владата, со денот на влегувањето во сила на оваа уредба е донесена Уредбата за утврдување на просторен план на подрачјето за посебна намена за спроведување на проектот за минерални суровини „Јадар“, кој претходно беше укинат со Влада, повторно ќе се применува, јави Бета.

Основа за усвојување на денешната владина уредба е одлуката на Уставниот суд донесена на 11 јули.

- Владата на Косово до 18 јули ќе достави коментари до Европската унија за начинот на спроведување на планот и редоследот на чекорите за спроведување на договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, потврдија високи претставници на Владата на Косово, пренесе Бета.

-Владата на Косово ќе достави писмени коментари за документот за секвенцискиот план, во наведениот рок, односно на 18 јули, на барање на емисарот (Мирослав) Лајчак. Континуирано, во текот на минатата и оваа година, нашата страна презентираше конкретни предлози и коментари за секоја точка, план за редослед на верзии, докажување на конструктивност, како и подготвеност и волја за спроведување на договорот, изјави за РТВ21 советникот на шефот на преговарачкиот тим на Косово, Клисман Кадиу.

- На денешниот состанок на владиниот совет за национална безбедност со кој претседаваше грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, надлежните министри информирале за прашањата од надворешната политика, одбраната, за мигрантските бранови, како и за управувањето со пожарите, соопшти заменик-министерот без ресор и владин портпарол Павлос Маринакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Дополнително, на денешниот редовен состанок, началникот на новоформираната Национална управа за сајбер безбедност Михалис Блецас го презентирал главните приоритети на конкретната управа.

- Косовската влада го промовира денеска „Прозорецот за инвестиции на дијаспората“, кој претставува кредитната програма од која може да има корист косовската дијаспора заинтересирана за инвестирање во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Овој фонд, како што информриа премиерот Албин Курти на свеченоста по повод неговата промоција, се очекува да достигне вредност до 100 милиони евра, додека гаранцијата за инвестициските кредити ќе биде до 3 милиони евра.

- Финскиот претседател Александар Стуб денеска го потпиша таканаречениот закон за протерување бегалци, кој ќе стапи на сила на 22 јули, соопшти кабинетот на шефот на државата.

Стуб на Инстаграм напиша дека чинот е од витално значење за националната безбедност, како и дека ги разбира тензиите поврзани со тој закон.

- Велшкиот премиер Вон Гетинг денеска поднесе оставка по неколкумесечни тензии во Сенедот, националното собрание на Велс.

Гардијан објави дека неговата оставка доаѓа откако четворица велшки министри се повлекоа од своите позиции во пресметан потег за да го принудат Гетинг да го стори истото.

- Членови на Европскиот парламент побараа да и се одземе правото на глас на Унгарија во ЕУ поради патувањата на премиерот на таа држава во Русија и Кина, објави „Политико“.

Во писмото добиено од уредниците на публикацијата, 63 европратеници им се обраќаат на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

- Еврозоната во мај, според првите прелиминарни проценки, забележа суфицит од 13,9 милијарди евра во стоковната трговија со остатокот од светот, објави денеска Евростат.

Еврозоната претходно забележа нешто поголем суфицит во април во износ од 14,2 милијарди евра, а сегашниот пад е пред се резултат на помалиот суфицит во трговијата со машини, возила и хемикалии.

- Роберта Мецола од малтешката конзервативна Национална партија (ПН), која е дел од групата на Европската народна партија (ЕПП), денеска беше реизбрана за претседателка на Европскиот парламент со мандат од две и пол години.  

На конститутивното заседание на новиот состав на Европскиот парламент, што се одржува во Стразбур, за Мецола гласаа 562 европратеници, а нејзината противкандидатка за функцијата Ирене Монтеро од шпанската партија Можеме (Подемос), дел од групата на Левицата, доби 61 глас. Вкупно 77 гласачки ливчиња беа прогласени за неважечки. 

- Портпаролот на ЕУ, Петер Стано денеска изјави дека Европската унија се уште нема донесено одлука за укинување на казнените мерки против Косово и дека во Советот на ЕУ продолжуваат дискусиите за евентуално отстранување на санкциите.

Според него, извештајот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, за исполнувањето на барањата на Косово од страна на ЕУ, изразени во Декларацијата од 3 јуни 2023 година, беше испратен до земјите-членки и првата дискусија беше одржана во јуни.

- Новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, во четврток ќе се појави на суд на второто рочиште на неговото судење за обвиненијата за шпионажа што тој, неговиот работодавaч и американската влада жестоко ги негираат.

Судењето, кое не е отворено за јавноста, се одржува во Екатеринбург, градот каде Гершкович беше уапсен додека бил на службен пат.

- Мора да бидеме подготвени да ја пружиме раката на Европа на луѓето кои гледаат кон нас во Украина, Молдавија и Грузија и на сите оние од Западниот Балкан на кои предолго им се ускратува напредокот, изјави денеска Роберта Мецола во обраќањето пред европратениците по нејзиниот реизбор на местото претседателка на Европскиот парламент.

- Мора да бидеме подготвени да ја пружиме раката на Европа, бидејќи секој од нив оди по својот пат со заслуги и почитување на потребните критериуми. Мора да бидеме подготвени да се соочиме со овој нов свет и оваа нова реалност и заедно ќе бидеме подготвени, истакна Мецола.

- Францускиот претседател Емануел Макрон ќе ја прифати оставката на владата на премиерот Габриел Атал до вечерва, јавува БФМТВ (BFMTV) повикувајќи се на извори.

Макрон за ова ја информирал владата на состанокот во Елисејската палата и и наредил на владејачката коалиција во заминување да даде предлог со цел формирање мнозинска коалиција или широк парламентарен сојуз.

- Шефот на Канцеларијата на Европската унија во Косово, Томаш Суниог, изјави дека Косово треба да го испрати меѓународниот нацрт за Заедницата на општини со српско мнозинско (ЗСО) на оценка до Уставниот суд и дека трите државни лидери ветиле дека ќе ја формираат, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното интервју за порталот „Економија онлајн“, Суниог рече дека формирањето на ЗСО е меѓународна и правна обврска на Косово, на која земјата се согласи во 2013 година, а која беше ратификувана и од Собранието на Косово со уставно мнозинство.

- Мултимилијардерот Илон Маск најави дека ќе дава околу 45 милиони долари месечно на новиот политички комитет кој го поддржува Доналд Трамп, објави Волстрит џурнал повикувајќи се на неименувани извори.

Донациите на Маск ќе бидат наменети за политичка група наречена America PAC, што ќе се фокусира на промовирање на регистрација на гласачите, предвремено гласање и гласање по пошта меѓу жителите во сојузните држави пред изборите во ноември, објави весникот цитирајќи луѓе запознаени со прашањето.

Остани поврзан