• среда, 17 јули 2024
МИА Флеш

9 јули 2024

- Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој одржа предавање на престижниот Универзитет Џон Хопкинс во Балтимор, пред присутните, меѓу другото, зборуваше во врска со нашето отпочнување преговори со ЕУ, потенцирајќи дека ние немаме гаранција за последно барање во разговорите со Бугарија.  

„Ние нема да може да бидеме спремни да ги отпочнеме преговорите ако не вметнеме неколку стотина наши граѓани во Уставот, што значи дека тоа е дел од бугарското малцинство во Македонија. Кој може нам да ни гарантира дека ова е последно барање? Во судот за човекови права во Стразбур, имаме 14 пресуди кои велат дека правата на Македонската заедница во Бугарија се повредени. И тука се поставува логично прашање, чии права се повредени“, рече Мицкоски. 

– Затворски казни и една условна казна затвор, изрече Основниот кривичен суд Скопје за обвинетите кои вчера признаа вина во предметот „Синџир“, кој се однесува на даночно затајување. Обвинети се за „злосторничко здружување“, „перење пари“ и „даночно затајување“. 

Првообвинетиот Сашо Вучков доби две и пол години казна затвор, неговиот татко две години казна затвор и илјада евра казна, мајката на првообвинетиот доби година и единаесет месеци затворска казна и уште илјада евра казна. Останатите двајца обвинети, кои признаа вина, добија по две години затвор и по илјада евра казна. Само еден од шестмината кои вчера пред Судот признаа вина, доби условна казна затвор. 

- Дваесет и едногодишен прилепчанец загина во вчерашната сообраќајна несреќа што се случи на регионалниот пат Прилеп-Битола на излез од Прилеп. Сообраќајката се случила меѓу товарно возило „волво“ со кавадаречки таблички, управувано од К.И.(58) од Кавадарци, патничко возило „рено 5“ со прилепски таблички управувано од С.С.(21) од Прилеп и патничко возило „рено меган“ со ресенски регистарски ознаки, управувано од Г.И.(39) од Ресен.

- Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска имаше состанок со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и со претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.

На состанокот, како што соопшти Министерот за локална самоуправа, се разговараше за процесот на дигитализација на локалните услуги. Беше констатирано дека дигиталната трансформација на локално ниво е приоритет и на централно и на локално ниво и дека преку соработка на надлежните министерства за локална самоуправа и за дигитална трансформација, со ЗЕЛС и со единиците на локалната самоуправа, процесот забрзано ќе се движи напред.

- Осудените за 27 април треба да се помилуваат преку помилување „ин конкрето“, изјави претседателот на Левица, Димитар Апасиев.

Апасиев во гостувањето во емисијата „Претрес со Ландов“, објасни дека тоа значи претседателот на државата да помилува конкретни осуденици. Инаку, овие кои се, како што вели, неправилно класифицирани во делот на терористичко загрозување, ќе се изедначат со „Монструм“.

- Кремљ соопшти дека со „максимално внимание“ го следи Самитот на НАТО, што денеска почнува во Вашингтон.

Тоа е сојуз, кој Русија ја смета за свој непријател, свој противник. Алијанса која постојано отворено изјавува дека нејзината цел е да и нанесе стратешки пораз на Русија на бојното поле, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

 – Војници и пожарникари денеска се ангажирани за гаснење пожар во јужна Албанија во во близина на грчката граница, соопшти албанското Министерство за одбрана.

Во соопштението се наведува дека противпожарни екипи, поддржани од хеликоптер вчера ставиле под контрола неколку шумски пожари, но високите температури и ветровите го поттикнале ширењето на пламенот во близина на Дропул, Финиќ и други делови на југот на земјата.

- Како последица на тоа што не беше целосно примена во Шенген зоната, Бугарија годинава загуби околу 648 милиони евра, од кои 423 милиони евра директни загуби и 225 милиони евра изгубени бенефиции, се наведува во извештај на Институтот за економски истражувања при Бугарската академија на науките (БАН). 

Податоците во извештајот, изработен за потребите на бугарското Министерство за економија, се попесимистички од прогнозите на Сојузот на меѓународни превозници, кои предвидуваа загуби на годишно ниво од околу 500 милиони евра.

- Кина и Белорусија започнаа заеднички воени вежби, објавија министерствата за одбрана во Пекинг и Минск. Маневрите се одржуваат на само неколку километри од границата на Полска членка на НАТО и во пресрет на состанокот на високо ниво на алијансата, објавија британските медиуми. Настаните во светот се алармантни, ситуацијата е комплицирана, затоа треба да вежбаме нови форми и методи на извршување на тактички задачи, изјави генерал-мајор Вадим Денисенко, командант на белоруските сили за специјални операции, цитиран од Министерството за одбрана на Белорусија.

- Под влијание на многу топла воздушна маса од југ, продолжува периодот на сончево и многу топло време, освен во недела кога во попладневните часови ќе има услови за изолирана нестабилност со пороен дожд и грмежи, соопшти УХМР.

Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C. Особено топло ќе биде од четврток  до средината на следната седмица кога на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури.

 

Остани поврзан