• понеделник, 15 јули 2024
МИА Општински пул

Охрид – Театарската програма на „Охридско лето“ продолжува и денеска со настапот на познатиот српски глумец, Никола Ѓуричко, кој пред фестивалската публика ќе се претстави со неговото стендап-шоу насловено „Шоу биз“.

Ова е второ негово самојстојно појавување пред публиката, откако пред три години имаше успешен проект „Сè што сакавте да знаете за Џони, но никогаш не смеевте да го прашате“, што исто така сам го напишал.

Овој перформанс доаѓа по скоро три години отсуство од сцената, како негова потреба повторно да биде со луѓе и пред публика. „Шоу биз“ на хумористичен начин раскажува интересни детали од живот на актерот и како што самиот вели станува збор за „некои нови животни искуства и знаења што сака да ги сподели со луѓето“.

За Ѓуричко резервирана е сцената на „Долни Сарај“, со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.

Скопје - Четири возила утрово се судрија кај Железничката станица во центарот на Скопје.

Од Министерството за внатрешни работи ја потврдија информацијата за МИА.

Изутринава во осум часот на раскрсницата на булевар „Кочо Рацин“ со булеварот „Кузман Јосифовски Питу“,  пријавена е сообраќајна незгода помеѓу четири возила. Во моментов се врши увид, нема пријавено повредени лица, појаснија од МВР за МИА.

Скопје - Поради дефект на приклучна цевка од ф 1 на улица „Славејко Арсов“ 42 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од високата зона на оваа улица и населбата Пржино.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ прекинот во снабдувањето со вода ќе биде од  09:00 часот до завршување на работните активности.

Поради  менување вентил во шахта на улица „Серава“ бр. 5 без вода ќе бидат корисниците  оваа улица од  09:10 часот  до завршување на работните активности. 

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со сообраќајната полиција-Скопје во текот на минатата недела санкционирале 226 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

Во периодот од 08 до 14 јули 2024 година, соопштија од ЈП ПОЦ, со помош на специјалните возила „Пајак“ биле отстранети 110 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „блокатор“ санкционирани биле 116 возила кои
биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани.

-ЈП ПОЦ и Општина Центар секојдневно водат грижа за да го доведат во ред сообраќајниот хаос настанат од непрописно паркираните возила на територијата на Општина Центар. Потсетуваме на почитување на сообраќајните правила од страна на секој учесник во сообраќајот со цел одржување на ред и безбедност на улиците, се вели во соопштението од ЈП ПОЦ.

Велес - Утрово во 7:30 часот е локализиран шумскиот пожар во кој гореше нискостеблеста деградирана и дабова шума на планината Лисец, меѓу селата Дреново и Долно Јаболчиште. Се уште чади во високиот дел од планината на карпите и засега нема опасност по шумата, информираат за МИА од Регионалниот центар за управување со кризи. 

Според нив, штетата по шумскиот фонд треба да ја утврдат екипи на Шумското стопанство „Бабуна“, кое стопанисува со шумата.  Шумарите, еколозите и љубителите на природата и планината потенцираат дека штетата направена по животната средина е непроценлива.

Овој шумски пожар беше пријавен во Регионалниот центар за управување со кризи во Велес во саботата попладне, во 17:50 часот, а во негово гаснење вчера беа вклучени најпрво екипи на ШС „Бабуна“ од Велес, а потоа и екипа од вработени во Општина Чашка.

Скопје - Водата за пиење во Скопје е безбедна, покажуваат резултатите од направените физичко-хемиски и микробиолошки испитувања од 54 мерни места во градот.

-Секторот за санитарна контрола во периодот од 8-ми до 12 јули зема 210 примероци за физичко-хемиска и 210 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 54 мерни места во град Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, се вели во денешното соопштение од ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје.

Овие информации од јавното претпријатие ги објавува рамки на неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.

Остани поврзан