• петок, 12 јули 2024
МИА Флеш

  12 јули 2024

 

Охрид – Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Вилата „Билјана“ во Охрид, го прими раководството на македонската меѓународна музичко-сценска манифестација „Охридско Лето“ и литванскиот диригент и виолинист Џулијан Рахлин кој ќе настапи на вечерашното свечено отворање на 64.фестивалско издание. Посакувајќи му добредојде и успешен настап на реномираниот уметник од Литванија, претседателката Сиљановска Давкова беше запознаена со импозантната и долгогодишна меѓународна музичка кариера на Рахлин и изрази задоволство што врвен и баран уметник на сите светски меридијани ќе настапи заедно со оркестарот на македонската филхармонија на свеченото отворање на оваа наша значајна музичка манифестација. 

Скопје - Соработката меѓу Северна Македонија и Франција во областа на правосудството, реформската агенда, проектите, како и следните приоритети на Министерството за правда опфатени со новата Стратегија за реформа во правосудниот сектор 2024-2028 биле теми на разговор на денешната средба на министерот за правда Игор Филков со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.Амбасадорот Бомгартнер, како што соопшти Министерството за правда, ги поздравил  плановите на министерот за реформи  и изразил подготвеност Франција да помогне во сите овие процеси со различна помош, вклучувајќи и екпертска.

Скопје - Кривична пријава е поднесена против поранешната организациска директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Илази од Тетово заради основано сомнение дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ со кое го оштетила буџетот на Клиниката за 659.781 денари. - Пријавената Б.И. во својство на в.д. организациски директор на Јавна здравствена установа – Универзитетска клиника за токсикологија, пречекорувајќи ги своите службени овластувања во период од 14.02.2024 до 24.06.2024, а со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица, на 15.05.2024 склучила 15 договори за дело со 15 лица кои биле работно ангажирани на Универзитетската клиника за токсикологија (и други лица без регулиран правен основ за нивно присуство на клиниката), по што, ретроактивно, за лицата наводно работно ангажирани, за месеците април и мај 2024 година издала два платни налози и извршила исплата на месечен надомест на ден 31.05.2025 и 14.06.2024 за наводниот работен ангажман во вкупен износ од 659.781 денари со вклучен персонален данок на доход, информираа денеска од МВР. 

Скопје - На петте најдобри студенти кои ќе завршат медицина ќе им биде дадена шанса веднаш да се вработат во здравството кај нас. Новина е и што на Медицински факултет е акредитирана програма на англиски јазик и ќе се започне со запишување на странски студенти, информираа денеска министерот за здравство Арбен Таравари и деканот на Медицинскиот факултет Светозар Антовиќ. - Петте најдобри студенти кои завршиле медицина во Скопје, во Штип и во Битола, ќе им дадеме шанса веднаш да се вработат, пред ова да влезе во закон. Се надевам наскоро ќе биде и дел од законот. Оваа година почнуваме со пет, идната година, се надевам, по 10 студенти од сите медицински факултети, изјави Таравари по средбата. 

Охрид – Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска беше во работна посета на Општина Охрид, при што заедно со градоначалникот Кирил Пецаков ги посети ОУ „Свети Наум Охридски“ во село Пештани и Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошевски“ во Охрид. Таа посочи дека преку Министерството за образование и наука во училиштето во Пештани се инвестирани осум милиони денари за енергетски ефикасна фасада, како и за реконструкција на санитарните јазли, со пристап за деца со посебни потреби.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, остварил средба со унгарскиот колега, Петер Сијарто, во рамки на НАТО Самитот во Вашингтон. Како што денеска соопштија од МНР, на средбата, министрите го потврдиле задоволството од развојот на одличната билатерална соработка, при што бил поздравен јубилејот - 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Воедно, биле истакнати заемните заложби за натамошен развој на секторската соработка, со посебен акцент на економијата, инвестициите и бизнис релациите.

Скопје – Дирекцијата за заштита и спасување потпиша договор со двајцата пензионирани пилоти на „Ер трактор“ и во текот на денот се очекува тие да се вклучат во гаснењето на пожарот во Неготинско, информираше за МИА директорот на ДЗС, Беким Максути. Тој посочи дека двајцата пилоти се веќе тргнати накај аеродром и по поминување на процедурите што се потребни пред секој лет, тие ќе се упатат кон планината Серта во Неготинско.  – Потпишавме договор со двајцата пилоти и за многу кратко време ќе бидат ангажирани во гаснењето на пожарите во Неготинско. Пилотите се веќе тргнати накај аеродром, треба да поминат некои процедури пред да бидат спремни да летаат и за многу кратко време ќе се вклучат во гаснењето, изјави Максути за МИА.

Скопје - Неформалните работници во Северна Македонија сочинуват 11.8% од вкупно вработените лица, но половина од нив се концентрирани во земјоделството, од кои доминантен дел се неплатени семејни работници. Други два важни сектори за неформалните работници се градежништво и трговија. Тие обично работат во мали фирми, функционирајќи како самовработени лица или неплатени членови на семејството, често заработувајќи плата под минималната. Овој вид работници претежно се мажи со низок степен на образование, освен кај неплатените семејни работници кадешто доминираат жени.

Скопје - Во услови на високи надворешни температури Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира да се води грижа и за домашните животни и милениците. Од АХВ посочуваат дека намалено консумирање на храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст, се дел од последиците врз здравјето на животните кои може да ги предизвикаат високите температури.

Неготино - Штабот за заштита и спасување при Општина Неготино и денеска излезе  со апел и понатаму да нема движење во делот зафатен од големиот пожар на планината Серта. Штабот утринава одржа координативен состанок на кој се дискутираше моменталната состојба со пожарот.  - Уште во седум часот утринава за сите кои учествуваат во акцијата за гаснење на пожарите обезбедена е храна, а на секои два часа  се обезбедува и вода за пиење. Во акцијата за гаснење на пожарот, покрај неготинската територијална противпожарна единица вклучени се ТППЕ од општина Кавадарци, Гевгелија, Штип и Свети Николе заедно со механизација и пожарникари, ЈП „ Комуналец“ Неготино и ЈП „ Комуналец “ Кавадарци, Ловечко друштво „ Вардар “ Неготино како и тимови од Дирекција за заштита и спасување, соопштија од Штабот за заштита и спасување. 

Скопје - Секторот за Компјутерски криминал алармира за зачестена појава каде што непознати лица преку социјалните мрежи или преку нивните приватни е-маил адреси таргетираат македонски корисници и испраќаат линкови до веб страни и сервиси преку која се ветува лесна заработка со тргување на лажни берзи за криптовалути.
Кампањата започнува со објави на Фејсбук и Инстаграм кои се прикажани како информации од познати македонски портали, соопшти МВР.  Во објавите, како што велат од МВР, се наведува дека се „избришани интервјуа затоа што централната банка не сака да ја знаете оваа тајна“ и спомнуваат познати личности од нашата држава, дури и објавуваат фотографии од истите со цел поголема легитимност на објавата, каде што е наведено дека може да се стекнете со значителни парични средства со тргување на крипто валути, а сè што треба да направите е да се посети дадениот УРЛ линк.

Скопје - Полициски службеници од ОВР Кавадарци вчера во 12.50 часот ги привеле А.М.(37) од Кавадарци и Ј.В.(31) од Штип, по претходна пријава од вработен во  скопска фирма, која работела на изградба на пат, дека на делницата од Фариш до Дреново, кај тунелот, биле одземени метални предмети. МВР денеска соопшти дека предметите биле пронајдени кај двете лица и одземени, а потоа вратени на сопственикот. По документирање на настанот против А.М. и Ј.В. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Подгорица - Сите обвинети во случајот „државен удар“ во Црна Гора денеска се ослободени со одлука на Вишиот суд, дознава црногорска Побједа. Одлуката ја донесе тричлениот судски совет предводен од судијата Зоран Радовиќ. Ослободените, меѓу кои се и лидерите на поранешниот Демократски фронт Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, претходно беа обвинети за обид за насилно соборување на владата во 2016 година во пресрет на приемот на Црна Гора во НАТО.

Вашингтон - На Украина не треба да и се даваат ветувања што не можат да се исполнат, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на маргините на самитот на НАТО во Вашингтон, каде сојузниците ја потврдија поддршката за членството на Киев во блокот. - На Украина и се заканува опасност да се исцрпи економски и демографски да се уништи. Мораме да бидеме искрени кон нив и да не даваме ветувања што не сме во можност да ги исполниме, изјави Милановиќ за хрватските новинари во Вашингтон, пренесува Хина.

Брисел - Апелацискиот суд во Брисел го отфрли барањето на белгискиот лобист Фредерик Балдан за спречување на реизборот на Урсула фон дер Лајен на функцијата претседателка на Европската комисијата.  Апелацискиот суд ја одби жалбата на Балдан, кој е лобист специјализиран за односите меѓу ЕУ и Кина, на претходна пресуда за истото барање на првостепен Суд во Брисел, оценувајќи ја како неоснована. 

Брисел - Руската инвазија врз Украина, климатските промени и политиките на ЕУ за справување со нив, миграцијата, како и регуларноста и интегритетот на изборниот процес се темите кои најчесто биле предмет на дезинформациите пласирани во пресрет на изборите за членови на Европскиот парламент одржани на почетокот на минатиот месец, јави дописникот на МИА од Брисел.  Пред изборите голем број лидери во ЕУ и европратеници изразуваа загриженост дека дезинформациите може да го поткопаат кредибилитетот на изборниот процес. 

Вашингтон - Според премиерот Роберт Голоб, придонесот на Словенија за поддршката на Украина, што беше договорен во средата на самитот на НАТО во САД, нема да се зголеми. Тој нагласи дека не смеат да се заборават дипломатските напори за мирно решавање на конфликтот во Украина.

Хелсинки - Финскиот парламент денеска треба да гласа за предлог-законот со кој на пограничните служби им се дава овластување да ги враќаат барателите на азил кои преминуваат од Русија, откако повеќе од 1300 луѓе пристигнале во земјата, принудувајќи го Хелсинки да ја затвори границата. Финска ја обвини соседната Русија дека ја користи миграцијата како оружје, поттикнувајќи многу мигранти од земји како Сирија и Сомалија да ја преминат границата, што Кремљ го негира. Хелсинки верува дека Москва ги поттикнува премините како одмазда за влезот на Финска во НАТО.

Берлин - Политичари во Германија изразија голема вознемиреност откако Си-Ен-Ен објави репортажа за наводен руски заговор за убиство на директорот на германската компанија за производство на оружје „Рајнметал", која има клучна улога во обезбедувањето воена помош за Украина, пренесе ДПА. Си-Ен-Ен, повикувајќи се на пет неименувани американски и западни функционери, извести дека американското разузнавање открило планови на руската влада да го убие Армин Папергер, извршен директор на „Рајнметал", порано оваа година. Според извештајот, германските власти биле информирани за заговорот и поради тоа ги зголемиле безбедносните мерки за Папергер.

 

 

Тагови

Остани поврзан