• четврток, 23 јануари 2025
МИА Општински пул

23 јануари 2025

Охрид - На Охридското Езеро во тек е изловот на полово зрели единки на ендемичниот вид пастрмка, што се користат за измолзување односно собирање икра наменета за вештачки мрест.

На активностите денеска на терен присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој посочи дека станува збор за активност насочена кон заштита на тој ендемичен вид риба.

Охрид - Контролата спровредена кај производителот на зелката што неодамна беше вратена од Хрватска поради нејзина наводна неисправност и направените анализи покажала дека во посочената земјоделската култура не било детектирана употреба на забранети препарати за заштита. Тоа го посочи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој во Охрид ги следеше активностите за вештачки мрест на еднемичниот вид охридска пастрмка.

- За пратката вратена од Хрватска веднаш беше интервенирано, беше проверено кој е производителот, кој е извозникот. Преку Инспекторатот за земјоделство направени беа дополнителни контроли, земени се мостри од извезениот градинарскиот продукт. Направените анализи испаднаа негативни односно покажаа дека таков препарат не е употребен во земјоделската култура, рече Трипуновски одговарајќи на прашање на новинарите по однос случајот.

Дебар - Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), како единствен автентичен политички глас на Македонците во Албанија, на 8-ми идниот месец организира состанок во Корча, на кој ги поканува за учество македонскиот државен врв и парламентарните партии.

Како партија од центарот, рече за МИА претседателот на партијата Васил Стерјовски, нашата главна мисија е заштита и промоција на македонскиот идентитет, култура, јазик и традиции.

Струмица - Преку општинскиот сервис за пријавување на комунални проблеми „Систем 48“ лани биле решени 1.119 проблеми од вкупно пријавените 1.191 од страна на граѓаните.

Според информацијата од овој сервис, за останатите 72 е потребно повеќе време од 48 часови и истите биле проследени до надлежните служби.

Најголем број од пријавите доставени до „Систем 48“ биле од областа на уличното осветлување-853, од областа на собирање смет -149, водовод и канализација -99,паркови и зеленило -65 , улици,патишта и тротоари -25.

Скопје - Без вода денеска од 9:20 часот се дел од корисниците од улицата „Венијамин Мачуковски“ во Општина Аеродром. 

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“- Скопје, прекинот е поради водоводен уличен дефект ф-100 милиметри на улицата „Венијамин Мачуковски“ број 19.

Скопје - Поради улични дефекти на водоводни цевки, без вода од  08:45 часот  ќе бидат корисниците од селата Орман и Никиштани, како и дел од корисниците во Студеничани, информира ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санација на дефектите.

Скопје - Без вода денеска од 9 часот ќе биде градинката „Кочо Рацин“ и дел од корисниците лоцирани на улиците „Питу Гули“, „Ацо Караманов“,„Димитар Пандилов“, „Ганчо Хаџипанзов“ и дел од „Караорман“ во Општина Центар.

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект од ф-200 милиметри на улицата „Питу Гули“ број 5. 

Скопје - Без струја денеска од 9:00 до 14:00 часот ќе останат дел од жителите од скопското село Кондово. 

Во периодот од 8:30 до 15:00 часот без снабдување со електрична енергија ќе бидат дел од корисниците од улиците „Стоби“, „Пробиштипска“, „Мице Козар“ и „Социјалистичка зора“ во Општина Ѓорче Петров.

Остани поврзан