• сабота, 13 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  12 јули 2024

 

Ресен - Потребно е изградба на зграда од македонска страна и инвестиции од грчка страна за да се овозможи отворање на граничниот премин „Маркова нога“, истакна денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на промоција на можностите од програмата „ЕУ4Преспа“, финансиран од Европската унија и УНДП, која предвидува средства и за оваа намена. 

Тој нагласи дека се работи за една многу сериозна инвестиција и дека овој проект претставува уште eден пример за добра меѓугранична соработка.

- Се надевам дека резултатот од оваа инвестиција ќе придонесе за отворање на граничниот премин „Маркова нога“. Немам точен датум кога би се отворил, но самата намера на властите на Република Северна Македонија и Грција, и на Европската комисија која е вклучена во ова преку фондови да може овој граничен премин да проработи ќе придонесе за развој на меѓуграничниот регион, истакна Гир, одговарајќи на новинарско прашање.

Фондовите од Европската унија, како што подвлече, се на располагање. 

- Дел од финансиската помош, која ја обезбедува ЕУ во рамките на програмата за меѓугранична соработка се фокусира на отворањето на граничниот премин „Маркова нога“ со цел да се има директен контакт односно директна соработка, додаде Гир.

Отворањето на граничниот премин „Маркова нога“, според градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, има големо значење, пред се поради соработката со грчката погранична општина Лемос.

- Отворањето на овој граничен премин и неговото функционирање има огромно значење за 
регионот како за соработката за новој проект така и за наредниот повик кој го работиме со ЕУ, 
рече Тозиевски.

Прилеп - Сметките за вода на прилепчани за јули ќе бидат повисоко во просек за 120 денари. Се зголемува цената на водата за 17,9 проценти по барање на Регулаторната комисија. На јавните водоводни претпријатија во земјава им беа дадени пет месеци да размислат која цена од понудените ќе ја прифатат, а сега стигна конечната одлука на Комисијата за поскапувањето што веќе стапи во сила. Од прилепски „Водовод и канализација“ објаснуваат дека е понудено најниско можно поскапување за претпријатието да функционира рентабилно, а да не биде ценовен шок за граѓаните, беше речено на денешната прес-конференција во Претпријатието.

-Наште пресметки на просечно потрошени 10 кубни метри вода, заедно со трошоците за Пречисителната станица и за третирање на отпадните води, месечната сметка на едно семејство се зголемува за 120 денари. Значи од 610 сметката е сега 730 денари. Инаку, сега Регулаторната комисија која ни ја даде новата цена е за околу 50 проценти помала од онаа што ни ја понуди во јануари. Објаснувањето од комисијата е дека последниве два месеци се стабилизирале цените на електричната енергија, па нема енормно зголемување на цената на водата. Беше понудено покачување од преку 27 проценти, а сега зголемувањето на цената е 17,9 насто, или, еден метар кубен вода е преку 39 денари. Зголемувањето на трошоците за Пречистителната стница и за отпадните води е минимално. Ова нема да биде шок за домашниот буџет, туку ќе ја зголеми рентабилноста во работењето на јавното претпријатие кое овие месеци „мака мачи“ со тоа, изјави Игор Гулабоски, директор на ЈП „Водовод и канализација“ од Прилеп.

Во овие жештини водоснабдувањето во Прилеп е стабилно, но се апелира за рационално трошење на водата за пиење.

-Дарежливоста на изворот од регионалниот водовод „Студенчица“ е 1 200 литри вода во секунда. Вода има доволно од регионалниот водовод и од изворите и нема проблем со водата за пиење. Но апелот останува до граѓаните за рационално трошење на водата, рече Гулабоски. 

Куманово - Општините Куманово и Старо Нагоричане објавија оглас за одобрување на линии за извршување на превоз на патници меѓу двете општини, информираа денеска надлежните од општините. За огласот можат да се пријават превозници кои исполнуваат повеќе услови детално наведени на општинските страни на Куманово и Старо Нагоричане. Покрај општите услови, регистрирана фирма, доволен број автобуси, превозниците треба да исполнуваат и други услови односно автобусите да исполнуваат технички и еколошки стандарди.

Двете општини  организираат превоз за пет линии од Куманово-Никуљане-Старо Нагоричане-Стрновац (сезонска), Куманово-Старо Нагоричане-Челопек-Алгуња-Татариновац, Куманово-Старо Нагоричане-Кокино-Арбанашко-Дејловце и Куманово-Довезенце-Војник-Бајловце.

Превозот е за наредните пет години. Барањата за одобрување на возните редови за наведените линии ќе ги разгледува комисијата формирана од страна на градоначалникот на Општина Куманово и градоначалникот на Општина Старо Нагоричане, информираат од општините. За подетални информации, заинтересираните превозници можат да се обратат до комисија за разгледување на барања за одобрување на возни редови за линии утврдени со спогодбата за утврдување на заедничко организирање на извршување на линиски превоз на патници помеѓу Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане при двете општини. 

Куманово - Почна изградбата на дел од фекална канализациска мрежа во кумановското село Горно Којнаре, информираше градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Жителите на дел од селото ќе добијат приклучок на мрежата. Станува збор за рамничарско село со нешто над 1.000 жители. Во еден дел од селото веќе има главен вод, информираа денеска жителите, кои додаваат дека сега почнува изградбата на вториот главен вод. Тие велат дека во селото последниве години забележана е тенденција на враќање на дел од жителите, изградба на нови куќи.

За изградбата на дел од мрежата, општина Куманово одвои 2.460.300.000 денари. На електронската аукција се пријавиле тринаесет компании. Договорот е склучен со скопска компанија.

Гостивар – Локалната самоуправа и Владата заеднички ќе работата на подобрување на транспарентноста во работењето и во справувањето со корупцијата. Ова се заклучоците по средбата на првиот човек на општина Гостивар, Ваљбон Лимани и вицепремиерот за политики и добро владеење Арбен Фетаи.

На првото официјално појавување и првата посета на општина Гостивар, Фетаи зборуваше на албански јазик и изјавата за медиумите кои известуваат на македонски јазик, ја даде на англиски со образложение дека не може да се изрази најдобро.

- Дискутиравме и за тоа што јас би сакал да работам со локалната власт, да ја зацврстиме транспарентноста, имаме Закон за пристап до информации од јавен карактер што одвај се спроведува. Ќе работиме со општините да се осигуриме дека тендерските постапки се објавуваат и се достапни за граѓаните и за компаниите и дека договорите коишто се доделени исто така се објавуваат, со цел граѓаните и компаниите да знаат што општините прават со парите на даночните обврзници, рече вицепремиерот Фетаи.

Вршителот на должноста градоначалник на општина Гостивар, Ваљбон Лимани напомена дека со вицепремиерот разговарале за можностите и активностите кои би влијаеле врз работата на локалната самоуправа и за соработката со владата.

- Освен за транспарентноста, разговаравме и за годишните планови за справување со корупцијата. Предложивме и воведување на телефонски број и електронска адреса за пријавување на сомнителни случаи. Очекуваме да се организира и јавна расправа или трибина на која ќе се зборува за оваа појава и да донесеме заклучоци кои ќе помогнат во справувањето со оваа појава, рече Лимани.

Вицепремиерот Фетаи посочи дека му е потребно малку време за да ги разгледа состојбите и да се постават приоритети кои, како што рече ќе постават до крајот на годината.

Скопје - Повеќе градежни активности се спроведуваат во текот на летниот период во ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, како и во спортскиот центар „Марко Божиновски“ што се наоѓа во рамките на ова училиште.

Заменик-градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска ги посети локациите каде што активно се работи на подобрување на инфраструктурата на овие објекти пред почетокот на новата учебна година.

Штип - Во тек е изградба на тротоарите на улицата „11 Октомври“ во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов кој денеска изврши увид во градежните работи истакна дека за уредување на тортоарските површини и поставување на павер елемeнти издвоени се еден милион денари, од буџетот на Општина Штип.

-Улицата „11 Октомври“ е во завршна фаза со поставување на тортоарски површини и павер елементи. Повеќе од еден милион денари се одвоени за да се уредат тортоарските површини, ова се активности кои ги превзема локалната самоуправа на повеќе локации. Моментално вршиме увид на улицата „11 Октомври“, но, се работи и на други позиции во градот, рече Јорданов.

Посочи дека во моментов градежни активности има и на улицата „Широк дол“со поставување на рабници и реконструкција на тортоарски површини, реконструкција и доуредување на влезови во станбени згради во населба 8 Ноември. Во текот на утрешниот ден се очекува и финализирање на катната гаража која се наоѓа кај стоковната куќа „НАМА“. 

Велес - Пожарот на сува трева и нискп стеблеста шума  во атар на село Отиштино, во Општина Чашка, зафатил и насадено земјоделско обработливо земјиште во местото викано „Кај тополите“ во сопственост на Н.Н од Чашка, како и пчелни семејства кои биле во сопственост на неговата 29 годишна ќерка А.Н.А. информираат денеска од  СВР Велес.

Појаснуваат дека  повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од Територијална противпожарна единица Велес.

Случајот во СВР Велес бил пријавен на 9 јули, околу 16:30 часот во Полициско одделение Чашка, а увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес.

Кочани – По повод Петровден – празникот на Кочани, 59-годишниот кавадарчанец Бошко Илиев, специјалист по спортска медицина, денеска го реализираше својот четврти пливачки маратон на браната Гратче.

Условите за пливање беа одлични, со натпросечна температура на водата од околу 24 степени целзиусови, а маратонот се реализираше со техничка помош и придружба од членовите на риболовното здружение „Кочански рибар“.-На овој начин сакам да им го честитам денешниот празник на сите кочанци и оние го го слават. Се чувствувам добро иако наближувам до 60-та година, пливам маратони по целиот Балкан и ова ми е втор маратон во Македонија, а седми по ред во оваа сезона. Претходно пливав на нашето Тиквешко Езеро, потоа во Италија, во Хрватска, Грција, Србија, сега во Кочани, а утре ќе пливам во Преспа еден една трка. Овде должината на патеката традиционално е четири километри, ја пливам во два круга близу брегот на езерото за околу еден час и три-четириесет минути. Планирав целото пливање да биде грбно, како поатрактивно, но поради големата инсулација од сонцето директно во очите, се откажав и маратонот е краул, а на самиот крај вообичаено во стилот пеперутка, истакна маратонецот Илиев. 

Мотивот на Илиев за реализација на пливачките маратони е промовирање на пливањето како здрава спортска и рекреативна дисциплина, како и популаризација на природните туристички потенцијали на македонските езера. Во рамки на престојот во Кочани, тој одржа и кратко предавање за учениците кои ја посетуваат школата за пливање на градскиот базен. 

Поддршка во реализацијата на маратонот на Гратче даде и Локалната самоуправа на Кочани, при што рамки на одбележувањето на општинскиот празник, градоначалникот Љупчо Папазов на маратонецот Илиев му додели признание.

Големиот број ученици и аеродромци што секојдневно спортуваат во центарот „Марко Божиновски“ наскоро ќе добијат современо опремен фитнес-центар, а ќе се инвестира и во спортски билјард-центар, каде што ќе има бесплатни часови со лиценцирани тренери за учениците од Општина Аеродром.

Исто така, со помош на општествено одговорна компанија спортскиот центар ќе добие фотоволтаици коишто ќе овозможат заштеда на електричната енергија.

Паралелно со зафатите што се одвиваат во спортскиот центар, се врши и реновирање на четири санитарни јазли во училиштето „Лазо Ангеловски“, како дел од проектот за унапредување на основното образование во рамките на МОН, а е финансиран од Светска банка. Претходно, училиштето, во рамките на истиот проект, беше опремено со ИТ и со друга мрежна инфраструктура.

Младите остануваат наш главен приоритет, а со голема посветеност и натаму ќе продолжиме да ги подобруваме условите во кои тие престојуваат и го стекнуваат своето образование.

Куманово - Вкупно 73 кумановци користат оброк обезбеден преку програмата за социјална заштита на општина Куманово наменета за ранливите категории граѓани, информираа денеска надлежните од секторот.

Оваа категорија граѓани кои се на работ на егзистенцијата го добиваат оброкот во просториите на ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ каде што функционира кујна. За работните денови има топол оброк, готвена храна, за време на викендите се делат пакети со храна.

- Утрово беа поделени 73 оброка за најзагрозените наши сограѓани. Во меѓувреме тие добија оброк и за деновите од викендот. Ова е е еден начин да им се помогне на оние на кои суштински им е потребна помош, изјави раководителот на сектоорт за социјална заштита Александар Крстевски.

Проектот „Народна кујна“, е наменет за лица кои се наоѓаат под најголем социјален ризик во Општина Куманово, а давател на услугата е училишниот дом „Професор Мијалковиќ“, со финансиска поддршка обезбедена од Општина Куманово во вредност 5.400.000 денари.

Условите и начинот за остварување на правото на користење се утврдени во правилникот за утврдување на постапка за користење на правото на народна кујна: лица-корисници на гарантирана минимална помош во Јавна Установа Меѓуопштински Центар за социјална работа Куманово каде што треба да биде доставено решение од ЈУМ Центар за социјална работа Куманово (копија), лица со многудетно семејство-корисници на гарантирана минимална помош (три или повеќе малолетни деца) кои имаат доставено решение центарот (копија) и извод од матична книга на родени за секое малолетно дете поединечно (копија), лица корисници на минимална пензија (последен чек од пензија). И последната измена ги опфати и лицата со попреченост.

Од секторот велат дека до нив пристигнале двесте барања, но дел од нив ја немале потребната документација. Службите од овој сектор ќе се ангажираат да ја обезбедат за да им помогнат на најсиромашните граѓани.

– Сега им помагаме за да влезат во процесот за добивање на мерката помош за јавна кујна. Во следниот период ќе се разгледува можноста да се поедностави процесот и правната рамка за аплицирање, изјави Крстевски.

Во Куманово има веќе и топол оброк што го користат ранливите категории граѓани, а се обезбедува преку државата и Центарот за социјални работи. 

Охрид – Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Вилата „Билјана“ во Охрид, го прими раководството на македонската меѓународна музичко-сценска манифестација „Охридско Лето“ и литванскиот диригент и виолинист Џулијан Рахлин кој ќе настапи на вечерашното свечено отворање на 64.фестивалско издание.

Посакувајќи му добредојде и успешен настап на реномираниот уметник од Литванија, претседателката Сиљановска Давкова беше запознаена со импозантната и долгогодишна меѓународна музичка кариера на Рахлин и изрази задоволство што врвен и баран уметник на сите светски меридијани ќе настапи заедно со оркестарот на македонската филхармонија на свеченото отворање на оваа наша значајна музичка манифестација. 

Претседателката изрази очекување дека со својот перформанс уметниците ќе остават посебен белег и силен впечаток на годинашното издание на „Охридско лето“. Таа изрази уверување дека богатиот уметнички репертоар на претстојните фестивалските вечери ќе ги задоволи музичките апетити на домашната и на меѓународната публика.На средбата, на која што присуствуваа директорката Наташа Поповиќ и селекторките Бисера Чадловска и Сања Арсовска, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека „Охридско лето“ како еден од најпрепознатливите и најквалитетни културни настани во поширокиот регион, има сериозен влог во македонската култура и меѓународната афирмација на земјава. 

Остани поврзан