• четврток, 25 април 2024
МИА Радио флеш

26 мај 2023

 - Билатералните перспективи, улогата на Мисијата на ОБСЕ во Косово и дијалогот предводен од ЕУ, беа централните теми на кои разговараа претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни на Северна Македонија Бујар Османи и шефица на косовската дипломатија Доника Гервала-Шварц за време на нивната денешна средба во Приштина, информираат од МНР.

Османи истакна дека Северна Македонија и Косово имаат одлични билатерални односи, чиј континуитет треба да се надгради, потенцирајќи дека инвестицијата во добрососедство, особено во нашиот регион, е влог во иднината.

- Непосредната комуникација со граѓаните, за секое прашање, за прашање на безбедноста е многу важна. Идејата е Кабинетот во одредени денови да го селиме, наместо во Скопје, еден ден ќе биде во Куманово, Струмица, Охрид, Битола, некој друг град, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на „Фејсбук“.

Тој најави дека граѓаните ќе имаат можност на телефонски број или на маил адреса да закажат средба и да се видат со него, со директорот, заменикот директор, началниците, за потреби кои тие ги имаат.

- Регионот ја преброди енергетската криза со капацитети изградени од времето на поранешната држава Југославија. Требаше да се случи криза, за политичарите да сфатат колку е важно да се инвестира во енергетски капацитет кои се дефинираат како стратешки, истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски, на панелот „Како да се стигне до ветената земја на зелена енергија“ што е во рамките на меѓународниот настан „Лидерски дијалог во Југоисточна Европа “ 2023 Beyond International Expo, што се одржува во Солун.

- Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Крушево ќе се обрати на свеченоста по повод започнувањето на манифестацијата „Град на културата“.

Манифестацијата, која  се одвива под мотото „Крушево – жив споменик на културата“, ќе почне во 17:00 часот со посета на галеријата „Никола Мартиноски“, како потсетник на доајенот на ликовната уметност кој изврши големо влијание за современиот развој на државата во 50-тите и 60-тите години на минатиот век.

- Русија продолжи со планот за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, чиј лидер Александар Лукашенко рече дека боевите глави веќе се во движење, што е прво распоредување на такви бомби од страна на Кремљ надвор од Русија по падот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Американскиот Стејт департмент го осуди планот за распоредување, но рече дека Вашингтон нема намера да ја менува својата позиција за стратешкото нуклеарно оружје ниту видел какви било знаци дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје, наведува Еуроактив.

Рускиот претседател Владимир Путин го објави планот за нуклеарно распоредување во интервју за државната телевизија на 25 март.

- Нема да поднесам оставка како премиер на Романија и нема да има ротација на владата додека не ги решиме проблемите со образованието и не прекине штрајкот на наставниците. Ова на вонредна прес-конференција го соопшти актуелниот премиер на државата, Николае Чука, заедно со другите двајца лидери на владината коалиција - претседателите на Социјалдемократската партија и на Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија.

Чука денеска требаше да се повлече од премиерската функција за да му ја предаде палката на претседателот на Домот на пратеници и лидер на социјалдемократите Марсел Чолаку и да ја изврши ротацијата на власта меѓу коалициските партнери.

-  Кинеските здравствени власти денеска предупредија дека главниот град Пекинг се соочува со нов, силен бран на случаи на Ковид-19, а истото се случува и во голем дел од земјата, јави ДПА.

На училиштата во некои делови од земјата им е кажано да преземат мерки на претпазливост.

Водечкиот кинески епидемиолог Жонг Наншан очекува околу 65 милиони нови случаи на коронавирус неделно на крајот на јуни, кога очекува бранот да го достигне врвот, јавуваат државните медиуми. Жонг проценува дека сега има околу 40 милиони случаи неделно.

- Кинеската платформа за видеа, Тикток тестира чет-бот, наречен „Тако“ што ќе може да се користи како пребарувач и за навигација.

Новиот чет-бот со вештачка интелигенција ќе може да препорача видеа врз основа на пишани команди обезбедени од корисникот. Тоа може од корен да го промени начинот на кој корисниците ја користат оваа социјална мрежа. Може да се пребаруваат содржини на интернет користејќи команди напишани во прозорецот за разговор. Засега не е познато на кој јазичен модел се заснова Тако, но ретките корисници кои веќе го користат велат дека може да одговори на голем број прашања.

Остани поврзан