• вторник, 16 јули 2024
МИА Флеш

  16  јули 2024

 

Скопје - Во следните денови и натаму ќе биде претежно сончево и многу топло со
максимална дневна температура која насекаде ќе биде над 30 степени целзиусови, а наместа ќе надминува 40 степени.

До крајот на работнава седмица ќе биде активно портокаловото ниво за опасност од високи
температури.

Во петок и за време на викендот, а особено во сабота, во попладневните часови ќе има појава на локален порен дожд, грмежи и засилен ветер и дневната температура ќе биде во постепено опаѓање.

Штип - Пожарникарите, хеликоптерите, припарниците на АРМ и Полицијата, како и на останатите институции од утринава се на терен за да го гасната пожарот на планината Серта на две критични точки, над селото Драгоево и на ридот Штракалево меѓу селото Драгоево и полигонот Пенуш, информираше денеска командирот на ТППЕ-Штип, Благој Ренџов по одржаниот координативен состанок во Општина Штип.

-На терен рано од сабајле е излезена војската, од 40 до 60 припадници на Армијата, од ТППЕ –Штип имаме излезено две возила, потоа една цистерна и еден џип. Состојбата се следи бидејќи на полигонот Пенуш е ризично да се дејствува имаме неиспукана муниција. Таму ја следиме состојбата и чекаме поддршка од воздух, вели Ренџов.

Белград - Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска присуствуваше на испраќањето на припадниците на Хеликоптерската единица и Секторот за вонредни ситуации на МВР кои полетаа за Северна Македонија со противпожарен хеликоптер Камов Ка-32 за да помогнат во гаснењето на шумски пожар, јави дописникот на МИА од Белград.

-Подготвени сме да помогнеме секаде каде што е потребно, се разбира имајќи ги предвид процедурите и барањата испратени од други земји, рече Дачиќ.

Брисел - Европската комисија донесе одлука да мобилизира помош за Северна Македонија и Бугарија во справувањето со шумските пожари што ги зафатија двете земји, соопшти денеска портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и справување со кризи Балаш Ујвари. 

- Со активирање на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, во Северна Македонија се распоредени четири хеликоптери и три противпожарни авион од Хрватска, Словенија, Србија и Турција, информира Ујвари. 

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари се уште го чека извештајот од Комисијата формирана на универзитетската Клиника за детски болести по повод случајот со тримесечното бебе со модринки по телото на оваа клиника, за што вчера само бил брифиран од новоназначениот директор на таа Клиника Реџеп Мемеди.

Скопје - Министерот за правда Игор Филков го прими претставникот на Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите Нации – УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој, соопши Министерството за правда и односи.

На средбата, како што се наведува во соопштението се разговарало за досегашната соработка на Министерството за правда УНХЦР, како и институционалната и материјалната поддршка како клучни за зајакнување на капацитетите за изнаоѓање одржливи решенија за луѓето во ранливи ситуации.

Скопје -  Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска имал средба со претставници на Европската инвестициска банка (ЕИБ) -  Бјорн Габриел, преставник на ЕИБ во Скопје, и Алесандро де Кончини, виш службеник за заеми за Северна Македонија при ЕИБ, на која разговарале  за можностите за зајакнување на соработката.

Како што соопшти Министерството за европски прашања, Муртезани на соговорниците им посочил дека физичкото присуство на ЕИБ во земјата и на терен за сите операции на ЕИБ „навистина го олеснува спроведувањето на проектите/програмите“.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска имаше работна средба со францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер.

На средбата, како што информира МВР, министерот Тошковски имаше можност да ги презентира програмските цели на новата Влада и приоритетите дефинирани во Министерството за внатрешни работи, меѓу кои бескомпромисната борба со организираниот криминал и корупција, планот за реорганизација на управните служби и новата систематизација на работните места, промената на системот за обука, со акцент на континуираните обуки, дигитализацијата на министерството и процесите.

Скопје - Министерот за локална самоуправа, Златко Перински на денешната средба со шефот на Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Скопје, Фатих Туркменоглу разговарал за приоритетите на ЕБОР во државава, а тоа е укажувањето на значителна поддршка во инвестирање во бројни проекти во различни сектори, со цел напредок на земјава во конкурентноста, зелената транзиција, како и во процесот на интеграција, како во регионалните, така и на глобалните пазари.

Скопје - Општина Ѓорче Петров и волонтери од Црвениот крст во паркот во Ѓорче Петров спроведоа акција за делење флаширана вода за граѓаните, поради високите температури што ја зафатија земјата, информираат од Општина Ѓорче Петров. 

-Високите температури се опасни по здравјето на сите граѓани, особено на повозрасните. Наш мал придонес во борба со црвениот температурен аларм е акцијата која ја спроведовме со Црвениот крст за бесплатно делење шишиња со вода во паркот во Ѓорче Петров, истакнал градоначалникот Александар Стојкоски, кој присуствувал на терен со волонтерите.

Скопје - РЕК Битола стави во функција два блока и испорачува електрична енергија во македонскиот електроенергетски систем, соопшти АД ЕСМ, Подружница РЕК „Битола". Како што наведува, Блок 1 е ставен во функција во 11:45 часот денеска, а претходно, за време на викендот, на мрежа беше и Блок 3.

Блок 1 на РЕК Битола беше надвор од функција од петокот поради испадот на 110 киловолтната собирница на МЕПСО. Поради прекинот во напојувањето, одложени беа и операциите за пуштање во финкција на Блок 3.

-И покрај проблемите што ги предизвика испадот, стручни лица на РЕК Битола во рекордно време ги оспособија постројките за работи и комбинатот од денес произведува струја од два блока, наведува ЕСМ. 

Скопје - Во рамките на предвидените активности кон стратегиската цел - Подобрување на капацитетот во насока на зајакнување на својата супервизорска и регулаторна улога во капитално финансираното пензиско осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, на 10 јули 2024 година беше гостин на Хрватската агенција за супервизија на финансиските услуги (Ханфа) во Република Хрватска. 

Целта на посетата беше воспоставување и отпочнување на соработката со Хрватската агенција за супервизија на финансиските услуги (Ханфа). Меморандумот за соработка беше потпишан од страна на претседателот на Советот на Експерти на МАПАС, Максуд Али и претседателот на Управниот совет на Ханфа, Анте Жигман.

Скопје – Македонските екипи денес ги дознаа ривалите во ЕХФ купот.

Освојувачот на Купот на Македонија, Алкалоид во второто квалификациско коло ќе се соочи со Драгунас Клаипеда од Литванија.

ГРК Охрид, исто така во второто коло од квалификациите купот, ќе игра со Потаиса Турда од Романија.

Тиквеш за противник во првото коло го доби тимот на Драма од Грција.

Бјанко Монте од Драма. 

Средбите од првото квалификациско коло во ЕХФ купот ќе се играат на 14/15 септември и на 21/22 септември (реванши).

Второто коло е предвидено за 19/20 и 26/27 октомври (реванши). 

Белград – Белградската Гинеколошко – акушерска клиника Народни фронт ја извести здравствената инспекција на Министерството за здравство на Србија нагласувајќи дека поради екстремно високи температурни услови и максимално искористување на системот, има преоптоварување на сите системи за ладење, што довело до огромно оптоварување на електричната мрежа и дефект на системот за ладење во некои делови на клиниката.

„Поради тоа, бевме принудени да преминеме на алтернативни системи за ладење, користење вентилатори, затемнување на просториите, проветрување на просториите, поставување влажни облоги на прозорците со што се обезбеди доволно ладење на просториите со нормална влажност“, се наведува во соопштението на Клиниката.

Белград - Јулскиот тропски бран ја зголеми потрошувачката и цената на електричната енергија, па така во понеделникот на 15 јули во Србија се потрошени 103 гигават часови струја, што е најголема дневна потрошувачка на струја, со што е соборен рекордот во дневна потрошувачка на електрична енергија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Потрошувачката на дневна основа беше 103 гигават часови. Во однос на претходната година имавме 10 отсто поголема потрошувачка, изјави главниот диспечер во Националниот диспечерски центар на Електромрежа на Србија (ЕМС) Драган Ракиќ.

Стразбур - Новоизбраните европратеници денеска почнаа со работа во Стразбур - прва точка на дневниот ред е изборот на нов претседател на Европскиот парламент. За функцијата има двајца кандидати - актуелната претседателка Роберта Мецола (Европска народна партија) и Ирене Монтеро (Левица).

Во својот говор пред гласањето, Мецола се изјасни за поголема моќ на ЕП, дека ќе се бори против злоупотребите во институцијата и да ја поддржи Украина. „Европа е место на помирување, еднаквост, слобода, демократија, можности, владеење на правото и напредок“, рече таа.

Стразбур - Дваесет и тригодишната Лена Шилинг (Зелени/ЕСА) од Австрија е најмладата европратеничка во новиот Европски парламент, кој денеска почна со работа во Стразбур.

Најстарата европратеничка е 77-годишната Леолука Орландо (Зелени/ЕСА) од Италија, која беше градоначалник на Палермо повеќе од 20 години, а беше и претседател на Италијанската федерација за американски фудбал.

Просечната возраст на европратениците во новиот Европски парламент е 50 години.

Брисел - Советот на ЕУ соопшти дека ги усогласил своите препораки специфични за секоја земја членка на Унијата за економските, социјалните, трудовите, структурните и буџетските политики за периодот од новиот мандат на европските институции во следните пет години. 

Усвојувањето на препораките е дел од процесот што треба да им овозможува на земјите членки на ЕУ да ги координираат своите економски, фискални и политики за вработување. 

Согласно новите правила на ЕУ, што се во сила од 30 април годинава, земјите членки треба да подготват среднорочни фискални структурни планови во кои ќе бидат утврдени нивните трошоци и приоритетни реформи и инвестиции. 

Брисел - Портпаролот на ЕУ, Петер Стано денеска изјави дека Европската унија се уште нема донесено одлука за укинување на казнените мерки против Косово и дека во Советот на ЕУ продолжуваат дискусиите за евентуално отстранување на санкциите.

Според него, извештајот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, за исполнувањето на барањата на Косово од страна на ЕУ, изразени во Декларацијата од 3 јуни 2023 година, беше испратен до земјите-членки и првата дискусија беше одржана во јуни.

„Високиот претставник препорачува укинување на мерките за Косово, како што нагласи на прес-конференцијата на 24 јуни 2024 година. Дискусиите во Советот продолжуваат“, изјави Стано за Телеграфи.

Москва - Во врска со изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за учеството на Русија на мировниот самит организиран од Киев, Кремљ денеска соопшти дека прво треба да се разјасни за каков самит се работи.

„Првиот мировен самит воопшто не беше мировен самит, така што очигледно прво треба да разбереме што сака тој (Зеленски) со тоа“, изјави портпаролот на руското претседателство, Дмитриј Песков за руски медиуми.

Вашингтон - Локален полициски снајперски тим бил распореден во зградата од чиј покрив атентаторот, Томас Метју Крукс, пукал и го рани поранешниот американски претседател и актуелен претседателски кандидат Доналд Трамп за време на предизборен митинг, објави Њујорк пост, цитирајќи извори од органите на редот.

Зградата во Батлер, Пенсилванија, во која се наоѓаше фабрика за пакување стакло и пластика, локалната полиција ја користеше како „набљудувачки пункт“ за нивните снајперисти да внимаваат на заканите додека поранешниот претседател држеше говор на само околу 110-120 метри, тврдат изворите.

Според нив, во моментот на пукањето полицајците биле внатре во зградата, но не на нејзиниот покрив.

Вашингтон - Руската компанија за кибер безбедност Касперски Лаб соопшти дека ќе ги прекине своите операции во САД по речиси две децении откако Министерството за трговија и забрани на компанијата да ги продава своите производи во САД.

„Компанијата внимателно го испита и процени влијанието на американските законски барања и ја донесе оваа тажна и тешка одлука бидејќи деловните можности во земјата повеќе не се одржливи“, се вели во соопштението на компанијата.

Рим - Странски турист утрово бил нападнат од мечка во општина Дро, во областа Трентино во северна Италија. Повредениот е пренесен в болница со повреди на екстремитетите.

Надлежните истражуваат за да утврдат што точно се случило. Италијанските медиуми јавуваат дека во околината неодамна била забележана мечка - женка, со младенчиња.

Од 2014 година во Трентино се забележани неколку напади на мечки врз луѓе.

Рим - Научниците првпат открија пештера на Месечината, длабока најмалку 100 метри, којашто би можела да биде идеално место за изградба на постојана база за истражувања, според напис објавен во научното списание „Нејчр астрономи“ (Nature Astronomy).

Итражувачите од Универзитетот во Тренто во Италија, Лоренцо Бруѕоне и Леонардо Карер ја откриле пештерата. Според нив, тоа е само една од веројатно стотиците неоткриени вакви тунели на Месечината. Во таа смисла, првата британска астронаутка Хелен Шарман за „Би-би-си“ изјави дека новооткриената пештера изгледа како добро место за научна колонија и оти е можно луѓе да живеат или да престојуваат во месечевите пештери за 20 до 30 години.

Пештерата се создала пред милиони или милијарди години, кога лава течела низ тоа место на Месечината, создавајќи тунел низ инаку карпестиот предел.

Лoндон - Трговците би можеле да загубат најмалку милијарда долари годинава бидејќи Гана, вториот најголем светски производител на какао, доцни со испораката на суровината и сака да ја одложи до 2025 година.

Како што се наведува, намалените испораки од 350.000 тони во 2024 година значи дека трговците и преработувачите на какао би можеле да се соочат со загуби од 4.000 долари за тон фјучерси што ги купуваат за да ја заштитат испораката на нивната стока.

Вкупните загуби на тој начин би можеле да изнесуваат 1,4 милијарди долари.

Лос Анџелес - Цртаниот филм „Подлиот јас 4“ (Despicable Me 4) доминира на светските киноблагајни, заработувајќи 437 милиони долари од неговото прикажување на 3 јули. Со тоа, популарната франшиза стана првиот анимиран серијал филмови во историјата којшто надмина пет милијарди долари приходи, пишува „Варајети“ (Variety).

Џалалабад – Најмалку 40 лица загинаа, а 347 се повредени во силното невреме што вчера ја погоди провинцијата Нангархар во источен Авганистан, соопшти авганистанското Министерство за здравство.

Портпаролот на министерството Шарафат Заман изјави дека бројот на жртвите се очекува да се зголеми додека продолжуваат напорите за пребарување и спасување.

Тагови

Остани поврзан