• понеделник, 15 јули 2024

Мицкоски: Рамката со Унгарија е отворена, сега се потребни 500 милиони евра и затоа се толку договорени

Мицкоски: Рамката со Унгарија е отворена, сега се потребни 500 милиони евра и затоа се толку договорени

Охрид, 15 јули 2024 (МИА) - Половина од 500-те милиони евра кои земјава ги договори со Унгарија, ќе бидат за општините, а половина за бизнисот, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Како што објасни, општините ќе ги користат парите за конкретни проекти кои би им го подобриле животот на граѓаните, а фирмите ќе добијат помош поради актуелните лоши пазарни услови, но за сметка на тоа ќе треба да „вратат“ со инвестиции, најмалку 5 000 нововработени и раст на производството од пет отсто над стапката на инфлација.

Според него, избрзани се реакциите на некои од политичарите дека ветил една милијарда евра, а донел 500 милиони. Средствата, рече, се обезбедуваат согласно потребите. Соработката со Унгарија не е ограничена, рамката е отворена, а во моментов се потребни 500 милиони и затоа, напомена, се само толку обезбедени. 

Мора да се има концепт, дополни Мицкоски, а идејата е од ништо да се направи нешто зашто состојбата што ја наследи Владата е алармантна.

-Од ова ништо што ни го оставија, да направиме нешто, е тоа го правиме ние сега, се мачиме да обезбедиме повеќе. Веднаш избрзаа со критика, „вети милијарда, донесе 500“. Сега се 500. Имаме обврзница што ја земаа под ултра лоши услови, но таа доспева на 25 јануари. Зошто сега да земеме 500 милиони па граѓаните да плаќаат камата, кога можеме во јануари. Отворена ни е рамката. Зошто сега да плаќаме 10 - 15 милиони евра, ќе направиме вакви сали уште 30, зошто да ги трошиме тие пари? Мора да имате концепт, со пари сите знаат, но идејата е од ништо нешто да направите. Поентата е од ова ништо што ни го оставија, да направиме нешто, е тоа го правиме ние сега, се мачиме да обезбедиме повеќе, истакна премиерот.

Одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Охрид, Мицкоски повтори дека договорените 500 милиони евра со Унгарија се, всушност, специјална економска соработка на ниво на влади.

-Ова е вид соработка која не е ограничена. Жалам што прочитав во медиумите коментари од одредени политичари - „вети милијарда, донесе 500 милиони“. Јас велам, ние ветивме милијарда, донесовме повеќе, но, тогаш кога е потребно. Сега, во моментов, ни се потребни 500 милиони, 250 за општините, за да ги финансираме нивните проекти што е многу важно за граѓаните, зашто сакаат конкретни прокети, доста им се приказни и тоа ќе биде усвоено со ребалансот и 250 милиони евра сакаме да дадеме на фирмите, на бинсиот, тие се за нив, зашто условите што ги имаат на пазарот се најмалку 2,5 пати полоши: 6-7 отсто камата без греј период, пократок период на отплата,.. Практично, денеска е така доведен системот во бизнисот да добива кредит само оној на кој не му треба, тој што му треба, не може зашто му бараат од сертификат за раѓање. Затоа, ние велиме, „еве, ова е поддршка од нас како Влада, а која е вашата обврска како бизнис? Вашата обврска е барем уште толку да имате средства кои ќе ги инвестирате на овие 250 милиони, тоа се половина милијарда инвестиции да обезбедите годишно најмалку 5 000 нововработени и раст на производството пет отсто над стапката на инфлација, нагласи Мицкоски.

Тоа, подвлече, ќе се бара од бизнсот, зашто „партнерството подразбира две страни“.

-Ние велиме, вие ќе имате инвестициска активност која ќе го зголеми обемот на вашето работење, а нам ни е важно да имаме зголемен домашен производ. И сега, тоа одредени структури од опозицијата ги плаши, си велат „овие ќе бидат многу успешни, што ќе правиме ние на локални избори“. Затоа се плашат. Во однос на скапите задолжувања од минатото, нека почекаат. Затоа рековме дека ова е рамка, а тие веднаш избрзаа со критика, „вети милијарда, донсе 500“, рече Мицкоски.

Тој беше во теренска посета на Општина Охрид, каде врши увид на повеќе проекти. мч/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан