• среда, 17 јули 2024
МИА Радио флеш

17 јули 2024

- Вкупно 4,1 милијарда денари за плати и пет милијарди денари за исплата на пензиите се предвидени со ребалансот на Буџетот, соопшти денеска министерката на финансии Гордана Димитриеска Кочоска. На прес-конференција во Владата таа информира дека вкупните приходи во Буџетот се планирани на 318 милијарди 150 милиони денари што е за 8,22 милијарди зголемување. Планирнао е и зголемување на даночните приходи од сопствени сметки. Расходите се планирани на 362 милијарди 816 милиони денари што е зголемување од 19,178 милијарди денари. Првично проекитраниот БДП, потенцира, е неостварлив. Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5 отсто, а растот на нето платата за 13 проценти.Според министерката, со ребалансот се обезбедени 4,1 милијарда денари за плати од кои 1,1 милијарда за блок дотации кои не биле планирани во основниот буџет. Во дел од институциите, како што рече Димитриеска Кочоска, имало предвидени плати само до јуни.  

 

- Владата на седница што се одржа вчера донесе одлука за укинување на заклучокот на претходната техничка Влада со кој се предизвикува фискални импликации за реализација на Проектот за изведба на автопатот Коридор 8, Делница 2: Гостивар-Букојчани од дополнителни 252.699.474 евра, кои не се планирани и обезбедени во Буџетот, ниту се економски исплатливи, информираат денеска од владината прес-служба. Од Владата најавуваат дека за овој заклучок ќе биде известено и Основното јавно обвинителство. 

- Владата на Република Северна Македонија до Собранието ги предложи заменици министри, за целосно да се комплетира владиниот тим.  За заменик министер во Министерството за одбрана се предлага Елфет Исмаили. Исмаили е дипломиран економист. Своето работно искуство го започнува во Фонд за магистрални и регионални патишта. Од 2006 до 2008 била директорка на ГЦПЦ Пошта Скопје 2, а од 2008 до 2019 била вработена во АД Македонска Пошта како соработник за маркетинг. Во 2019 до 2024 година била Придружничка на лице упатено во Делегацијата на РС Македонија при НАТО, Брисел, Кралство Белгија.

- Владата на Република Северна Македонија вчера на шестата седница донесе повеќе одлуки за разрешување на досегашните и именување на нови кадровски решенија, информира владината прес-служба.  - Фејсаљ Беадини, се именува за в.д. директор на Биро за процена, орган во состав на Министерството за правда, Седад Рушани се именува за в.д. директор на Биро за метрологија орган во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Шабан Алајбегу се именува за в.д. директор на Државниот просветен инспекторат, Хаќим Рамадани се именува за в.д. директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Зухејр Реџепи се именува за в.д. директор на Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, а Месуд Јакупи, се именува за в.д. директор на Агенција за стоковни резерви, информираат од Владата.

- Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска се сретна со Бјорн Габриел од Европската инвестициска банка (ЕИБ). Средбата, како што информира денеска Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, главно беше фокусирана на реформите во енергетскиот сектор што земјава ќе ги спроведе.

- Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици и последните расположливи податоци, Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките за дополнителни 0,25 процентни поени, до нивото од 1,75%, којашто ќе се применува од 1 август 2025 година.  Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот којашто ќе се применува во јули 2025 година се задржува на нивото од 1,5%, како и во претходниот квартал, информираат денеска од Народната банка.Од Народната банка појаснуваат дека одлуката се заснова врз оцената дека сѐ уште постојат неизвесности од окружувањето, во услови на сигурен и стабилен банкарски систем, со подобрена солвентност и соодветно ниво на ликвидност, како и ниско системско остварување на кредитниот ризик.

 

 - Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски и судиите Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева вчера оствариле работна средба со амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир и неговите соработници. Амбасадорот Гир, како што соопшти Уставниот суд, потенцирал дека ја препознава улогата на Уставниот суд како клучна во обезбедување на рамнотежа над трите гранки на власта во уставниот поредок и во обезбедувањето на владеењето на правото. Костадиновски го известил Гир дека во септември и октомври ќе се најдат на дневен ред пред Уставниот суд сите предмети кои се од поширок јавен интерес. Во насока на подобрување на работењето на Судот, Костадиновски го информирал Гир за реформите кои ќе ги спроведува Уставниот суд од септември со примената на новиот Акт.

 

- Температурите на трите природни езера во земјава и натаму се над просекот за јули. Во Дојранското утрово се измерени 29,7 степени, во Преспанското 25,5, а во Охридското Езеро 26 степени целзиусови. Во однос на водостоите, според хидролошките мерења на УХМР, Преспанското и Охридското Езеро денеска се за еден сантиметар пониски од вчера, а кај Дојранското нема промени.  Водостоите на реките не бележат големи промени во однос на вчерашниот ден.

 

 – Европскиот парламент денеска го продолжи своето прво заседание по јунските евроизбори со избор на петмина квестори од редовите на европратениците со мандат од две и пол години.  Од шестмината предложени кандидати за квестори, во првиот круг потребното апсолутно мнозинство од валидните гласови на пратениците кои гласаа го добија четворица и тоа Андреј Ковачев од партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ)/Европска народна партија (ЕПП) кој освои 559 гласа, Марк Ангел од Социјалистичката работничка партија на Луксембург (ЛСАП)/ Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 461, Миријам Лексман од словачкото Христијанско демократско движење (КДХ)/Европска народна партија (ЕПП) со 459 и Фабиен Келер од француската партија Ренесанса (РЕ)/Да ја обновиме Европа (РЕ) со 398 гласа. 

 

 - Премиерите на Белгија и Украина, Александре де Кроа и Денис Шмигал потпишаа Договор за соработка во напорите за обновување на енергетската мрежа која е оштетена од руски напади и изградба на засолништва, објавија белгиските медиуми. Договорот е склучен на онлајн средба и стапува во сила од денеска. Планирано е во следните четири години Белгија да обезбеди 150 милиони евра, кои главно ќе послужат за обновување на енергетската мрежа уништена од руските удари во Киев и околината на главниот град на Украина.

 

- Светската економија ќе има раст од 3,2 отсто во 2024 година и за 3,3 отсто во 2025 година, се вели објавената јулската светска економска перспектива на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Прогнозата е непроменета во однос на претходниот извештај од април. „Економската активност покажа отпорност на почетокот на годината, поддржана од силната приватна потрошувачка во клучните економии“, рече Жан-Марк Натал, заменик-шеф на Одделот за светски економски студии во Одделот за истражување на ММФ. Тој предупреди дека глобалниот пад на инфлацијата во светот забавува поради постојаната инфлација во услужниот сектор, се наведува на веб-страницата на ММФ.

 

 - Русија и Украина денеска треба да разменат 90 воени заробеници, договор што го овозможија Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), објави Блумберг, повикувајќи се на еден извор. Минатата недела, украинските медиуми објавија дека парламентарниот комесар за човекови права, Дмитро Лубинец, рекол дека Владата, со помош на ОАЕ, наскоро планира „голема“ размена на затвореници со Русија. Од почетокот на војната, во февруари 2022 година, Русија и Украина извршија неколку размени на заробеници.

 

- Руската компанија Форес има намера да исплати награда од 15 милиони рубљи на руските борци кои ќе го уништат првиот американски борбен авион Ф-16 во зоната за специјални операции, објави Илја Потанин, заменик извршен директор на таа компанија. „Ќе има награда и за уништувањето на борбените авиони Ф-15 и Ф-16. За уништувањето на првиот авион наградата ќе биде 15 милиони рубљи (нешто повеќе од 155 илјади евра)“, рече тој обраќајќи им се на војниците на борбената група Центар во врска со исплатата на средства за уништување на западните тенкови на бојното поле во Украина.

 

 – Кина и Русија почнаа поморски вежби во Јужното Кинеско Море, јавија руските и кинеските државни медиуми, при што двете земји ги зајакнаа воените и трговските врски во последните години по воведувањето на американските санкции. Свеченото отворање на руско-кинеската поморска вежба „Поморска соработка – 2024“ се одржа во кинеското пристаниште Жанџијанг, соопшти руското Министерство за одбрана.

 

- Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ) денеска соопшти дека нападите на организацијата „Исламска држава“ во Ирак и Сирија се речиси двојно побројни од минатата година. Во соопштението на ЦЕНТКОМ се наведува дека организацијата ја презела одговорноста за 153 напади во Ирак и Сирија само во првата половина на 2024 година, а бројот бил 121 во текот на целата 2023 година. „Зголемувањето на нападите покажува дека ИСИС се обидува да ги обнови своите сили по неколку години намалени капацитети“, соопшти ЦЕНТКОМ.

 

- Американскиот милијардер Илон Маск најави дека ќе го пресели седиштето на двете негови фирми - компанијата за вселенски ракети, „Спејс-Икс“ и платформата „Икс“, од Калифорнија во Тексас. Сѐ тоа, откако гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом потпиша Нацрт-закон со којшто се спречува училиштата да бараат од нивниот персонал да ги известува родителите чии деца покажуваат знаци дека се трансродови или да споделуваат информации за нивната сексуална ориентација. Законот беше изготвен како одговор на најмалку седум училишни одбори во Калифорнија кои донесоа правила за наставниците да мораат да им кажат на родителите дали нивното дете почнува да користи име или заменка што не одговара на нивниот пол.

 

 - Најмалку 14 луѓе се спасени поради рекордно количество врнежи кои поплавија делови од Торонто и оставија повеќе од 167.000 домови без струја. „Environment Canada“ (Environment Canada) вчера објави дека во Торонто паднале речиси 100 милиметри дожд, со што го надмина дневниот рекорд на градот поставен во 1941 година, пишува Би-Би-Си. Неколку летови беа одложени или откажани од аеродромот „Били Бишоп“, на островите Торонто поради невремето.

 

 - Властите во Бангладеш денеска наредија затворање на сите универзитети во земјата, откако шест лица беа убиени во неодамнешните насилни антивладини протести. Властите побараа од сите државни и приватни универзитети да ја прекинат наставата и да се испразнат студентските домови до понатамошно известување, со цел да се заштитат студентите. Универзитетите во земјава имаат автономија и барањето немаше правна сила. Некои универзитети, сепак, брзо ја исполнија одлуката, но други, вклучително и најголемите, допрва треба да одлучат.

 

- Најмалку пет лица загинаа, а неколку се повредени при уривање на нелегален рудник за злато во северна Кенија. Властите го затворија рудникот за злато Хило во близина на границата со Етиопија во март, откако неколку луѓе беа убиени во судирите меѓу локалните заедници поради пристапот до областа, но рударите продолжија да ископуваат на локацијата. Околу 1.000 луѓе ги совладаа безбедносните сили и упаднаа во областа во понеделникот вечерта, рече заменик-окружниот комесар на Марсабит, Дејвид Саруни.

Остани поврзан