• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

27 март 2025 

Скопје - СДСМ ќе ги искористи сите механизми за обезбедување неселективна правда и одговорност за трагедијата во Кочани, било заклучено синоќа на седницата на Централниот одбор на СДСМ на која се разговарало за актуелните состојби по најтешката трагедија во која згаснаа 59 животи.

Со едноминутно молчење членовите на највисокиот орган на СДСМ оддадоа почит на жртвите од трагедијата во Кочани и изразија сочувство со болката и тагата на нивните семејства.

Скопје - Со влезот на земјата во СЕПА, преносот на парични средства во евра дополнително ќе се поедностави и ќе се забрза, овозможувајќи им на граѓаните преку користење на своите мобилни апликации да ги извршуваат плаќањата во евра на лесен начин со внесување минимален сет податоци во платниот налог. Трошоците за пренос на паричните средства во евра ќе се намалат имајќи предвид дека во СЕПА првенствено се применува принципот на поделба на трошоците, односно плаќачот ги намирува трошоците кон сопствената банка, а примачот ги презема трошоците на својата банка. Во моментов, многу често во преносот на паричните средства се вклучени повеќе странски кореспондентни банки коишто наплатуваат дополнителни трошоци, поради што тие паѓаат на товар на плаќачот и ги зголемуваат вкупните трошоци на плаќањето. Во иднина, овие дополнителни трошоци за плаќањата во евра во СЕПА ќе бидат елиминирани“. Ова го посочи вицегувернерката Емилија Нацевска во интервју за „Банкарство“.

Народната банка веќе презема активности за олеснување на извршувањето и на приливните плаќања. Вицегувернерката Нацевска истакна дека се работи на приспособување на подзаконската регулатива со што ќе се овозможи приливите од странство да се ставаат на располагање на платежната сметка на примачот веднаш, а најдоцна следниот работен ден.

Атина - Бројот на посетители на Грција во јануари годинава се зголемил за 11,4 отсто споредено со истиот период лани, а зголемување за 7,5 проценти има и во приходите од туризмот во конкретниот месец, согласно податоците на Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во јануари 2025 година, Грција ја посетиле 821.600 туристи, а пристигнувањата на аеродромите се зголемиле за 24,9 проценти, додека пак преку копнените гранични премини има намалување за 9,7 отсто. 

Копенхаген - Данската премиерка Мете Фредериксен го пофали народот на Гренланд што покажал отпорност на големиот притисок што го врши администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Анкетите покажаа дека речиси сите жители на Гренланд се против припојување кон САД, а во последните недели демонстранти организираа некои од, како што се вели, најголемите протести досега видени на територијата на арктичкиот остров.

Харков - Бројот на повредени во големиот руски напад со дронови врз Харков се искачи на 21, соопштија итните служби.

Првично беа пријавени деветмина повредени, но локалните власти сега велат дека бројот на настрадани е повеќе од двојно зголемен.

Брисел - Чешката иницијатива за обезбедување средства за финансирање на Радио Слободна Европа/Радио Слобода (РСЕ/РЛ) по одлуката на САД за повлекување на финансиската поддршка за медиумот, досега ја поддржаа 12 земји членки на ЕУ, информира чешкиот министер за Европската Унија, Мартин Дворжак. 

Според Дворжак, кон иницијативата со која се изразува подготвеност на земјите поддржувачи да работат заедно за да најдат и обезбедат соодветни финансиски ресурси за РСЕ, покрај Чешка, досега се приклучиле и Австрија, Белгија, Естонија, Германија, Данска, Летонија, Литванија, Словенија, Финска, Холандија и Шведска. 

Отава - По најавата на новите царини од 25 отсто за увезените возила што ја објави американскиот претседател Доналд Трамп, акциите на „Џенерал моторс“ паднаа за осум отсто во тргувањето по работното време, а акциите на „Крајслер“, т.е. неговата матична „Стелантис“ и на „Форд“, со коишто се тргува во САД, паднаа за по околу 4,5 отсто.

Како одговор на најавената тарифа, Канада може да воведе реципрочни мерки против САД, соопшти канадскиот премиер Марк Карни.

Варшава - НАТО објави дека се уште е тек потрагата по четворица американски војници кои исчезнаа за време на обука во Литванија, појаснувајќи ја претходната несмасна изјава на нејзиниот генерален секретар Марк Руте, според која војниците се мртви.

Руте вчера во Варшава изјави дека ја слушнал веста за исчезнувањето на американските војници и дека неговите мисли се со нивните семејства и со САД.

Вашингтон - САД ќе ги оценат барањата на Русија откако Москва изрази начелна согласност за прекин на огнот во Црното Море со посредство на САД за да се обезбеди сигурна пловидба, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио.

По разговорите во Саудиска Арабија, САД објавија посебни договори во Црното Море со Украина и Русија за да се обезбеди сигурна пловидба, да се запрат нападите и да се спречи употребата на трговските бродови за воени цели.

Лондон/Берлин/Париз - Велика Британија не сака да ескалира трговската војна со САД, изјави британската министерка за финансии Рејчел Ривс, додека Франција и Германија повикаа на силен одговор од Европската унија на новите американски царини што ја погодуваат европската автомобилска индустрија.

-Трговските војни не се добри за никого. Во моментов не сме во позиција да преземаме  некакви мерки кои можат да доведат до ескалација, рече министерката Ривс за Скај Њуз, одговарајќи на прашањето дали Велика Британија ќе воведе реципрочни царини против САД.

Пекинг - Кина денеска ја отфрли понудата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе и даде царински отстапки во замена за продажба на апликацијата TикТок, во сопственост на кинеската компанија „Бајтденс“ (ByteDance).

„ТикТок“ е под закана дека ќе биде забранет во САД, доколку нејзината кинеска матична компанија „Бајтденс“ не се согласи да го продаде својот удел во своите операции во САД.

Исламабад – Најмалку шест лица загинаа во терористички напад во областа Гвадар во југозападната пакистанска провинција Белуџистан, соопшти полицијата.

Според локалните власти, нападот се случил кога вооружени напаѓачи отвориле оган врз цивили во областа Калмат во Гвадар, убивајќи пет лица, додека едно рането лице им подлегнало на повредите во болница.

Џуба - СAД го повикаа претседателот на Јужен Судан, Салва Кир да го ослободи неговиот ривал, првиот потпретседател Рик Мачар, кој, според извештаите, е ставен во домашен притвор.

Според соопштението на партијата СПЛМ-ИО на Мачар, министерот за одбрана и началникот на националната безбедност вчера насилно влегле во неговата резиденција и му врачиле налог за апсење.

Париз - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која учествува на самитот на „коалицијата на подготвените“ во Париз, изјави дека ЕУ работи на зајакнување на безбедноста на Украина, но и на Европа во целина.

- Зајакнување на Украина за да може да се одбрани е почетната точка. Ни треба и заеднички, долгорочен план, напиша таа на Х.

Бејрут - Три лица загинаа денеска во израелски напад врз возило во Јохмор ал Шафик во јужен Либан, соопшти либанското Министерство за здравство.

Израелската војска соопшти дека се идентификувани неколку терористи на Хезболах кои пренесувале оружје во регионот Јочмор, во јужен Либан, и додаде дека „на мета биле терористи“ од исламистичкото либанско движење поддржано од Иран.

Жаунде - Најмалку 12 камерунски војници биле убиени во напад на исламски милитанти на границата со Нигерија, соопшти камерунското Министерство за одбрана.

Нападот се случил во близина на градот Вулго. Ниту една група не е обвинета за нападот, но властите рекоа дека се сомнева на групата Боко Харам, која е лојална на Исламската држава, или нејзините фракции.

Рим - Италија одвои 68 милиони евра за финансирање хуманитарни проекти и обнова на инфраструктурата во Сирија, изјави денеска италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, нагласувајќи дека од клучно значење е да се поддржи транзицијата во Дамаск.

„Почетниот пакет е доделен за хуманитарни иницијативи во болничкиот и здравствениот сектор, инфраструктурата и зајакнувањето на синџирите за снабдување со храна. Нови проекти за соработка ќе бидат покренати во наредните недели. Планираме да организираме и бизнис форум за обнова“, рече Тајани.

Остани поврзан