• вторник, 16 јули 2024
МИА Флеш

15 јули 2024 

- Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека во текот на утрешниот ден или најдоцна до задутре да биде ставена под контрола ситуацијата со пожарите. 

Во изјава за медиумите дадена денеска во Охрид, Мицкоски рече дека покрај помошта од Турција која денеска пристигна, се очекува помош и од Србија, Црна Гора и Словенија. 

- Од Турција се пристигнати два авиони и еден хеликоптер. Двата воздухоплови веќе работат на смирување на охнената стихија во атарот на општината Ново Село, а хеликоптерот сега се упатува во неготинскиот крај. Очекуваме помош и поддршка, и тоа само во воздухоплови бидејќи станува збор за непристапни региони, и од Србја, Црна Гора и Словенија, рече Мицкоски.

- Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднел кривична пријава против Д.С., Ф.Ѓ. и Д.Ј., полициски службеници во Полициска станица Центар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по член 357 став 1 од Кривичниот законик.

- Поради зголемена фреквенција на возила времето на чекање на граничниот премин Табановце за влез е околу 30 минути, а на граничните премини Богородица и Дојран за излез од земјава околу 45 минути, информира Авто мото сојузот на Македонија. 

На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.

- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер.

На средбата, како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, било изразено задоволство од одличните билатерални односи и успешната соработка, а биле разменети и мислења за актуелните состојби, како во двете земји, така и во Регионот.

- Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, денеска одржала работна средба со амбасадорот, Јарослав Лудва од Република Чешка.

На средбата, како што соопшти кабинетот на министерката, се разговарало за новоформираното Министерство за неговите цели, активности и проекти.

Министерката Божиновска ја истакнала огромната важност за реализирање на нови капитални инвестиции во полето на енергетиката и усогласување на постоечките закони со Европската Унија.

- Неформалните работници во Северна Македонија сочинуват 11.8% од вкупно вработените лица, но половина од нив се концентрирани во земјоделството, од кои доминантен дел се неплатени семејни работници. Други два важни сектори за неформалните работници се градежништво и трговија. Тие обично работат во мали фирми, функционирајќи како самовработени лица или неплатени членови на семејството, често заработувајќи плата под минималната. Овој вид работници претежно се мажи со низок степен на образование, освен кај неплатените семејни работници кадешто доминираат жени.

Овие податоци се содржани во студијата „ Грануларно испитување на неформалната економија во Северна Македонија: Увид во неформалните работници, непријавената работа и нецелосното пријавување на доходот во домаќинствата“, на Finance Think – Институтот за економски истражувања и политики. Студија се фокусира врз два аспекти, и тоа непријавената работа и нецелосното прикажување на доходот кај домаќинствата. Притоа, се посочува дека непријавената работа се јавува во две форми: целосно непријавена работа како неформални работници или популарно „работници на црно“, и нецелосно пријавена работа, односно формални работници кај кои дел од доходот или некој друг аспект не се формализирани и чија најчеста форма е „плата во плико“, односно надополнување на формално-примената плата со плата исплатена во готовина.

- Над сто парфеми „Гисада“ во вредност од 240 илјади денари се запленети од страна на царински службеници на влез на граничен премин Табановце откако возач на автобус без да ги пријави се обидел нелегално да ги внесе во државата, информираат од Царинската управа. 

На прашање од страна на царинските службеници дали има нешто за пријавување возачот изјавил дека носи само лични работи. Притоа извршена била детална контрола при што во багажот во пределот за алати се пронајдени вкупно 106 парфеми за кои што возачот требало да плати увозни давачки во висина од 49 илјади денари.

- Актуелните прашања за економската состојба во Европската Унија, како и економските предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот во однос на задржувањето на ценовната и финансиската стабилност беа главните теми на разговорот помеѓу гувернерката на Народната банка на Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска и гувернерот на Бугарската народна банка, Димитар Радев, кои остварија средба во рамките на работната посета на гувернерката на Република Бугарија.

На средбата, како што соопштија од Народна банка, двајцата гувернери заклучиле дека банкарските системи и на двете земји покажуваат солидни остварувања и релативно висока отпорност на надворешните шокови во изминатиот период на кризи.

- Состојбите и условите во казнено - поправните установи, како и преземање на активности за подобрување на состојбите, спречување на корупцијата, насилството и соодветен третман на осудените лица, биле теми на разговор на денешната средба на министерот за правда Игор Филков со в.д директорот на Управата за извршување на санкциите (УИС), Александар Пандов.

- Како што соопшти Министерството за правда, на средбата договорено е во наредниот период да се интензивира реализацијата на Проектот за „Реконструкција на казнено-поправните установи“ кој се спроведува со кредит од Банката за развој на Светот на Европа.

- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари проштална средба со нерезидентниот амбасадор на Канада, Џајлс Норман. 

Како што информира МНР, Муцунски изрази благодарност за целокупната работа на Амбасадорот, нагласувајќи дека со неговиот ангажман и континуираните заложби до висока степен придонел за зајакнување на билатералните односи и стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Канада.

 - Република Турција на барање на властите на Северна Македонија испрати помош во два авиони и еден хеликоптер за гаснење на пожарите во земјава, потврди денеска турскиот амбасадор Фатих Улусој.

-Врз основа на барањето на Владата на Република Северна Македонија, вчера во попладневните часови интервениравме брзо и два авиони и еден хеликоптер веќе се стигнати со цел да се борат против пожарите. Ние стоиме секогаш до наша братска и пријателска Северна Македонија и во добри и во тешки денови, рече амбасадорот Улусој на церемонијата по повод 15 јули - Денот на демократијата и националното единство, која што денеска ја приреди во Турската Амбасада.

- Два турски авиони за гаснење пожар „ер трактори“ и еден хеликоптер се вклучуваат во гаснењето на пожарите што ја зафатија земјава. 

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов информира дека тие рано утрово слетале на аеродромот во Скопје.

Двата турски „ер трактори“ заедно со два „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување ќе интервенираат на пожарот во општина Ново Село, а еден полициски хеликоптер рано утрово веќе започнал со гасење на пожарот на планината Серта, а набргу на него се очекува да му се приклучи и еден армиски хеликоптер и турскиот хеликоптер. 

- Задолжителната маска во сите внатрешни делови и рапид тестови за лицата кои придружуваат пациенти, како и за оние кои доаѓаат во амбулантите, одново се воведуваат во онколошка болница во Атина со цел заштита на пациентите, јави дописничката на МИА од Атина.

Мерките, како што соопштија од болницата ќе важат во следните 15 дена и доколку биде потребно ќе се продолжат, а воведени се „поради драстичното зголемување на случаите на коронавирусот во изминатите денови“.

- Британскиот крал Чарлс Трети му пиша приватно на Доналд Трамп откако поранешниот американски претседател преживеа обид за атентат, соопшти Бакингемската палата.

Како што пренесе ДПА, пораката на Чарлс била во согласност со разговорот на британскиот премиер Кир Стармер со Трамп, во кој тој го осудил насилството, изразил сочувство за жртвите и нивните семејства и им посакал брзо закрепнување на поранешниот претседател и на повредените.

-Советот на ЕУ денеска донесе одлука за продолжување за уште една година, до 27 јули 2025-та, на рестриктивните мерки кон Иран воведени поради неговата воена поддршка на руската инвазија врз Украина и на вооружени групи и ентитети на Блискиот Исток и во регионот на Црвеното Море.  

Со санкциите од овој пакет во моментов се опфатени на 12 поединци и девет субјекти. На стационираните им е замрзнат имотот во ЕУ, а забрането е и директно или индиректно да им бидат обезбедувани или ставани на располагање средства или економски ресурси. Дополнително, на физичките лица опфатени со мерките им е забрането патување во ЕУ. 

- Унгарија, во својство на актуелен претседавач со ЕУ, најави дека за 28 и 29 август планира одржување на Самит за надворешни работи во Будимпешта, но во истиот период ќе биде закажано и заседание на Советот за надворешни работи на Унијата (ФАК), тврди бриселскиот портал „Политико“, повикувајќи се на дипломатски извори. 

Според порталот, со ваквиот потег за „бојкот“ на Самитот во Будимпешта, министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија сакаат „да ја омаловажат Унгарија“. 

- Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите во саботата организираше дебата за законската регулатива на волонтерството, соопшти денеска ОДАС.

На дебатата, како што се вели во соопштението, присуствувале млади волонтери и активисти, претставници на граѓански организации, млади вработени во државните институции, како и претеничката Марија Петрушевска. Тие дискутирале за Законот за волонтерство и изготвиле препораки, меѓу кои е и вреднување на волонтерството како работно искуство при државно вработување.

-  Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, по повод Денот на државноста на Украина, им порача на Украинците да се борат против „страшниот непријател“, но дека нивната земја нема да се предаде.

„Украина не може да се согласи на ништо помалку од тоа да живее, да се зачува и да преживее. Украина нема да се потчини на злото, ние мора да го победиме“, напиша Зеленски на својот профил на X.

- Компаниите во еврозоната очекуваат платите на работниците да пораснат за 3,3 отсто во следните 12 месеци, покажа денеска објавеното истражување на Европската централна банка (ЕЦБ).

Процентот е помал во споредба со претходното истражување од пред три месеци, кога компаниите очекуваа раст на платите од 3,8 отсто во еврозоната.

Остани поврзан