• петок, 12 јули 2024
МИА Радио флеш

12 јули 2024

- Од денеска до средината на следната недела повеќе места во државата ќе бидат во портокалова фаза од опасност од високи температури. Според препораките што Владата вчера ги усвои на онлајн седница, од работа треба да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60 години. На работодавачите им се препорачува да ги реорганизираат работните активности за да се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 до 17 часот, а на детските градинки да не организираат активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

 

-Утрово почна гаснењето на планинскиот пожар на Огражден, на територијата на Општина Ново Село, во близина на бугарската граница, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. -Бидејќи се работи за тешко пристапен терен, еден полициски хеликоптер префрли 10 струмички пожарникари во близина на пожарот за да можат да започнат со гаснење од земја, додека полицискиот хеликоптер ќе дејствува од воздух, објави Ангелов. Пожарот избувнал завчера попладне на планината Огражден, над селото Бадилен, во граничниот појас со Бугарија. Според информациите од ТППЕ Струмица, гори борова и дабова шума и е зафатена поголема површина, а на ова подрачје има неколку објекти, меѓу кои и црква.

 

- Армискиот хеликоптер започнува со дејство врз пожарот на планината Серта каде утрово од земја гаснат поголем број луѓе, информираа утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).  Доцна синоќа од ЦУК соопштија дека благодарение на вчерашната одлука на Владата, со која се надминал повеќемесечниот проблем со пилотите на авионите, околу 10 часот на армискиот хеликоптер ќе му се придружат и два или три Ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување. Пожарот на планината Серта е од средата околу 10.30 часот. 

 

 - Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската Унија, и Армен Григорјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, денеска во Ресен ќе ги промовираат можностите финансирани од ЕУ понудени на Преспанскиот регион за обновување на природните ресурси, за одржливо земјоделство и туризам и подобрување на инфраструктурата. На промотивните настани, чиј домаќин ќе биде градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски, како што соопштија организаторите, ќе учествуваат првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, министерот за европски прашања Орхан Муртезани и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.

 

- Во Собранието денеска ќе продолжи седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. На дневен ред на продолжението на седницата се неколку годишни извештаи. Пратениците ќе го разгледуваат годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи, Годишен извештај за работата на Агенцијата за администрација, Годишен извештај за работата на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија и Годишен нзвештај за работата на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, сите за 2023 година. Седницата почна во средата со разгледување на годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2023 година.

 

- Полициски службеници од криминалистичката полиција на СВР Битола, по претходно издадена наредба за претрес од Основен суд Битола,  вчера извршиле претрес во камп-приколка и помошни простории лоцирани во село Сливница,  каде привремено престојувал С.В. (20) од с. Долни Манастирец. -При претресот пронајдени се кеси со марихуана, грутчеста материја, прашкаста материја, метална дробилка, како и други предмети со траги од марихуана. По преземени мерки од страна на полициските службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола, С.В. е пронајден и лишен од слобода во Битола и при извршен преглед врз него пронајдена е поголема количина марихуана, соопшти Министерството за внатрешни работи. 

 

– Грција во овој момент нема да ги открие оружјата што ѝ се на располагање за да одговори на евентуалното инсистирање на раководството на соседната земја на оваа тактика, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес-конференцијата во Вашингтон по завршувањето на НАТО Самитот и ги повтори позициите на Владата дека е неопходно целосно почитување на Договорот од Преспа и клучна е употребата на уставното име и во внатрешноста на земјата, јави дописничката на МИА од Атина.Мицотакис посочи дека имал можност да ги информира неговите колеги за „фактот што премиерот на Северна Македонија избра да не применува клучен член од Договорот во однос на единственото име на соседната земја за севкупна употреба и да ја нарекува својата земја „Република Македонија“ во внатрешноста, нешто што очигледно јасно се забранува со Договорот“.

 

- Фондацијата „Бугарска меморија” на Милен Врабевски од Бугарија, преку адвокатска канцеларија од Тирана, поднесе тужба во Основиот суд во Корча против единствената партија на Македонците во Албанија - Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и нејзиниот претседател Васил Стерјовски. Фондацијата бара од судот во Корча  „да ја натера МАЕИ да и ја надомести нематеријалната штета, во износ од 10 илјади евра, предизвикана како резултат на ширење клеветнички и навредливи изјави кои го нарушуваат угледот".  Исто така,  бара МАЕИ на својата официјална веб-страница и весници да објави извинување и истото извинување со допис да го испрати до оние државни и меѓународни институции каде што го испратила претходниот допис со „клеветнички и навредливи изјави" и „да ги плати судските трошоци". Тужбата на фондација „Бугарска меморија” следува по дописот кој МАЕИ на 24 јануари годинава го испрати до премиерот на Албанија, Еди Рама, највисоките албански институции и странските амбасади, во кој бараше забрана на активностите на фондација „Бугарска меморија” во Албанија.

 

- Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека нема да биде можно НАТО да го продолжи партнерството со израелските власти, пренесоа британските медиуми. - Додека не се воспостави сеопфатен и одржлив мир во Палестина, обидите за соработка со Израел во рамките на НАТО нема да бидат одобрени од Турција, рече Ердоган за време на прес-конференцијата на самитот на алијансата во Вашингтон. Тој додаде дека неговата земја ќе продолжи со дипломатските напори за ставање крај на руско-украинската војна.

 

- Десетици тела се пронајдени по израелската операција во кварт на градот Газа, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на цивилната одбрана на палестинската територија. Израелската армија објави дека ги завршила операциите во населбата Шуџанија, во која беа уништени осум тунели на Хамас и елиминирани десетици терористи, се наведува во соопштението на израелските сили. По нивното повлекување, цивилната одбрана на Појасот Газа објави дека под урнатините во соседството се наоѓаат „телата на околу 60 маченици“. 85 отсто од становите во Шужанија се непогодни за живеење. Израелските сили во средата ги повикаа своите жители да се евакуираат. Според ОН, станува збор за 300.000-350.000 луѓе.

 

– Најмалку 66 лица се водат како исчезнати откако два автобуса паднале во река по лизгање на земјиштето во Непал. Спасувачките екипи се обидуваат да ги лоцираат автобусите, но силниот дожд ги попречува нивните напори. Во едниот автобус имало 24 лица, а во другиот 42. Патот што води до местото на несреќата е блокиран на неколку места поради лизгање на земјиштето. Сезоната на монсуните, што почнува во јуни и завршува во септември, носи обилни врнежи во Непал, кои обично предизвикуваат лизгање на земјиштето.

 

– Министрите за одбрана на Франција, Германија, Италија и Полска на Самитот на НАТО во Вашингтон најавија развивање и производство на оружје со долг дострел. Во соопштението од француското Министерство за одбрана се наведува дека со потпишување на писмо со намери се отвора патот за соработка насочена кон зајакнување на воените капацитети, како и на индустриската база и европската одбрана, соопшти француското Министерство за одбрана. Во исто време, лидерите на Велика Британија, Германија, САД, Франција, Јапонија и 17 други земји усвоија пакет иницијативи насочени кон поддршка на Украина. Документот „Украински договор“ се декларира својата постојана намера и посветеност да се осигурат дека Украина може успешно да ја брани својата слобода, независност, суверенитет и територијален интегритет денес и да ги одвраќа актите на агресија во иднина“.

 

-  Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина се додека е потребно, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на прес-конференција по завршувањето на самитот на НАТО во Вашингтон, пренесоа француските медиуми. - Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно. Токму во овој дух беа донесени важните одлуки овде во Вашингтон за да се направи нашата поддршка трајна и да се унапреди членството на Украина во НАТО, рече францускиот претседател. Тој додаде дека прашањето за директното учество на НАТО во конфликтот во Украина не е на дневен ред.

 

 - Претседателот на САД Џо Бајден синоќа на прес брифинг по повод затворањето на Самитот на НАТО во Вашингтон одговараше на низа тешки прашања поврзани со неговата способност и капацитети да продолжи со кампањата и да го победи соперникот Доналд Трамп, експретседател на САД. Бајден покажа одлучност во својата намера да продолжи со кампањата за реизбор сметајќи дека е најквалификуван соперник кој може да го победи Трамп и ги отфрли критичарите кои бараат тој да истапи од трката. На пресот тој направи уште еден гаф, покрај претходниот кога претседателот на Украина Володомир Зеленски го најави како Путин. Овој пат Бајден кога зборуваше за потпретседателката Камала Харис рече „потпретседателот Трамп“.

 

- Јужна Кореја и НАТО потпишаа сертификат за пловидбеност на воени авиони произведени во азиската земја, соопшти денеска претседателството во Сеул, цитирано од британските медиуми, по средбата меѓу јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол и генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг. Оттаму посочија дека сертификатот ќе помогне за извоз на јужнокорејски авиони и зајакнување на соработката меѓу земјата и НАТО. Во исто време, за време на состанокот со неговиот јужнокорејски колега, американскиот претседател Џо Бајден го увери во посветеноста на САД да ја одврати Северна Кореја, вклучително и со нуклеарни средства.

 

– Кина никогаш нема да ги прифати „неоснованите обвинувања“ изнесени против неа на актуелниот Самит на НАТО, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор со неговиот холандски колега Каспар Велдкамп. Ванг истакна дека Кина е подготвена да одржува контакти со НАТО на рамноправна основа и заемно почитување, при тоа Алијансата да не се меша во нејзините внатрешни работи. Во исто време, портпаролот на Кинеската мисија во Европска Унија изјави дека Декларација од Самитот на НАТО е полна со „воинствена реторика“, а нејзината содржина поврзана со Кина содржи провокации, „лаги, поттикнувања и клевети“.

Остани поврзан