• вторник, 16 јули 2024
МИА Радио флеш

 16 јули 2024

 - Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оддржа работна средба со Бјорн Габриел, претставник на Европската инвестициона банка, со кој разговараше за реализација на капиталните инвестиции и можноста за финансиска поддршка за истите од страна на ЕИБ, информираат од Министерството за транспорт. Министерот Николоски истакнал дека Владата преку Министерството за транспорт е силно фокусирана на реализација на крупни капитални проекти што се од економско значење за домашната економија и регионалното поврзување.  

 

 - Откакао вчера беша изгаснат крајниот северозападен крак од големиот пожар кој избувна пред седум денови на планината Огражден, над селото Бадилен, на територијата на Општина Ново Село, денеска се продолжува со гаснење и на југозападниот крак, веднаш до границата со Бугарија. Пожарот се уште е активен, а според директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов се разгледува можноста за повторно вклучување на „Ер тракторите“, како што дејствуваа вчера. Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, може да се очекува во текот на денешниот ден пожарот да биде изгаснат, но на многу делови и непристапни места догорува напластен сув материјал.

 

 - Инспектори од Служба за мобилни скенери спречија нелегален изнес на девизи на граничен премин Блаце во износ од 7.800 евра, откако при контрола на патник открија поголема сума непријавени девизи, соопшти Царинската управа. Лицето, како што се наведува во соопштението, е македонски државјанин кој патувал со автомобил со чешки регистарски таблички. На прашање на царинските инспектори дали има нешто да пријави тој одговорил дека нема ништо, при што е извршена контрола на возилото каде во неговата ташна се пронајдени вкупно 9.800 евра. Согласно Законот за девизно работење на патникот му се вратени 2000 евра, што македонски државјани можат да ги изнесат од државата без да ги пријават, а останатите се задржани.  

 

 - Потребна е поголема мобилизација на финансиски средства, особено од приватниот сектор, за зелена трансформација, како дел од структурните реформи и за конвергенција на економиите во развој кон ЕУ. Анализите на ММФ покажуваат дека до 2030 година, уделот на приватниот сектор во зеленото финансирање треба да се зголеми од 40 отсто на 80 до 90 отсто кај брзорастечките и економиите во развој. Улогата на централните банки во поддршката на зелената трансформација станува сѐ поизразена во изминатите пет години, вклучително и на Народната банка, којашто ова прашање го разгледува на системски начин поставувајќи го во рамките на своите стратегиски цели. Ова го порача гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во својата дискусија на Годишниот состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, на која ѝ припаѓа нашата земја, којшто се одржува во Кишињев, Молдавија. На состанокот на Конституенцата учествуваше и вицегувернерката Емилија Нацевска.

 

 - Врз основа на поднесено писмено известување од МВР-СВР Скопје Одделение за увиди на сообраќајни незгоди, за настан во кој возач на автобус на ЈСП Скопје на 8 јули изгубил контрола врз возилото за јавен превоз, отишол во лево и удрил во бетонска жардиниера на булеварот „Гоце Делчев”, при што со телесни повреди биле евидентирани возачот на автобусот и двајца патници, Основното јавно обвинителство Скопје оформило предмет и презема дејствија за испитување на настанот. Надлежниот јавен обвинител, соопштија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, ќе ги испита и наводите што се изнесени преку јавно искажани изјави од учесници во настанот и од други лица со кои се укажува на незаконитости во работењето на ЈСП Скопје, во поглед на исправноста и одржувањето на автобусот со кој се случи незгодата.

 

 – Поради високите температури што се очекува да достигнат до 42 степени Целзиусови, надлежните Министерства воведоа вонредни мерки за заштита на вработените во државниот и приватниот сектор во Грција што важат од денеска до петок, јави дописничката на МИА од Атина. Мерките се однесуваат на деловите од земјата каде што температурата ќе биде над 40 степени, за државните службеници предвидена е работа од дома, особено за оние кои припаѓаат на ранливи категории, а истото важи и за конкретната категорија во приватниот сектор. За оние кои работат на отворено планиран е прекин со работа во периодот од 12 до 17 часот, додека пак во случај да се прекрши конкретната мерка планирана е казна за компаниите во висина од 2.000 евра по вработен.

 

- Земјите од регионот и денеска се под метеоролошки предупредувања за топлотен бран. Во цела Црна Гора и БиХ, како и делови од Хрватска е прогласено црвено предупредување за топлотен бран, а предвидените температури на места ќе достигнат и над 40 Целзиусови степени. Кога станува збор за Хрватска, најтопло утрово беше во Дубровник, 27,5 степени. Хрватските метеоролози прогнозираат дека жештините ќе продолжат и во вториот дел од неделата, особено на Јадранот, додека во внатрешноста почестите врнежи ќе донесат времено освежување, кое особено ќе биде изразено во петок. Републичкиот хидрометеоролошки завод на Република Српска издаде предупредување поради продолжување на топлотниот бран на целото подрачје. Температурата на воздухот денеска ќе се движи до 42 Целзиусови степени.

 

- Поради тоа што нема стабилна политичка Влада, Бугарија се соочува со реален ризик да остане без средства предвидени со Планот за закрепнување на ЕУ, предупреди еврокомесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади Илијана Иванова.   - Немањето редовна Влада нема да влијание добро врз позицијата на Бугарија во Европа, изјави бугарската еврокомесарка Иванова во интервју за софиската телевизија бТВ.   Иванова потенцира дека во рамки на Планот за закрепнување на ЕУ, Бугарија би можела да добие вкупно 5,69 милијарди евра, но поради политичката состојба во земјата постои реален ризик да загуби дел од овие средства.

 

 – Со особена радост и емоции го пречекав Фреди Белери во Стразбур кусо пред официјално да ја преземе неговата должност. Разговаравме за приоритетите на новиот политички циклус и важноста на владеењето на правото во сите земји-кандидатки за членство, напиша на платформата Икс потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Схинас по средбата со Белери и посочи дека „Европа е еднакво на слобода“, јави дописничката на МИА од Атина. Новиот европратеник од Нова демократија и осуден градоначалникот на Химара, Фреди Белери доби петдневна дозвола за излез од албанскиот затвор за да положи свечена заклетва во Европскиот Парламент, а вчера на пат кон Стразбур на неколку часа беше во Атина, каде што се сретна со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а грчкото малцинство во Албанија беше во фокусот на средбата.

 

- Четворица цивили се повредени во украинското гранатирање на градот Шебекино и селото Нова Таволжанка во Белгородската област, изјави гувернерот на овој регион во Русија, Вјачеслав Гладков. Тој рече дека во Шебекино се оштетени стакла на две станбени згради, пет куќи и осум автомобили. „Оштетен е и енергетски објект, гасовод и линии за снабдување со струја, поради што дел од градот е без струја“, додаде Гладков. Регионот Белгород се наоѓа на западот на Русија, на границата со Украина, а од почетокот на рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година, често е цел на гранатирање на украинските сили. 

 

 - Потенцијалниот влез на Украина во Северноатлантската алијанса може да доведе до директен конфликт меѓу Русија и НАТО, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо. „Ние постојано се придржуваме до еден од главните принципи на суверената словачка надворешна политика, според која членството на Украина во НАТО го загрозува мирот во целиот свет. Постојат воинствени земји од НАТО кои или воопшто не разбираат што би значело членството на Украина во Алијансата или, напротив, сакаат да предизвикаат директен конфликт меѓу НАТО и Русија, што би било почеток на третата светска војна“, изјави Фицо. Како што пренесува телевизијата ТАЗ, тој истакна дека тие земји инсистирале дека резолуцијата на самитот на НАТО ја одразува директната обврска на Алијансата да ја прифати Украина, што би било неприфатливо за Словачка.

 

- Дафенџинг, мал град во кинеската провинција Хенан, за еден ден беше зафатен од количество дожд колку што врне за речиси една година во таа област, а невремето што го зафати југот во последните денови се пресели во централнитe и севернитe провинции на земјата. Во рок од 24 часа, во Дафенџинг се забележани 606,7 мм врнежи од дожд, што според кинеските метеоролози е најмногу od каде било во Кина. Просечните годишни врнежи во тоа подрачје изнесуваат 800 мм. Властите во Хенан утрово ги воведоа највисоките мерки за контрола на поплавите.

 

- Сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Јо Џонг денеска изјави дека Јужна Кореја ќе се соочи со „погубни последици“ поради нејзините пропагандни летоци против Пјонгјанг што ги испраќа на северот. „Се чини дека ситуацијата станува неприфатлива. Повторно силно ги предупредуваме. Тие треба да бидат подготвени да платат ужасна и скапа цена“, рече таа, според КЦНА. Додаде дека големите балони со летоци „против Пјонгјанг“ предизвикуваат „голема непријатност“ за граѓаните на Северна Кореја.

 

 - Најмалку 17 лица загинаа, а 34 се повредени во сообраќајна несреќа во Авганистан, соопштија денеска локалните власти. Меѓу загинатите има и три деца. Патниците настрадаа кога автобус се преврте во областа Хинџан, провинцијата Баглан. Автобусот бил на релација Кабул - провинција Фариџаб, на северот на Авганистан. Истрагата за причините за несреќата е во тек, но локалните медиуми јавуваат дека превртувањето на автобусот можеби е последица на невнимание на возачот.

 

 - Четворица индиски војници загинаа во размена на оган со бунтовниците кои се борат против индиската власт во регионот Кашмир, соопшти индиската армија. Војниците биле убиени кога врз нив пукале екстремисти кои се криеле во шумите во областа Дода во дивизијата Џаму во јужен Кашмир. Владините сили ја пребаруваа областа врз основа на разузнавачки информации кога се случи престрелката, а ниедна бунтовничка група сè уште не ја презеде одговорноста за нападот. Минатата недела, пет војници беа убиени во блискиот кварт Катуа, кога возилото во кое се наоѓаа беше нападнато од заседа од бунтовниците. Во јуни девет лица беа убиени кога екстремисти отворија оган врз автобус со хинду аџии.

 

Остани поврзан