• четврток, 23 јануари 2025
МИА Општински пул

23 јануари 2025

Струга - Засилена меѓусебна соработка и координација за намалување на малолетничката деликвенција како дел од општиот криминал била целта на средбата на полициски службеници од ОВР Струга и претставници на Центарот за социјални работи (ЦСР) Струга, соопшти денеска СВР Охрид.

Средбата, како што појасни портпаролот Стефан Димоски, имала и превентивно-консултативен карактер за таргетирање на појавните облици, но и на лица малолетници кои манифестираат негативно и деликвентно однесување. Деца кои покажуваат конкретни инкриминирани дејствија од областа на физички пресметки, меѓуврсничко насилство, семејно насилство, кражби, наркоманија, деца во ризик кои вршат питачење, продавање предмети или други услуги.

Куманово - Општина Куманово одвои половина милион денари за „паметно управување со отпад“ и ќе ги субвенционира граѓаните за одлагање на пластични шишиња и лименки, информираа денеска надлежните од секторот за комунални дејности. Локациите каде ќе бидат поставени машините сè уште не се утврдени.

Граѓаните ќе добиваат т.н. зелени поени со секое правилно депонирано шише.

Штип – Живеалиштата им се послани со слама, вклучен е и клима уред доколку е потребно, пообемна и покалорична исхрана. Раководителот на ЗОО паркот во Штип Драган Стефановски вели дека на овој начин се грижат за да ги надминат екстремно ниските температури.

Тој изјави дека поголем дел од животните се навикнати и прилагодени на ниски дневни и вечерни температури, па нивните живеалишта се послани и со повеќе слама. На тој начин се создава дополнителна топлина и можност соодветно да преживеат на ниски температури.

Куманово - Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска се сретна со градоначалникот на Општина Куманово и со членовите на Советот. Активноста е дел од серијата општински посети преку кои граѓаните и институциите имаат можност да се запознаат со придобивките од процесот на пристапување во Европската Унија.

Рокас во изјавата за медиумите потенцираше дека оваа е негова прва посета на Куманово и ја истакна добрата дебата со советниците. Посетата, како што истакна тој, ја искористил за да ги слушне размислувањата на различните чинители во градот. За Куманово рече дека се наоѓа на стратешка позиција на средината помеѓу коридорите 8 и 10 и ги повика и локалните власти, заеднички со ЕУ и со државата да работат на забрзување на реформите.

Битола - Општина Битола ја утврди програмата за нови градежни инвестиции на државно земјиште што се наоѓа на територијата на општината.

Според програмата, менаџирањето со градежното земјиште вклучува отуѓување со јавно наддавање и непосредна спогодба, давање на земјиштето на долготраен и краткотраен закуп и размена на земјиштето.

Струга - Лекар од Вевчани без продолжена лиценца повеќе од две години работел во Општата Болница во Охрид со што ја оштетил Јавната здравствена установа.

СВР Охрид денеска соопшти дека е поднесена кривична пријава против М.Р.(44) од Вевчани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. 

Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес ја посети населбата Стаклара-Каменик, каде се заврши првата од двете предвидени траси од изградбата на фекалната канализација. Се работи за многу значаен проект кој се реализира преку финансиско партнерство на Општина Кисела Вода со општествено одговорните компании и ќе овозможи конечно септичките јами во Стаклара да заминат во историјата. На пролет започнува и изградбата на водоводната мрежа, за што средствата се обезбедени преку Министерството за животна средина.

-Со огромно задоволство денес сме во населбата Стаклара-Каменик, каде ја завршивме првата од предвидените две траси од фекалната канализација, во должина од 3600 метри. Овој значаен проект, финансиран преку финансиско партнерство на Општина Кисела Вода со општествено одговорните компании од овој дел на општината, претставува историски чекор за оваа населба.

Дебар - Наставник во подрачно училиште во дебарското село Џепиште, физички нападнал ученик во истото училиште, кое функционира во рамки на Општинското основно училиште " Пенестија"- Дебар.

Според Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи- Охрид, случајот е пријавен вчера во 15.30 часот.

Битола - Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни денови) е надминат на мерното место Битола-2.

Од МЖСПП посочуваат дека среднодневните концентрации на PM10 на мернoто место Битола-2 на 21 и 22 јануари има појава на надминување на прагот на алармирање и затоа е потребно да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола, како и вонредни инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи.

Штип - Во Основниот суд во Штип на 10 февруари во 9.30 часот почнува судењето против Фадил Зејнелов, кој на 1 ноември го изврши убиството врз 29 годишната Емилија Прошева. Овој судски предмет се падна кај судијата кривичар во Основен суд во Штип, Сашко Георгиев, кој откако му престана мандатот како член на Судскиот совет се врати на своето работно место во штипскиот Основен суд.

Според истрагата на Основното јавно обвинителство за убиството на штипјанката Прошева обезбедени се докази според кои обвинетиот на 1 ноември 2024 година, при вршење семејно насилство, со умисла ја лишил од живот својата вонбрачна партнерка. Откако се договориле и се сретнале пред нејзиниот дом, заедно отишле во напуштен објект на Јавното претпријатие „Исар“ за да разговараат за проблемите во нивната повеќегодишна врска. Разговорот преминал во расправија, по што обвинетиот физички ја нападнал жртвата и започнал да ја удира со тупаници. Кога таа паднала на подот, тој започнал силно да ја стега во пределот на вратот, додека не дошло до прекин на дишењето и нарушување на дотокот на крв во мозокот, како резултат на што жената починала. Кога се уверил дека не дава знаци на живот, тој го напуштил местото и сам се пријавил во Полициска станица-Штип.

Кавадарци - Кавадарчанка била пронајдена почината со повреди по телото. По наредба на јавен обвинител, телото било дадено на обдукција, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

Како што појаснуваат, синоќа во 23:40 часот во СВР-Велес - ОВР-Кавадарци, кавадарчанката Д.Т. пријавила дека во станот каде што живее во градот, ја пронашла почината со повреди по телото нејзината мајка С.С.С., на возраст од 52 години.

Кавадарци - Се реконструира локалниот пат од село Ресава до место викано Косовец, на површина од 1.400 метри квадратни. Реконструирањето опфаќа одводнување, тампонирање и асфалтирање на овој пат, информираат денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Како што појаснуваат од кабинетот на градоначалникот на општина Кавадарци, станува збор за капитален проект што е инвестиција од Владата.

Остани поврзан