МИА Радио флеш
- 23 јануари 2025
Скопје - Основниот Кривичен суд Скопје денеска треба да донесе одлука по мислењето дадено од Јавното обвинителство за примена на Законот за амнестија за обвинетите за случајот „Организатори на 27 април“ - ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристески, како и поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски.
Мислењето доставено на претходното рочиште во декември лани, не се однесува за а поранешниот директор на УБК, обвинетиот Владимир Атанасовски.
Во доставеното мислење до Основниот кривичен суд Скопје од ОЈО ГОКК за примената на Законот за амнестија во случајот „Организатори на 27 април“, се истакнува дека барањето на одбраната на обвинетите за примена на законот не може да се спори, особено ако се земат предвид обвинетите и осудените што веќе се амнестирани.
Скопје- Михалис Рокас, Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, денеска ќе престојува во посета на Куманово. Оваа активност е дел од серијата општински посети преку кои граѓаните и институциите имаат можност да се запознаат со придобивките од процесот на пристапување во Европската Унија. Преку ваквите посети се истакнува важноста на интеграцијата и нејзиниот придонес во развојот на локалните заедници.
Како што информираат од Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Рокас во текот на посетата ќе се сретне со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Шефот на ЕУ-делегацијата ќе разговара и со членовите на Советот на општината. Амбасадорот ќе се сретне и со претставници на граѓанските организации и ќе учествува на дебата со граѓаните „Прашајте го амбасадорот“ со цел да се разговара за прашања поврзани со европскиот пат на Северна Македонија.
Скопје - Три лица се повредени во верижен судар што се случи синоќа на скопската обиколница кај Смилковското езеро во кој учествувале три автомобили, камион и автобус, соопшти МВР.
-На 22.01.2025 околу 20.20 ч. во СВР Скопје е пријавено дека на обиколница Скопје, клучка Бутел кај Смилковско езеро кон Арачиново, се случила сообраќајна незгода во која учествувале три патнички возила, товарно возило и паркиран автобус. Од незгодата со повреди се здобиле тројца учесници кои се пренесени во скопските клиники, наведуваат од МВР.
Повеќе детали за сообраќајката МВР најави во текот на денот.
Скопје - Во текот на месец декември, до Институтот за јавно здравје, пристигнати се вкупно 1.623 пријави за заболени лица од акутни заразни заболувања - без Ковид-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ, со вкупна инциденца од 88.4 на 100.000 жители. Вкупниот број пријавени лица во месец декември е за 92.8 проценти зголемен во однос на претходниот месец, ноември. Во однос на месец декември 2023 година, се регистрира зголемување на пријавените лица од акутни заразни заболувања за 4.6 проценти, а во однос на аритметичката средина за десетгодишниот период, се регистрира зголемување од 8.0 отсто.
Како што информираат од Институтот, во декември, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 1.025 пријавени лица.
Од групата на сексуално и крвно преносливи инфекции, без ХИВ/СИДА, регистрирани се 22 заболени лица. Пријавени се седум случаи на сифилис, шест случаи на вирусен хепатит Б, пет на вирусен хепатит Ц и четири на инфекција со хламидија.
Белград - Студентите во Србија кои се во блокада ја пуштија веб страницата „Барањата не се исполнети“ (zahtevinisuispunjeni.rs), на која има часовник што отчукува наназад до понеделник, 27 јануари до 7 часот. Под тајмерот, кој моментално одбројува нешто повеќе од 93 часа до 27 јануари, е напишана пораката „Се гледаме“.
Студентите на Инстаграм објавија и видео на кое се гледа играта „Човеку, не се лути“, по што беше напишано – „Налути се човеку, 27 јануари“.
Атина – Во неговата изјава во Њу Џерси, САД, премиерот на Северна Македонија одбра да зборува за „нерешено“ и „постоечко“ македонско прашање. Ова, претставува провокација за Грција, во обид да го врати во преден план прашањето што е решено, како што е познато, дефинитивно и неотповикливо, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, јави дописничката на МИА од Атина.
- Грција потсетува дека за дополнителниот напредок во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседната земја предуслов е целосното почитување на Договорот од Преспа и секако воздржување од иредентистички декларации и претензии кон соседните земји, пишува во соопштението од грчкото МНР.
Давос - Генералниот секретар на НАТО Марк Руте ги повика светските лидери да ја „засилат, а не да ја намалуваат“ поддршката за Украина, со цел земјата да влезе во евентуални мировни преговори со Русија во најдобра можна позиција, пренесува Гардијан.
Руте истакна дека е клучно да се „промени текот на војната“, предупредувајќи дека фронтот се движи во погрешна насока.
Според Руте, постојат три важни причини за ова. Прво, за самата Украина. Руте нагласи дека не смееме да дозволиме една земја да нападне друга и да се обиде да ја колонизира во 21 век. Второ, бидејќи Кина, Северна Кореја, Иран и Русија соработуваат. „Лош договор“ би значел, како што рече Руте, рускиот претседател „да се радува со лидерите на Северна Кореја, Иран и Кина“.
Берлин - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека евентуалната мировна мисија во Украина треба да вклучува Европејци, како и претставници од други региони, и не ја исклучи можноста за учество на германски претставници.
Во однос на можноста за испраќање германски трупи во Украина, Бербок нагласи дека разгледува „различни елементи на стабилни мировни напори во соработка со клучни европски партнери и Украина“.
-Мировната мисија може да биде дел од овие напори. Секако, потребно е учество на нас, Европејците, но и на други региони. Знаеме дека колку е поголема меѓународната обврска, толку се мисиите постабилни. Истовремено, тоа вклучува и земји надвор од Европа, со кои (рускиот претседател Владимир) Путин е заинтересиран за добри односи. Во овој контекст, нашето учество на други континенти – било во развојни или во безбедносни области – е многу важно, изјави Бербок во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Вилнус – Министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус вчера изјави дека постои теоретска можност Русија да се обиде да нападна земја-членка на НАТО во периодот 2029 – 2030 година.
- Воените експерти многу внимателно ги следат случувањата во Русија. Воената индустрија таму значително се развива, се произведуваат многу тенкови и авиони, што значи дека значително растат руските вооружени сили. До 2026 година нивниот број веројатно ќе се зголеми на 1,5 милиони војници, изјави Писториус при посетата на Литванија.
Тој додаде дека воените експерти веруваат оти рускиот претседател Владимир Путин би можел теоретски да ги реорганизира своите вооружени сили во 2029-2030 година за да создаде поволни услови за напад на други земји, особено на земјите од НАТО.
Њујорк - Бандите во Хаити би можеле целосно да ја преземат престолнината Порт-о-Пренс, што би довело до целосен колапс на државната власт, доколку не се обезбеди дополнителна меѓународна поддршка за ослабената национална полиција, предупреди генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
Во извештај презентиран на синоќешната седница на Советот за безбедност, Гутереш изрази загриженост за влошената состојба во најсиромашната земја на Западната хемисфера и истакна дека „времето е клучно“.
„Одложувањето на обезбедувањето дополнителни полициски сили за мултинационалните единици кои се борат против насилството на бандите или на дополнителната билатерална помош носи ризик од катастрофален колапс на институциите за национална безбедност,“ изјави Гутереш.
Њујорк - Милијардерот Мајкл Блумберг објави дека неговата фондација ќе се вклучи во финансирањето на телото на ОН за климатски промени, откако претседателот Доналд Трамп објави дека САД ќе се повлечат од Парискиот договор.
Интервенцијата на Блумберг има за цел да обезбеди Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC) да остане целосно финансирана и покрај тоа што САД го прекинаа својот придонес.
САД обично обезбедуваат 22 отсто од буџетот на секретаријатот на UNFCCC, а оперативните трошоци на телото за 2024-2025 година се проектирани на 88,4 милиони евра.
Вашингтон – Американската армија ќе испрати уште 1.500 војници на границата со Мексико, соопшти Белата куќа два дена откако претседателот Доналд Трамп потпиша указ за миграцијата,
Дополнителните трупи вклучуваат 500 маринци, како и екипажи на армиските хеликоптери и разузнавачки аналитичари. Тие ќе им се придружат на 2.200 активни воени лица и илјадници војници на Националната гарда, кои беа на границата пред инаугурацијата на Трамп.
Трамп за време на првиот мандат нареди нареди распоредување на 5.200 војници за обезбедувањето на границата со Мексико. Демократот и поранешен претседател Џо Бајден, исто така, испрати војници на границата.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека го избрал Шон Каран за директор на американската Тајна служба. Каран беше дел од обезбедувањето на Трамп во време на обидот за атентат во Батлер, Пенсилванија, минатиот јули.
„Тој ја демонстрираше својата голема храброст кога го ризикуваше сопствениот живот за да ме спаси од куршум на атентатор во Батлер, Пенсилванија.Имам целосна и апсолутна доверба во Шон дека ќе ја направи Тајната служба посилна од кога било“, наведе Трамп во изјавата
Каран ќе го замени Рон Роу, кој беше вршител на должноста директор од јули, кога директорката на Тајната служба Кимберли Читл поднесе оставка откако агенцијата беше под лупа и не успеа да спречи потенцијален убиец да го рани Трамп на предизборен митинг. Куран ја започна својата кариера со Тајната служба во 2001 година како специјален агент во теренската канцеларија во Њуарк.
Вашингтон – Претседателот на САД, Доналд Трамп го прогласи јеменското движење на Хутите, познато под името „Ансар Алах“ за странска терористичка организација, соопшти Белата куќа.
Со тоа предвидени се построги санкции, од тие што беа воведени од администрацијата на Џо Бајден, кон Хутите како одговор на нејзините напади врз комерцијалните бродови во Црвено Море и врз американските воени бродови, кои го штитат критичниот морски коридор.
Вашингтон - Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го усвои првиот законски предлог на претседателот Доналд Трамп, кој бара апсење на илегални имигранти обвинети за кражби и насилни злосторства.
Законот е усвоен со 263 гласа „за“ и 156 „против“, со поддршка на 46 демократи и 217 републиканци.
Тој предлог, именуван по Лејкен Рајли, девојката од Џорџија која минатата година беше убиена од илегален имигрант од Венецуела, сега мора да биде потпишан од Трамп пред да стапи на сила.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за запирање на влегување на мигранти во САД преку јужната граница со Мексико, соопшти Белата куќа.
Документот им наложува на Одделот за домашна безбедност, Министерството за правда и Стејт департментот да го забранат влезот на илегалните мигранти преку јужната граница, да ги вратат во татковината и да ги протераат. Покрај тоа, наредбата го ограничува правото на овие лица да останат во САД под изговор дека бараат азил.
Претходно, Пентагон соопшти дека на границата со Мексико ќе бидат распоредени дополнителни 1.500 војници.
Богота - Колумбиските безбедносни сили запленија 8,2 тона кокаин во пристаништето на градот Буенавентура на пацифичкото крајбрежје, што претставува едно од најголемите количества запленета дрога во историјата на земјата, соопшти претседателот Густаво Петро, пренесува ДПА.
„Националната полиција заплени 8,2 тона кокаин во пристаништето Буенавентура,“ објави Петро на социјалната мрежа Икс. „Ова е една од најголемите заплени на кокаин во историјата на Колумбија. Само овој месец полицијата заплени 24 тона.“
Минатата година во Колумбија беа запленети вкупно 848,5 тона кокаин, што е рекорден број и претставува зголемување од 14 отсто во однос на истиот период претходната година.
Ријад – Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман по телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Ријад во следните четири години сака да вложи 600 милијарди долари во САД.
Но, тој не прецизираше во што ќе инвестира Саудиска Арабија, бидејќи САД изминатите години се помалку се потпираа на саудиската нафта, која беше основа на нивните економски односи.
Саудиска Арабија се повеќе купува оружје и одбранбени системи произведени во САД.
Бангкок – Поради загадување на воздухот денеска во главниот град на Тајланд, Бангкок затворени се околу 200 училишта, а властите ги повикаа луѓето да работат од дома и ги ограничија тешките возила во градот.
Бангкок утрово е шести најзагаден град во светот, според „АјКјуЕр“ (to IQAir).
Нивото на PM2,5 загадувачи, микрочестички кои предизвикуваат рак, доволно мали за да влезат во крвотокот преку белите дробови, достигна 122 микрограми на кубен метар.
Претходно тајландските властите дозволија работа од дома со цел да се намали загадувањето.