• петок, 12 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

12 јули 2024 

Струмица - Утрово почна гаснењето на планинскиот пожар на Огражден, на територијата на Општина Ново Село, во близина на бугарската граница, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

-Бидејќи се работи за тешко пристапен терен, еден полициски хеликоптер префрли 10 струмички пожарникари во близина на пожарот за да можат да започнат со гаснење од земја, додека полицискиот хеликоптер ќе дејствува од воздух, објави Ангелов.

Пожарот избувнал завчера попладне на планината Огражден, над селото Бадилен, во граничниот појас со Бугарија.

Според информациите од ТППЕ Струмица, гори борова и дабова шума и е зафатена поголема површина, а на ова подрачје има неколку објекти, меѓу кои и црква.

На бугарската страна од границата, на нивна територија, веќе со градежна машина се прави пристапен пат по којшто би можело да се движи теренско противпожарно возило за да го гасне пожарот.

 

Неготино - Армискиот хеликоптер започнува со дејство врз пожарот на планината Серта каде утрово од земја гаснат поголем број луѓе, информираа утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК). 

Доцна синоќа од ЦУК соопштија дека благодарение на вчерашната одлука на Владата, со која се надминал повеќемесечниот проблем со пилотите на авионите, околу 10 часот на армискиот хеликоптер ќе му се придружат и два или три Ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување.

Пожарот на планината Серта е од средата околу 10.30 часот. 

 

Струга - Во рамките на одбележувањето на jубилејот 80 години постоење на Библиотеката и 65 години од основањето на Дом на култура „Браќа Миладиновци” - Струга, денеска во Паркот на поезијата ќе го одржи вториот настан поврзан со чествувањата на установата.

Посетителите, како што соопшти Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, ќе имаат можност да видат дел од делата на роднокрајните автори, како и изданија од Збирката на Струшките вечери на поезијата што  ја поседува Центарот за култура и е единствена во државата.

- Овие дела не се издаваат и единствено можат да се погледнат само во просториите на Библиотеката. Ќе бидат изложени и уметнички дела на познати уметници- сликари. Центарот за култура ќе додели и благодарници на општествено одговорни компании и личности за голем придонес во развивањето на културата во Струга, стои во информацијата на Центарот за култура.

Одбележувањето на двата големи јубилеи почна во март годинава со официјална соработка за размена на книжевни дела од роднокрајни автори од Струга и автори од НР Кина.

Одбележувањето на големите јубилеи треба да продолжи и во август со повеќе културни манифестации.

 

Ресен - Со изведбата на претставата „Женски разговори“ работена по текст на Душан Радовиќ, а во режија на  Маргарета Табороши со актерката Оља Лопушански од Холандија и врачувањето на наградите, синоќа во Ресен заврши 22-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Актерот на Европа“.

Според одлуката на жирито во состав: Гоце Ристовски, претседател, Трајче Кацаров и Елена Трајковска,членови, наградата Актер на Европа за годишно остварување, што од годинава ќе го носи името на легендарниот македонски актер Мето Јовановски, долгогодишен претседател на интернационалното жири на фестивалот „Актерот на Европа“, и е доделена на Биљана Ѓуровиќ, професор на Факултет за современи уметности Белград, Србија, за улогата во авторскиот проект „Шекспирови сонетни раковети“, според мотиви од великанот на светската литертура и театар, Вилијам Шекспир.

Наградата на публиката ја понесе Иван Перковиќ за улогата во претставата „Светозар Трети“, текст Љиљана Браловиќ, режија Михаило Костадинов, продукција НАС театар, Босна и Херцеговина.

Наградата Жак Лакариер и припадна на Оља Лопушански, Холандија, за претставата „Женски разговори“, работена по текст на Душан Радовиќ, во режија на Маргарета Табороши.

Наградата за најдобар драмски текст му беше доделена на Зоран Пејковски за драмскиот ораториум „Ваташа“.

Наградата „Преспански Дионис“ му припадна на Игор Ангелов за улогата во претставата „Сите најубави работи“ работена според мотиви од Данкан Мекмилан, во режија на Дејан Пројковски.

Награда за најдобра претстава во целина ја освои претставата Арка–бокс, авторски проект на Ментор Зуберај, во продукција на  АКТ, Приштина, Косово.

Како што е познато, наградата за животно дело Актер на Европа и беше врачена на отворањето на фестиалот на еминетната чешка актерка Ива Јанжурова.  Добиниците на наградата Клучевите на Преспа се Ристо Никовски и Бошко Пелистерски-Рајчовски, а на Големата Повелба „Балканот – Срцето на Европа“ Јордан Ѓорчев, Павлос Воскопулос Филипов и Сулејман Рушити.

На Фестивалот во изминатите пет дена беа изведени претстави од Македонија, Србија, Босна и херцеговина, Косово и Холандија. 

 

Крива Паланка - Стихозбирката „Македонствување" од поетесата Десанка Николова од Велес синоќа беше промовирана во НУ Центар за култура Крива Паланка во рамки на програмата на „Кривопаланечко културно лето" и манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата 2024".

Поетската збирка ги содржи стихозбирките „Грутка во грлото" и „Мудровезби". Според промоторката Мира Георгиевска, стиховите од „Македонствување" се поетски манифест за Македонија, аманет и благослов за татковината што, како што рече, „стои во сржта на творештвото на авторката“.

-Поетскиот портрет на Николова со интерпретација на лирски, патриотски, рефлексивни стихови ја одушеви публиката присутна оваа прекрасна лирска вечер, рече промоторката Георгиевска. 

Авторката порача дека ако го изгубиме јазикот ќе бидеме дрво без корен, затоа што јазикот, нагласи таа, „ни е дедовина и медовина, аманет и благослов кој го имаме“.

-И самиот наслов „Македонствување"  ја носи онаа порака која јас често ја кажувам: ако сакате да го уништите еден народ, уништете му ја културата, уништете му го јазикот. Значи, ние од петни жили мора да се потрудиме да си ја зачуваме културата, да си го зачуваме јазикот затоа што јазикот е нашата единствена татковина. Затоа на моите читатели, на моите колеги, им порачувам да го чуваме јазикот со убавиот македонски збор, само да твориме со правилна употреба на македонскиот јазик, секогаш ќе бидеме на браникот, ќе го дочуваме оној Рацинов аманет, аманетот на Конески и на сите по нив, на големиот Гане Тодоровски и на Петре М. Андреевски. Јазикот е нашето идентитетско обележје коешто не смееме да го изгубиме, истакна авторката Николова на промоцијата.

 

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски синоќа заедно со началникот на СВР Сашо Топаловски и Директорот на ПОЦ Душко Коцевски спроведоа заедничка акција на терен со цел подобрување на безбедноста и јавниот ред и мир, соопшти Општина Центар.

Како што се наведува во соопштението акцијата била спроведена на најфреквентните делови во Дебар Маало и Капиштец и посебно внимание се посветило на зголемување на безбедноста, сообраќајниот метеж, непрописно паркираните возила, прекумерната бучава од локалите и јавниот ред и мир.

- Мирот, безбедноста и квалитетниот начин на живот на граѓаните се мојот приоритет. Акциите ќе продолжат и во наредниот период, со цел да ја подобриме состојбата во нашата Општина. Вечерва сме на терен во заедничка акција и постојано ќе излегуваме. Се надевам дека континуираните санкции за прекршување на законите ќе вродат со плод, изјавил Герасимовски, соопшти Општина Центар.

Општина Центар и Герасимовски ја поддржале петицијата на граѓаните која ја поднесоа до надлежните институции и апелираат до сите граѓани за поддршка и соработка затоа што поддршката е од клучно значење за успешноста на ваквите активности.

-Општина Центар и Герасимовски ја поддржаа петицијата на граѓаните која ја поднесоа до МВР, Државниот пазарен инспекторат и останатите институции со цел да се реши проблемот со гласната музика, нарушениот ред и мир, дивеењето и отежнатиот сообраќај на делот од улицата каде се наоѓаат угостителските објекти. Само заедно можеме да ја направиме нашата Општина подобро и побезбедно место за живеење, се вели во соопштението.

Остани поврзан