• вторник, 16 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

   16  јули  2024

 

Тетово - Претседатетелот на Движење Беса, Биљал Касами, денеска од Тетово истакна дека коалицијата „Вреди“ ќе настапи заедно и на локалните избори во 2025 година, а потоа ќе се види дали ќе станат и една партија. Викендов „Вреди“ формираше координативно тело.

-Коалицијата „Вреди“ во следната фаза ќе оди со заеднички органи, координативното тело каде секоја партија ќе има по двајца членови, претседателот и по еден заменик и претставникот на „Самоопределување“ Беким Ќоку ќе биде деветтиот член на тоа координативно тело. Дополнително ќе има и комисија за кадровски прашања која ќе ги реши сите овие работи во делот на именување и разрешување и следење на работат на нашите функционери во Владата и ќе имаме заедничка комуникација со медиумите односно портпарол на „Вреди“ до локалните избори кога планираме да одиме заедно, рече Касами од Тетово, каде како градоначалник имаше средба со новинарите.

Според него, патоказ за следните чекори во коалијата ќе биде исходот од локалните избори.

-Од резултатите на локалните избори ќе се види дали после тоа ќе одиме со следен чекор, да одиме со една структура, една партија, сакаме како досега и натаму да одиме по природен пат. Досега комуникацијата е одлична се надеваме дека и понатаму таква ќе биде и соединувањето на органите и структурите на коалицијата да биде по природен пат, рече Касами.

Кавадарци - Територијалната противпожарна единица Кавадарци со апел за внимателност, при палење меѓи на ниви се предизвикуваат пожари, алармираа оттаму, денеска во изјава за МИА. Притоа информираа дека неколку пожари за кратко време деновиве, биле предизвикани, најверојатно, токму поради неодговорни поединци. - Според нашите информации, најверојатно запалиле меѓи на земјоделските имоти и со заминале. Таков пожар на четири места беше предизвикан  на висорамнината Љубаш во само една ноќ пред само неколку дена, причината најверојатно е човечки фактор, посочија од Територијалната противпожарна единица од Кавадарци.

Додаваат дека денеска повторно имале еден таков пожар во росоманското село Сирково и само навремената интервенција на пожарникарите спречила да се прошири пожарот. Според нивните сознанија, најверојатно и овде се работело за човечки фактор, неодговорност на поединци. 

Од Противпожарната единица упатија апел за внимателност до сите, со цел превентивно да се влијае и да се спречи појавата на пожари. Особено во услови на многу топло време. 

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски го придружуваше општинскиот Црвен крст кој деновиве спроведува заеднички теренски активности за превенција и заштита на здравјето на граѓаните од последиците на топлотниот бран. Мобилните тимови составени од службите на локалната самоуправа и волонтерите од Црвен Крст на различни локации во општината делат вода, даваат прва помош, како и препораки и совети за  справување со екстремно високите температури. Со акцијата се опфатени најфреквентните локации на улиците „Партизанска“, „Водњанска“, кај „Рекорд“ и улица „Македонија“.

Куманово - Почна дистрибуцијата на решенијата за данок на имот за 2024 година, а тече и дистрибуцијата на опомени за неплатени долгови за данок на имот за правни лица и за назив на деловна просторија (фирмарина) за претходната година, информираат од Секторот за даноци и такси на Општина Куманово.

- Имаме вкупно 118 опомени по основ на данок на имот за правни лица и 1.761 опомена за неплатена фирмарина за 2023-та година. По целосно завршување на дистрибуцијата на решенијата за данок на имот на физички лица за 2024-та, граѓаните кои не ги платиле даночните обврски за претходната година ќе добијат и опомени до крајот на 2024-та, изјави раководителката на сектоорт, Фросина Краљевска.

Процентот на наплата е солиден и се движи околу 60-тин проценти. Надлежните од секторот очекуваат уште повисока наплата, особено по дистрибуцијата на опомените. За претходната година за назив на деловна просторија, процентот на наплата е 57 проценти, за данок на имот на правни лица наплатата е 58, 87 и за данок на имот на физички лица е 59 проценти.

- Обично се зголемува процентот на наплата и очекуваме до крајот на годината да биде зголемен. Се тече во најдобар ред, се генерираат решенијата во законски предвидениот законски рок, се генерираат опомени, се дистрибуираат. Мора да потенцирам дека даночните обврзници доаѓаат и без да добијат опомени. Имаме ажурни, совесни обврзници кои редовно доаѓаат и сакаат однапред да ди го платата долгот, изјави Краљевска.

На подрачјето на градот има и нови обврзници оние кои стекнуваат имот по основ на купопродажба, подарок, доживотна издршка.

- Автоматски или по службена должност и законската обврска дека по стекнувањето на имотот имаат должност да го пријават имотот и да бидат задолжени. Доколку граѓаните поседуваат имот задолжени се да поднесат пријава до секторот, повика Краљевска.

На подрачје на општина Куманово има околу 37.000 обврзници. 

Тетово - Градоначалникот Тетово заедно со началникот на СВР Тетово и директорот на ЈП „Градски паркинг“ денеска на булеварот „Илинден“ извршија надзор на состојбите во сообраќајот, по вчерашната одлука на делови од две булеварски сообраќајници да не се дозволи паркирање на возила. Одлуката се однесува на делови од „Илинден“ и „Благоја Тоска“, а не се дозволува паралелно паркирање на булевар „Илирија“.

- Во овој летен период, до 15 август да бидат ослободени булеварите и патните правци во Тетово за да имаме послободно движење на возилата. Според договореното до 21 часот навечер нема да се дозволи паркирање на места каде што не е дозволено за паркирање. После 21 часот нема да плаќаат паркинг во зонско паркирање. Ова е во служба на тоа што дење нашите граѓани кои излегуваат за да ги завршат секојдневните работи, а после 21 часот излегуваат за да се видат со своите пријатели. Затоа ценевме дека во денските часови ќе треба да бидат ослободени булеварите и другите патни сегменти во градот, рече Биљал Касами.

На новинарските прашања со оглед на реакциите на граѓаните, зошто има ваква одлука кога нема доволно паркинг места, Касами рече дека со ова ќе се дознае колку дополнително паркинзи треба да се има во градот.

За да видиме колку паркинг места ни треба на секоја улица, секој дел од градот ние мора да спречиме луѓето да паркираат секаде и каде што сакаат. За да знаеме реално колку паркинзи ни требаат ние треба да ги тргнеме возилата од улиците од тротоарите. Граѓаните нека реагираат во Општина Тетово во секој дел и во секој момент ние ќе комуницираме со нив за да видиме каде ни требаат дополнителни паркинг места и ќе го решиме тоа перманентно. Нека се пријават кај нас да видиме кој дел е проблем во делот на паркирањето за да видиме конкретно кој дел е проблем во делот на паркирањето за да најдеме решение, одговори Касами.

На прашање на новинарите врз основа на граѓанските реакции дека во секој дел од градот фалат паркинг места, Касами со сосем друг одговор-дека има доволно паркинг места.

- И како граѓанин и како градоначалник можам да кажам дека баш кај пазарот каде е најкритично место не фалат паркинг места. Таму има и јавен паркинг и приватен паркинг кој е полупразен. Таму кај што е најкритично, луѓето, и ние, и вие може да се паркираме таму и кога ќе биде полн тој паркинг тогаш ќе бараме дополнителни паркинг места. Тие што живеат во делот на решение на станбеното прашање, требало да го најдат и решението за паркирањето. Секаде во светот, ако купуваш возило, треба да купуваш и паркинг место. Во старите станбени згради има заеднички паркинг места, каде што заедно со претпријатието за паркинг им излегуваме во пресрет за резидентнo паркирање. За дополнителни паркинг места секој треба да најде индивидуално решение, рече Касами.

Според градоначалникот идејата за градење катна гаража ќе биде последна фаза, која ќе следи по утврдување на бројот на дополнителни паркинг места.

Куманово - На детското одделение од кумановската општа болница дневно се прегледуваат по 60-тина деца, соопштија денеска надлежните од одделението Најголем дел од децата доаѓаат со симптоми на стомачен вирус, гадење, повраќање, дијареја, болки во стомакот, покачена телесна температура.

- Децата доаѓаат исцрпени со благо зголемена не многу висока телесна температура, дијареа. Најзагрозени се доенчињата, децата до двегодишна возраст поради намалениот имунитет. Оние со потешка клиничка слика ги хоспитализираме, останатите се лекуваат амбулантски со инфузии, изјави началничката на детското одделение, на детското одделение д-р Ферихан Бајрами.

Дневно на амбуланата се по 60-тина деца, за деновите од викендот, метежот бил уште поголем до 80 тина деца. 

- Имаме зголемен обем на работа. Тука се и нашите сограѓани кои се вратени од странство. Доаѓаат во ноќните часови клиничката слика на некои од децата е потешка, некои се дехидрирани, додава доктор  Бајрами.

Таа советува децата да се хидрираат и веднаш да се упатат на матичен или лекарите од детското одделение. За поголемите деца пак е важно да се дава вода, течност, електролити и полесна храна.

- Помалите деца до две години можат и да бидат дехидрирани да се јават веднаш на лекар. Важно е да одмараат, да се хранат со супи, да им се дава чај, да се избегнуваа тешка, мрсна храна, и млечни продукти, вели докторката.

Родителите кои забележувааат вакви симптоми кај нивните деца да бида одговорни, повикаа лекарите од Куманово, да не ги водат во градинки, центри, да не се мешаат со роднини и пријатели. Лекарите советуваат често миење на раце и одржување на хигиена. 

Струмица - Пожарот кај Радовиш е ставен под целосна контрола,
благодарение на радовишките пожарникари, градоначалникот на Радовиш и локалното
население кое даде голема поддршка во справувањето со овој пожар, соопшти директорот
на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Според него, тоа значи дека пожарот не може да се шири и да зафати нови
површини, но има спорадични горења во јадрото.

Инаку, пожарот во близина на село Штурово над Радовиш, на планината
Плачковица, започна да гори вчера од 16:20 часот и имаше опасност да ги зафати блиските
куќи и викендици.

Кавадарци - Кавадаречкиот Совет денеска на вонредна седница донесе одлука за основање Јавно претрпијатие за енергетика „Кавадарци гас". Јавното претрпијатие е во сопственост на Општина Кавадарци, а средствата за вршење на дејноста, ќе ги обезбедува преку приходи од сопствено работење, од буџетот на Општината, од донации и спонзорства и од други извори во согласност со закон.

- Се основа јавно претпријатие за вршење на енергетски дејности од јавен интерес од локално значење за Општината, се утврдува дејноста на јавното претпријатие, основните услови и начинот на вршење на дејноста за која се основа, начиот на финансирање и други прашања од значење на јавното претпријатие, се вели во одлуката. 

Основната дејност на јавното претпријатие за енергетика ќе биде дистрибуција на гасовити горива преку дистрибутивни системи, во функција на основната дејност ќе врши и други дејности и тоа дистрибуција и трговија на гасовити горива преку дистрибутивните системи, трговија на гас преку дистрибутивните системи, снабдување со пареа и климатизација, трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива и слични производи, складирање на стока. 

На седницата е донесена и одлука за издавање на гаранција за долгорочен кредит со својство на извршна исправа на ЈП „Комуналец“ Кавадарци. 

- Општина Кавадарци дава гаранција за задолжување на ЈП. „Комуналец“, за долгорочно задолжување, за набавка на специјални возила и опрема (три метларки, авто цистерна и камион со приклучна механизација за мулчирање и зимско одржување), со вкупен износ на задолжување од 20.000.000,00 денари, со  рок на отплата пет години, пишува во одлуката.

Неготино - Во моментов четири хеликоптери и ер трактори вршат гаснење на пожарот и од воздух, на планината Серта од неготинска страна. Пожарот што избувна во средата околу 10.30 часот е се уште активен и денеска се гасне од земја и воздух. Неготинскиот градоначалник Горан Стојанов во изјава за МИА нагласи дека се прават максимални напори за справување со пожарот. 

- Пожарот што деновиве е активен на подрачјето на општина Неготино ги интензивира активностите. Од раните утрински часови екипи на ТППЕ Неготино, ТППЕ Кавадарци, припадници на АРМ, ОВР Неготино, припадници на ЕБР како и претставници на Македонија пат интензивно работат на расчистување на дрвјата од двете страни на патниот правец Неготино – Штип, со цел спречување на поголемо проширување на пожарите, информираше Стојанов.

Кризниот штаб на Неготино синоќа најави најмасовно гаснење на пожарот на Серта од воздух и од земја.  На одржаниот состанок во проширен состав, беа координирани предвидените активности во врска со гаснењето на пожарот на планината Серта. Најавено беше и дека денеска од воздух ќе се дејствува со четири хеликоптери и три авиони за гаснење пожар, додека од земја ќе дејствуваат припадници на АРМ, МВР, ЕБР, пожарникари од повеќе градови, јавните комунални претпријатија, Национални шуми, ловџии и други доброволци. 

Кризниот штаб ја обезбеди и потребната механизација за дејствување од терен, соопштија од Кризниот штаб.

Дебар - Документарниот филм за Бигорски манастир „1000 години - Сведок на Светлината“, во режија Илија Ико Каров, освои награда за најдобра музика на интернационалниот филмски фестивал „History“, кој оваа година се одржа во градот Аспарн, Австрија, информираа од Бигорскиот манастир.

-Најголемата заслуга за ова признание е кон македонскиот композитор Горан Трајковски, кого го препознаваме под уметничкото име Готра. Овој плодороден композитор се има потпишано на особено префинета филмска и театарска музика во светот, промовирајќи ја на тој начин македонската продукција, рече Каров во своето обраќање откако ја прими наградата во Асперн.

Интернационалниот филмски фестивал „History“ се одржал во замокот Шлус Аспарн – Заја, во една топла, спонтана и креативна атмосфера. Поради обемноста на фестивалот, истовремено на три
локации низ замокот се проектирале филмови, селектирани според соодветната историска епоха.

-Документарниот филм „1000 години - Сведок на Светлината“ беше емитуван во една соодветна, автентична атмосфера – поконкретно, во објект кој ја сочинува постојаната поставка во дворот на
Замокот. Навистина уникатно чувство, кое беше збогатено и со присуството на членови од „средновековната група Скомраси“. Всушност, станува збор за ансамбл, кој преку разни настани и интеракциски пристапи ја негува средновековната средноевропска култура во нејзиното најавтентично издание, додаваат од манастирот.

Пред проекцијата на филмот, како претставник од бигорската монашка заедница, со благослов на епископ Антаниски г. Партениј, пред присутните се обрати сестра Ефимија од манастирот во
Рајчица.

-Монашката заедница од којашто доаѓам е раководена од убавината, рефлектирана од еден голем и прекрасен човек во чиешто време се прослави илјадалетието на нашиот манастир. Тој човек е нашиот Старец, игуменот на Бигорскиот манастир, епископот Антаниски, г. Партениј. Тој пишува една прогресивна историја, која рефлектира една синхронизирана врска со човештвото, каква што досега не е видена. Во филмот сите ние зборуваме за една личност која е неверојатна инспирација. Тоа е личноста која пред 30 години реши да остави сѐ зад себе, да се одрече од себеси и сѐ материјално што поседуваше, за да биде смирен слуга на сите, рече сестра Ефимија.

Би сакала да кажам, додала, заедно со сведоштвата на илјадници луѓе до ден денес, дека владиката Партениј револуционерно воспостави хармонија со човекот.

-Една деликатна и прекрасна атмосфера на коегзистирање која го промени животот на многумина. Тоа е длабока изјава која звучи неверојатно, но сепак е реалистична кога се работи за човек кој е епитом на љубовта и на меѓучовечката хармонија. Тој е препознаен како човек со сострадално татковско срце, кој храбро патува низ темните лавиринти на човечката душа за низ траорните нејзини ходници да го пронајде патот преку кој ги изведува сите, но особено оние што очајнички тонат фрлени на дното – небаре непотребни – оние отсечените не само од општеството, туку и од своите семејства, посочила сестрата.

Струга - Интересот за стручно образование во струшките средни училишта секоја година е се поголем, потврди за МИА директорката на средното општинско училиште „Нико Нестор“, Кети Јанкоска.

На осумте струки на македонски јазик се запишале 140 ученици, а на девет струки на албански јазик биле примени 143 ученици.

-Најголем интересн има за архитектонски техничар на македонски јазик и хемиски лабoраториски техничар на албански јазик, истакна Јанкоска.

Карактеристично, според директорката, е што во ова училиште одлично функционираат три дуални паралелки

-Резултатите од дуалното образование се одлични. Имаме добра соработката со компаниите во Струга каде учениците преку практична настава учат и се надградуват, вели Јанкоска, додавајќи дека годинава завршува првата генерација прехранбен техничар дуална паралелка.

Во Државното средно музичко училиште „Тодор Скалоски - Тетоец“ во првиот уписен рок, како што информира раководителот Димитри Кумбароски, се пријавиле 15 ученици.

-Годинава имаме пет ученици повеќе од лани и местата се пополнети. Ние сме дисперзирана паралелка, односно заедно со паралелката во Тетово треба да имаме вкупно 28 ученици, така што бројката е исполнета. Уште неколку места се останати само во теоретскиот оддел. Ова се податоци за македонската паралелка, а за албанската е пријавен само еден ученик, изјави Кумбароски.

Во гимназијата „Ибрахим Темо“, пак, како што посочи директорката Бесиме Јонузи, се запишале 117 ученици. Kако што појасни, споредено со лани, бројот е намален за 53 ученици.

Смета дека намалениот број на пријавени ученици се должи на фактот дека деветтолетка годинава
завршиле 480 ученици, што е за 50 до 60 помалку од минатата.

-Во првиот уписен рок се пријавија 36 ученици од македонска националност, 69 од албанска и 12 од турска. Минатата година во нашата гимназија се запишаа околу 170 ученици, но генерацијата што сега заврши деветто одделение брои помалку ученици, па затоа има разлика во бројките, истакна Јонузи.

Велес - Според последниот јунски лабараториски извештај на ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес земен  на примерок од водата во велешко езеро „Младост“ на првата Плажа и на плажата кај Хотел „Романтик“, водата на езерото  може да се користи за капење и покрај отстапувањата од бараната втора класа на некои физичко-хемиски параметри кои не се одрзуваат штетно по здравјето.

Така на првата Плажа анализираната мостра на вода по однос на микробиолошките параметри е оценета Одлично, по однос на физичко-хемиските параметри одговара на 3-та класа, по присуство на матност, сув остаток и амонијак, по сатурација е 5-та класа, а по однос на останатите испитани параметри е во 2-ра и 1 –ва класа.

На Плажата кај Хотел „Романтик“  анализираната мостра на вода по однос на физичко-хемиски параметри  е во 4-та класа, по присуство на матност, а 5 та класа по сатурација.Во 3 та класа е по сув остаток на амонијак и нитрити,а по однос на останати испитани параметри е во 2 –ра и 1-ва класа.

Инаку велешкото езеро „Младост“ и ова лето е посетено од голем број на домашни и странски туристи и посетители.

Остани поврзан