• петок, 12 јули 2024
МИА Радио флеш

12 јули 2024 

-На маргините на НАТО Самитот во Вашингтон претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски оствари повеќе билатерални средби и разговори, соопшти денеска владината прес-служба. Меѓудругите, тој се сретнал со потсекретарот за политички прашања во американскиот Стејт департмент Џон Бас. Соговорниците разговарале за стратешките интереси на државата, за македонските напори кои се насочени кон нивно исполнување, како и за интеграцијата и напредокот на регионот.

-Ова се едни од најдобрите услови што можат да се добијат и нека размислат граѓаните дали било кој може вакви услови да добие од било која банка, истакна Александар Николоски, заменик на претседателот на Владата и министер за транспорт, говорејќи за 500-те милиони евра што Македонија ќе ги добие како позајмица од Унгарија. Во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија, тој појаснува дека за позајмицата во износ од 500 милиони евра имаме три години грејс период, а вкупен рок за отплата се 15 години и камата само 3.25 проценти, што, според него, е историски најниска камата. Министерот Николоски додаде дека е уште поважно, а го најави и премиерот Христијан Мицкоски, е дека со Унгарија ќе се воспостави стратешко економска соработка, што ќе значи дека Македонија ќе има можност во годините кои што доаѓаат преку оваа соработка да искористи и други средства.

-Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, заедно со владината делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, учествуваше на НАТО Самитот, што се одржа од 9-ти до 11-ти јули, во Вашингтон. Во фокусот на темите, како што соопшти МНР, биле актуелните безбедносни предизвици, со посебен акцент на поддршката за Украина, зајакнувањето на одбраната и одвраќањето на Алијансата, како и унапредување на соработката со партнерите од Индо - Пацификот. - Сојузниците го поздравија постигнувањето 2 отсто од БДП за инвестиции во одбраната од страна на 23 земји членки на Алијансата, меѓу кои и Северна Македонија. Земјава оваа година го надмина споменатиот праг и се очекува истиот да расте во периодот што следи. Со тоа докажуваме дека сме кредибилна НАТО членка, што активно придонесува за зајакнување на колективната безбедност, се наведува во соопштението. 

-Сакаме да ја видиме Северна Македонија како напредува во процесот на пристапување во Европската Унија, објави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел на Икс информирајќи за негова средба со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон. - Среќен сум е што се сретнав со новиот министер за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски. Северна Македонија е наш силен сојузник. Добрососедските односи и регионалната соработка мора да останат приоритет за земјата. Сакаме да ја видиме Северна Македонија како напредува во процесот на пристапување во ЕУ, наведе Борел во објавата. 

-Министерот за здравство и дел од коалицијата „Влен“, Арбен Таравари денеска информира дека нивната коалиција во Владата ќе биде претставена со седум заменици-министри. Тој ги соопшти само имињата на двајцата заменици-министри кои се од Алијанса за Албанците, за кои рече дека веќе поминале на Централното претседателство на партијата.-За „Влен“ знам дека има седум заменик-министри. На Алијансата за Албанците му припаѓа заменик-министерското место во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за одбрана. На другите партии од нашата коалиција им припаѓаат Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Министерството за спорт, Министерството за образование и наука и Министерството за култура и туризам. Заменик-министерка во Министерството за одбрана ќе биде Ељфете Исмаили, а заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Фљакрон Беџети, изјави Таравари по средбата со деканот на Медицинскиот факултет проф. д-р Светозар Антовиќ.

-Останав конзистентен во политиката, влегов за да донесеме промени во албанскиот блок и тоа се случи, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари, кој е лидер на едно од крилата на Алијансата на Албанците, коментирајќи ја изјавата на Зијадин Села, кој го предводи другиот дел од членството. Села вчера изјави дека Таравари по директива на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски придонел за поделба на Алијансата за Албанците. -Мислам дека многу конспирационо мисли. Не ми се допаѓаат тие параноидни идеи. Ние се знаеме девет години со него и мислам дека не му прилега тоа. Јас знам дека останав конзистентен во политиката, влегов за да донесеме промени во албанскиот блок и тоа се случи, додека г. Села, за жал, седна во скутот на г. Ахмети (Али Ахмети, лидер на ДУИ), рече Таравари.

-Централната банка, како професионална и независна институција дејствуваше соодветно за справување со последната инфлациска епизода, што придонесе за одржување на целокупната стабилност, било оценето на средбата меѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и заменик генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Кенџи Окамура. На средбата било нагласено дека одржувањето на независноста на Народната банка е од огромна важност. Од страна на ММФ, како што се наведува во соопштението од Народната банка, позитивно е оценета посветеноста на Народната банка во исполнувањето на целите, особено напорите за надминување на ефектите од последователните кризи во изминатиот период. Покрај ова, било истакнато дека во околности на зголемена економска неизвесност, централните банки треба почесто да бидат присутни во јавноста со објави во кои ќе ги појаснат економските движења и ќе ги образложат причините и претпоставките за донесените монетарни одлуки.

-Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Фондацијата МК2025 и Центарот за дигитална трансформација „Го Дигитал“ потпишаа Меморандум за соработка во делот на едукацијата, образовниот процес, зајакнувањето на соработката со бизнис заедницата, како и размената на искуства, знаења и вмрежување. Меморандумот ги опфаќа и можностите за стипендирање студенти кои ќе се запишат на прв циклус студии на сите студиските програми на УКИМ, меѓу кои и оние што ќе се одлучат за новата студиска програма по Дигитално земјоделство на ФЗНХ, достапна за упис од оваа академска година. Стипендиите, во висина од 2 500 американски долари годишно, се обезбедени преку посебна соработка со Фондацијата „Атанас Близнакоф“ од САД и Фондацијата MK2025. 

-Топлотниот бран со многу високи температури што ја зафати земјава неповолно влијае на сите земјоделски култури. Единствено, како што велат агрометеоролозите, сувото и топло време е поволно за жетвата на јачменот која е при крај, како и за жетвата на пченицата која е во полн ек. -Загрозени се сите култури, пролетните, окопните, индустриските, градинарските, овошките, виновата лоза, особено оние каде нема доволно услови за наводнување. Загрозени се и повеќегодишните култури кај кои резервите на вода и во подлабоките слоеви постојано се намалуваат, истакнуваат агрометеоролозите од УХМР. Според нив, потребите за вода кај сите земјоделски култури се големи и перманентни. Затоа, се препорачува производителите да ги користат сите можни капацитети за наводнување.

-Можноста Грција да испрати во Украина Ф-16 или противракетни системи Патриот или системи С-300, целосно ја отфрли грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на прес конференцијата во Вашингтон по завршувањето на НАТО Самитот, јави дописничката на МИА од Атина. - Сакам да бидам јасен, Грција не отстапи Ф-16 во иницијативата Ф-16. Постојат други земји што го направија овој избор. Но, нашата цел е да ѝ овозможиме на Украина да се брани на најефикасен начин, рече Мицотакис. Додаде дека важно е да постои одржлив и праведен мир, „овој мир не може да се постигне во услови на капитулација на Украина, а за Украина да не капитулира, треба сите да продолжиме да ја поддржуваме“.

Националниот извршен комитет на Вокс одлучи партијата да ги напушти сите регионални коалициски влади во кои учествува заедно со Народна партија (ПП), што според лидерот Сантијаго Абаскал се должи на „агресијата“ на претседателот на ПП Алберто Нунес Феихо, кој „ги принудува“ заедниците да прифатат малолетни мигранти без придружба.

Вокс конкретно ќе се повлече од локалните власти во Кастилја и Леон, Арагон, Валенсија, Екстремадура и Мурсија. Абаскал наведе дека потпретседатели во тие области ќе поднесат оставки за да ја направат партијата „лојална и силна“ опозиција во тие заедници. Неговата партија ќе се повлече и од Инвестицискиот пакт на Балеарските Острови.

Абаскал овој потег го најави вчера, на крајот на итниот состанок на раководството на партијата.

-Во напад на украинско беспилотно летало на пограничниот град во руската област Белгород, повредени се пет деца, од кои две потешко, соопшти регионалниот гувернер. Вјачеслав Гладков рече и дека тројца цивили се повредени во друг украински напад на Шебекино. -Во градот Шебекино, експлозивна направа беше намерно фрлена од дрон во дворот на повеќекатната зграда, напиша Вјачеслав Гладков на Телеграм, пренесуваат руските медиуми. Пет деца кои биле на игралиштето се здобиле со различни повреди, а две во тешка состојба се пренесени во регионалната детска болница.

-Јапонија денеска ја предупреди дека Кина дека со воените вежби во близина на Тајван ризикува ескалација на тензиите и проширување на конфликтот во регионот. Јапонија во годишната „Бела книга на одбраната“ од 548 страници, исто така ги истакнува плановите на Кина да го удвои својот нуклеарен арсенал на повеќе од илјада боеви глави до 2030 година. Во документот се споменуваат плановите на Северна Кореја да ги зајакне своите капацитети за нуклеарен напад со помош на сателитите за надзор и со нови, понапредни ракети, од кои некои можат да стигнат до САД.

-Амбасадорот на Русија во САД, Анатолиј Антонов оцени дека Самитот на НАТО во Вашингтон покажал дека земјите од Алијансата – „неотповикливо го започнале патот на конфронтација и материјална подготовка за војна“. - САД и нивните сателити мобилизираат максимални ресурси за да ја зачуваат својата хегемонија, која пропаѓа, истакна Антонов. Тој потенцира дека некои трезвени мисли искажани на Самитот во корист на политичко и дипломатско решение на украинскиот конфликт биле „задушени“ од русофобната реторика

 

Остани поврзан