• вторник, 16 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  16  јули 2024

 

Скопје - Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени. УВ-индексот ќе има вредност 10.

Во Скопје сончево и многу топло. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне 41 степен.

Според прогнозата на УХМР, во наредните денови ќе се задржи сончево и многу топло време со максимална дневна температура која насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа ќе надминува 40 степени, поради што до крајот на работнава седмица ќе биде активно портокаловото ниво за
опасност од високи температури.

Скопје - Возрасен маж со иницијали Р. Ч. синоќа со тешки повреди на главата бил пронајден покрај возило кај село Орман, Скопско, кој откако бил пренесен на скопските клиники им подлегнал на повредите, потврдија за МИА од МВР.

-Вчера во 18.50 во село Орман до паркирано возило „Лексус“ со скопски регистерски таблички е пронајдено машко лице кое крварело во пределот на главата, а покрај него имало пиштол и чаура. Утврдено е дека станува збор за Р.Ч.(67) . Со возило на  Итна медицинска помош бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ каде им подлегнал на повредите. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот, наведуваат од МВР.

Според медиумите, станува збор за бизнисменот Чедомир Радомировиќ кој беше основач на фирмата „Техноком“ и на Радо банка.

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради зголемена фреквенција на ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез, времето на чекање е околу 30 минути.

На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

На обиколницата Битола, патен правец Прилеп - Ресен сообраќајот се пренасочува низ градот Битола поради активен пожар.

Скопје - Од 22.54 часот на обиколницата Битола, патен правец Прилеп-Ресен се пренасочува сообраќајот низ градот Битола.

Како што соопшти АМСМ, причината е активен пожар. 

Поради активен пожар на регионалниот пат Р1103 Неготино – Штип, кај с.Пепелиште, сообраќајот е во прекин за сите видови возила, во двата правци.

Битола - Екипите на ТППЕ Битола, како во текот на ноќта, така и утрово продолжуваат да работат на целосно ставање под контрола на пожарот над Битола.

Од Општина Битола утрово информираа дека заедно со екипите на јавните претпријатија во моментот на терен се над 100 лица, за кои се обезбедени доволни количини на храна и вода.

- Паралелно се одржува комуникација со центарот за управување со кризи од каде е најавена поддршка од воздух во гаснењето на пожарот, соопштија од Општината.

Директорот на Центарот за уравување со кризи, Стојанче Ангелов на неговиот фејсбук профил упати благодарност до сите храбри пилоти кои се борат против огнената стихија.Посебна благодарност, напиша Ангелов, до Република Турција за испратената помош од два ер трактори и еден хеликоптер „Блек Хок" во кој се наоѓам во моментов.

Загреб – Министерството за одбрана на Република Хрватска испраќа авион Канадер со два екипажи во Република Северна Македонија за да обезбеди хуманитарна помош во гаснењето на пожарите, соопшти вчера Министерството во Загреб.

Авион Canadair CL-415 со два екипажи се испраќа во Северна Македонија по наредба на вицепремиерот и министер за одбрана Иван Анушиќ, се додава во соопштението.

Македонската влада завчера донесе одлука за постоење на кризна состојба поради зголемена појава на пожари на територијата на земјава.

Куманово - Кумановската општа болница обезбеди нова опрема, апарат за анестезија, електрокаутер и аспиратори за потребите на одделението за уво, нос и грло, информираа денеска надлежните.

- Пациентите реагираа, бидејќи не можеа да се оперираат без потребната апаратура на одделението. Набавивме нова опрема и сега повторно ќе може да се изведуваaт операции, нема да имаат потреба пациентите да создаваат дополнителни трошоци за патување кон скопските клиники или пак да се лекуваат на приватно, изјави директорката на болницата, Биљана Ивановска.

Скопје - Секторот за внатрешни работи Скопје вчера во рамки на сообраќајните контроли, санкционира 117 возачи.

Како што соопшти МВР, од изречените мерки за возење без возачка дозвола 15 санкции, 16 мерки за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл, четири санкции за користење мобилен телефон при возење, пет мерки за некористење на сигурносен појас...

Струга - Вкупно 43.400 членови биле запишани во Библиотеката во Струга во периодот од 1952 – 2001 година, покажува аналитичкото истражување на Николина Велкоска-Глигороска што синоќа беше промовирано во центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Целта на истражувањето насловено „Движење и категоризација на членството во јавната Библиотека при центарот за култура „Браќа Миладиновци“  во периодот 1952 – 2001“, според авторката, била да се добие целосна слика на бројот на повеќе категории читатели. Возрасни, деца од училишна и предучилишна возраст, студенти, вработени, невработени...

Охрид – Музичката програма на „Охридско лето“ за вечерва нуди целовечерен концерт на германскиот уметник на гитара, Герхарт Рајхенбах.

Рајхенбах е еден од водечките германски класични гитаристи. Дебитира како солист во 1980 година во Дизелдорф, а на меѓународната сцена за прв пат настапува во 1990 година на Фестивалот за гитара во Волос, Грција. Од тогаш, повеќе од 40 години одржува концерти како солист, со оркестар и на бројни фестивали кои го носат меѓу останатите на сцената на Берлинската филхармонија и во Интернационалната куќа на музиката во Москва.

Скопје - Во „Котур кафе и филм“ вечер од 20 часот во рамки на фестивалот „Скопско лето“ ќе биде изведена интерактивната експериментална монодрама „Пингвинот“ во продукција на театарот „Златен Елец“. 

Како што соопшти Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, се работи за  авторски проект на Тамара Стојаноска и Лео Поповиќ, работен според текстови на Данкан Мекмилан и Џони Донахjу и документарни материјали на Вернер Херцог. 

Стразбур - Пратениците во новиот 10-ти состав на Европскиот парламент денеска во Стразбур ќе одржат конститутивната седница на која треба да ги изберат претседателот и потпретседателите, а потоа да гласаат за изборот на Урсула фон дер Лајен за претседател на Европската Комисијата за вториот мандат.

Конститутивната седница на ЕП трае од 16 до 19 јули.

Даблин - Петнаесет лица синоќа беа изведени пред Окружниот суд во Даблин во врска со нередите што избувнаа за време на протест против изградбата на нов центар за баратели на азил. Некои демонстранти запалија палети и градежна механизација во поранешната фабрика „Crown Paints“ во северен Даблин, по што избувна голем пожар.

Работите за изградба на новиот центар на местото на поранешната фабрика требаше да започнат во текот на неделата. Ирскиот премиер Сајмон Харис ги осуди немирите. Приведените се обвинети за прекршоци против јавниот ред и мир, вклучително и непочитување на наредбите на гардата и закана и навреда.

Берлин – Властите во четири германски покраини извршија претрес на имоти поврзани со десничарското екстремистичко списание Компакт (Compact), откако Министерството за внатрешни работи забрани неговото издавање обвинувајќи го дека работи против уставниот поредок.

Во соопштението на министерството се наведува дека претресите на имотот на списанието, како и на домовите на неговите водечки личности, раководството и водечките акционери во Бранденбург, Хесен, Саксонија и Саксонија-Анхалт, биле насочени кон запленување на имот и други докази.

Њујорк – Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пристигна во Њујорк каде денеска и утре ќе претседава со отворени дебати на министерско ниво во Советот за безбедност на ОН.

Русија од 1 јули претседава со Советот за безбедност на ОН.

Лавров денеска ќе учествува на отворена дебата за мултилатерална соработка, а утре ќе претседава со отворена министерска дебата за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и за палестинското прашање.

Газа - Палестинските ривалски фракции Хамас и Фатах во јули во Кина ќе одржат преговори за единство, изјавија двајца нивни високи претставници. Претставниците на двете фракции се состанаа во Кина во април за да разговараат за можното помирување што ќе стави крај на 17-годишните политички поделби.

Будимпешта – Унгарскиот премиер Виктор Орбан испрати писмо до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во кое, меѓу другото, повикува на разговори со Кина за „мировна конференција“ и обновување на дипломатските односи со Русија, објави Билд.

Весникот наведува дека Орбан изнесол збирна оценка по неодамнешните разговори со лидерите на Украина, Русија, Кина, Турција и поранешниот американски претседател Доналд Трамп за конфликтот во Украина, како и некои предлози за разгледување.

Чикаго – Невреме што предизвика торнада ги погоди Ајова, Илиноис и Индијана, оставајќи повеќе од 460.000 домови и бизниси без струја.

Националната метеоролошка служба потврди дека торнадото го погодило Де Мојн во Ајова, а бурата потоа се преселила на исток во северниот дел на Илиноис, вклучувајќи го и Чикаго, каде имало повеќе предупредувања за торнадо, ветер и дожд.

Речиси 390.000 домаќинства останале без струја само во северниот дел на Илиноис.

Во Чикаго рано утринава беше издадено предупредување за поплави.

Вашингтон – Американскиот претседател Џозеф Бајден, во интервју за Ен-Би-Си њуз изјави дека згрешил што ги охрабрил своите поддржувачи да го направат републиканскиот кандидат Доналд Трамп „нивна мета“, но нагласи дека насилната реторика е проблем што го има Трамп, а не тој.

- Грешка беше да се употреби тој збор. Мислев дека треба да се фокусираме на него. Фокусирајте се на она што тој го прави, фокусирајте се на неговите политики, фокусирајте се на бројот на лаги што ги кажал во дебатата … Јас не сум тип кој кажува такво нешто. Јас не сум тип кој одби да го прифати исходот од изборите. Јас не сум тип кој рече дека нема да го прифати исходот од овие избори. Фокусот е на она што тој (Трамп) го зборува и на неговата идеја, рече Бајден.

Мајами – Судот во Флорида ја отфрли кривичната постапка против Доналд Трамп, во која се обвинува дека незаконски чувал доверливи документи по напуштањето на функцијата, што за републиканскиот поранешен претседател и официјален кандидат за реизбор е уште една голема правна победа.

Американската окружна судијка, Ејлин Канон, која беше назначена од Трамп на оваа функција, одлучи дека специјалниот обвинител Џек Смит, кој го предводи обвинителскиот тим, е незаконски назначен на неговата улога и нема овластување да го води случајот.

Министерството за правда соопшти дека ќе поднесе жалба на одлуката.

Рио де Женеиро – Бразилските власти почнаа „мега операција“ во Рио де Женеиро, испраќајќи речиси 2.000 воени и цивилни офицери во 10 сиромашни населби за да ја вратат контролата врз областите во кои доминира организираниот криминал.

- Безбедносните сили на државната влада се на улица и се борат против криминалните организации кои сакаат да земат граѓани како заложници, изјави гувернерот Клаудио Кастро.

Лондон - Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин може повторно да се кандидира за реизбор во 2027 година, пишува „Гардијан“.

Во февруари, Конгресот на Европската фудбалска асоцијација направи измени во повелбата на организацијата, што ќе му овозможи на 56-годишниот функционер да остане на својата функција до 2031 година. По ова Чеферин изјави дека не планира да биде реизбран за нов мандат.

Остани поврзан