• среда, 17 јули 2024
МИА Радио флеш

17 јули 2024 

- Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска се сретна со Бјорн Габриел од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Средбата, како што информира денеска Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, главно беше фокусирана на реформите во енергетскиот сектор што земјава ќе ги спроведе.

- Министерката на финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска во Владата ќе одржи прес-конференција за ребалансот на Буџетот.

Како што информира владината прес-служба, Димитриеска Кочоска ќе ја образложи донесената одлука на вчерашната владина седница.

- Истражување на јавното мислење „Практики и перцепции на граѓаните во поглед на информирањето и справувањето со дезинформациите“, кое Институтот за комуникациски студии (ИКС) го реализирал во  јуни и јули, покажало дека 71 процент од граѓаните сметаат дека медиумите обезбедуваат само површни информации, додека 39 проценти мислат дека комуникацијата од јавните институции често се заснова на паушални изјави наместо на аргументи.

Како што информира ИКС, граѓаните претежно ги користат информациите за да останат информирани, да донесуваат правилни одлуки во приватниот живот и да се едуцираат, а помалку за општествен активизам и за донесување одлуки за општествено важни прашања.

 - Кон пожарот на планината Серта, во неготинскиот дел, кај село Калањево испраќаме четири хеликоптери, од кои два наши армиски хеликоптери, еден полициски, а нив ќе им се придружи и еден црногорски хеликоптер. На територија на општина Гевгелија, над село Негорци испраќаме два словенечки хеликоптери, на територија на општина Ново Село, на планината Огражден, на самата бугарска граница испраќаме еден голем турски хеликоптер, како и еден голем српски хеликоптер, кој носи пет тона вода, изјави утрово директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. 

Во видео изјава Ангелов информира дека утрово имал брифинг со пилотите на хеликоптерите кои полетуваат за да ги изгаснат пожарите ширум земјава.

- Амбасадорката на Украина, Лариса Дир денеска ќе го посети Собранието на Република Северна Македонија.

Дир ќе се сретне со претседателот на Собранието, Африм Гаши.

- Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе ја продолжи втората седница на која се разгледуваат годишните извештаи на неколку институции.   

На дневен ред се Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права, Годишниот извештај за работата на Агенцијата за администрација, Годишен извештај за работата на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија и Годишниот нзвештај за работата на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, сите за 2023 година.

- Поради активен пожар на регионалниот пат Неготино – Штип, кај село Пепелиште, сообраќајот е во прекин за сите видови возила, во двата правци, информира АМСМ. 

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

- Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), денеска во Скопје ќе ја одржи третата сесија на Работната група 6- Антикорупција (Поглавје 5, Поглавје 18 и Поглавје 32), на тема - „Градење кохезивна дигитална инфраструктура за развој на напредни јавни финансии“.

Како што е најавено, воведни обраќања во темата ќе имаат министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, националниот координатор на НКЕУ-МК, професор Милева Ѓуровска и Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка.   

- Повеќе пожари сѐ уште се активни на територија на државава од кои најзагрижувачки е пожарот на планината Серта. Државата веќе четири дена е во кризна состојба, а воведена е и целосна забрана за движење во шумите од 6 до 20 часот. Во гаснењето вклучени се и воздухоплови од Турција, Србија, Хрватска, Црна Гора, а вчера и Европската комисија донесе одлука да мобилизира помош за Северна Македонија и Бугарија за гаснење на шумските пожари.

Пожарот на планината Серта сѐ гаснеше од земја и од воздух, но вчера попладне интервенцијата од воздух беше прекината поради густиот чад. 

- Во Скопје денеска ќе биде презентиран ревизорски извештај од регионалната кооперативна ревизија на успешност на тема „Родова еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд“. 

Извештајот е реализиран од Државниот завод за ревизија, како координатор и врховните ревизорски институции на Албанија и Косово, со поддршка на телото на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените - UN Women.

 - Владата вчера на седница расправаше за ребалансот на Буџетот, но повеќе детали се очекува да бидат објавени во текот на денешниот ден. 

Премиерот Христијан Мицкоски во централниот дневник на телевизија „Сител“ изјави дека Буџетот е во алармантна состојба и дека недостигаат пари за што истражните органи ќе имаат многу работа во следниот период. Пари за ветеното зголемување на пензиите, како што рече, ќе има. 

- Направиле Буџет за шест месеци како да знаеле дека нема да бидат повеќе Влада па се труделе што повеќе проблеми да и остават на новата Влада така што милијарди и милијарди денари останале непокриени. Има законски обврски кои морале да ги направат, не ги предвиделе во Буџетот и.т.н. но мислам дека периодот што следи истражните органи ќе имаат многу работа, рече Мицкоски.

- Во Охрид денеска започнува седмото издание на Фестивалот на нов европски филм - BEACH FILM FESTIVAL ОХРИД 2024 што ќе трае до 21 јули.

Како што информираат организаторите, овогодинешното издание нуди богата програма со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси на четири локации во Охрид, и тоа Плажа Славија, Брод Армада, Плажа Сараиште и Младински Центар Охрид.

Овогодинешното издание на фестивалот ќе го отвори филмот „Живи и Здрави“ (Forever hold your peace), а во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови и тоа Rodeo, Summer to come, Afire, Milk, Some birds и Pelican.

- „Првото прашање кога ме носеа во соба по царски рез беше: Имате ли клима? Медицинските сестри само се насмеаја и рекоа да се навикнам на жештината“, е исповедта на една од родилките која за време на топлотниот бран што ја зафати Србија, закрепнува на четвртиот кат на Гинеколошко-акушерската клиника „Народен фронт“ во Белград.

На истиот кат е и Одделението за високо ризични бремености, а според сведочењето на читателките кои ја одржуваат бременоста или се породиле тука, нема клима. Родилките кои стапија во контакт со Н1 наведуваат дека жени паѓаат во несвест, дека бебињата се „комирани“, а вентилаторите во собите „се на крајот на силите“.

„Ние буквално 24 часа лежиме на кревет со завои на нозете и се потиме како говеда. Буквално лежиш, а потта ти се лизга низ челото“, е исповедта на една од родилките.

- Продолжува топлотниот бран на Балканот кој трае повеќе од 10 дена.

Целиот Балкан и делови од Источна Европа се под топлотен бран од почетокот на јули, а се предвидува дека горештините ќе траат уште две недели, пишува метеоролошката служба Severe Weather Europe (СВЕ).

- Ова е историски топлотен бран со дневни температури кои го надминуваат прагот од 40 степени Целзиусови. Најинтензивен е на Балканскиот Полуостров и во Источна Европа. Морињата во медитеранскиот регион исто така стануваат жешки и на места достигнуваат 30 степени Целзиусови, соопшти СВЕ.

- Одбивањето на раководството на ЕУ да преговара со Унгарија и заканата со бојкот нема да ја принудат Будимпешта да ја прекине мировната мисија за решавање на конфликтот во Украина, изјави за РИА Новости министерот за надворешни работи на земјата, Петер Сијарто.

- Сите провоени политичари во Европа скокнаа веднаш по почетокот на оваа мировна мисија. И ни се заканија со бојкот, одбивање да преговараат меѓу себе, се заканија дека ќе не игнорираат. Знаете, ваквите напади не не одвраќаат од продолжување на мировната мисија, тие не охрабруваат да вложиме повеќе напори за промовирање мирно решавање на оваа војна во Украина, рече Сијарто, одговарајќи на прашањето дали унгарското претседателство со ЕУ „доби реални закани со практични чекори од раководството на Европската унија по мировната мисија на унгарскиот премиер Виктор Орбан“.

-  Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР, објави пакет помош од 100 милиони долари за да и помогне на Украина да се подготви за зимата, соопшти кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Како што јави ДПА, Зеленски се сретна со високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди за време на петтата посета на Гранди на Украина од почетокот на руската инвазија.

- Ја цениме денешната најава за нов пакет помош од УНХЦР во вредност од 100 милиони американски долари за подготовка на Украина за зимата. Имајќи го предвид постојаното гранатирање на енергетските капацитети, ова е многу важна помош, рече Зеленски.

- Европската Унија ја потврдува својата непоколеблива поддршка на Меѓународниот кривичен суд и е решена да ги брани неговите интегритет, универзалност и независност, се наведува во изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по повод годишнината од усвојувањето на Римскиот статут на трибуналот на 17 јули 1998 година. 

- На 17 јули се одбележува годишнината од усвојувањето на Римскиот статут во 1998 година, кој е основачки договор на Меѓународниот кривичен суд (МКС), единствената постојана меѓународна кривична јурисдикција со универзална вокација. Целта на Римскиот статут е да донесе правда за жртвите на најтешките злосторства што предизвикуваат загриженост во меѓународната заедница како целина, преку обезбедување на ефикасно гонење на нивните сторители, наведува Борел.

- Денеска го одбележуваме споменот на 298-те невини луѓе, меѓу кои и 80 деца, од 17 националности, кои ги загубија животите при соборувањето на авионот на „Малезија Ерлајнс“ над територијата на Украина на 17 јули 2014 година, наведе високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во изјавата по повод 10-годишнината од уривањето на малезискиот Боинг 777-200ЕР на летот MХ17 од Амстердам до Куала Лумпур. 

- Десетгодишната враќа многу болни спомени. Одново го изразуваме нашето длабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите. Европската Унија ја повторува својата целосна поддршка за сите напори за утврдување на вистината, правдата и одговорноста, во согласност со Резолуцијата 2166 на Советот за безбедност на ОН, додава Борел во писмената изјава во име на ЕУ.

- Шест лица се пронајдени мртви во луксузна хотелска соба во центарот на Бангкок, а тајландската полиција се сомнева дека причината за смртта е труење, јави Си-Ен-Ен.

„Персоналот на хотелот ги пронашол телата во соба на петтиот кат во Гранд Хајат, откако гостите не успеале да се одјават по повеќе од 24 часа“, рече полицискиот комесар на Бангкок, Тити Саенгсаванг, според Си-Ен-Ен.

- Поранешниот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон изјави дека „нема сомнеж“ оти кандидатот на Републиканската партија на претстојните претседателски избори во САД, Доналд Трамп, ќе продолжи да ја поддржува Украина.

„Разговаравме за Украина и не се сомневам дека ќе има силна и решителна поддршка за таа земја и одбрана на демократијата“, напиша Џонсон на својот профил на мрежата Икс, каде објави и фотографија од него и Трамп.

- Најмалку 20 луѓе загинаа во Перу кога автобус паднал во провалија, соопшти министерот за транспорт Раул Перез Рејес.

Автобусот се движел од главниот град Лима кон регионот на Андите Ајакучо кога излетал од карпа.

Според извештаите на медиумите, уште најмалку 15 лица се пренесени во болница со повреди.

Полицијата не ја исклучува можноста бројот на жртвите да се зголеми. Се наведува дека во автобусот имало околу 40 луѓе.

- Во вчерашното пукање во близина на шиитска џамија во главниот град на Оман загинаа шест лица, вклучително и еден полицаец, јави оманската државна новинска агенција.

Агенцијата, повикувајќи се на полициско соопштение, соопшти дека се убиени и тројца напаѓачи.

Како што пренесе ДПА, во нападот се повредени 28 лица од различни националности, соопшти полицијата.

- Властите во Парагвај пријавија најголема заплена на дрога во земјата до сега, конфискувајќи над четири тони кокаин, јави ДПА.

Парагвајските безбедносни сили ја откриле дрогата скриена во вреќи со шеќер во контејнер во пристаништето на главниот град Асунсион, на пат за Антверпен во Белгија, соопшти агенцијата за борба против дрога Сенад.

- Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР, објави пакет помош од 100 милиони долари за да и помогне на Украина да се подготви за зимата, соопшти кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Како што јави ДПА, Зеленски се сретна со високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди за време на петтата посета на Гранди на Украина од почетокот на руската инвазија.

- Најмалку пет лица загинаа, а неколку се повредени при уривање на нелегален рудник за злато во северна Кенија.

Властите го затворија рудникот за злато Хило во близина на границата со Етиопија во март, откако неколку луѓе беа убиени во судирите меѓу локалните заедници поради пристапот до областа, но рударите продолжија да ископуваат на локацијата.

- Кина и Русија почнаа поморски вежби во Јужното Кинеско Море, јавија руските и кинеските државни медиуми, при што двете земји ги зајакнаа воените и трговските врски во последните години по воведувањето на американските санкции.

Свеченото отворање на руско-кинеската поморска вежба „Поморска соработка – 2024“ се одржа во кинеското пристаниште Жанџијанг, соопшти руското Министерство за одбрана.

- Најмалку 14 луѓе се спасени поради рекордно количество врнежи кои поплавија делови од Торонто и оставија повеќе од 167.000 домови без струја.

„Environment Canada“ (Environment Canada) вчера објави дека во Торонто паднале речиси 100 милиметри дожд, со што го надмина дневниот рекорд на градот поставен во 1941 година, пишува Би-Би-Си. Неколку летови беа одложени или откажани од аеродромот „Били Бишоп“, на островите Торонто поради невремето.

Остани поврзан