• четврток, 23 јануари 2025
МИА Радио флеш

23 јануари 2025

Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заедно со членови на делегацијата со која е во Вашингтон, остварил средба со семејството Руси, по потекло од Дебар, кое повеќе генерации живее во САД. На социјалните медиуми тој објави дека на средбата се разговарало за можностите за зајакнување на врските со дијаспората, како и за проекти што ќе донесат придобивки за граѓаните.  

- Во рамки на посетата на САД, со моите соработници остварив средба со семејството Руси – познато албанско семејство од Дебар, кое повеќе генерации живее и работи во САД. Тие се пример за успешни Албанци од Македонија кои не ја заборавиле својата татковина и сакаат да помогнат за нејзиниот напредок. Разговаравме за можностите за зајакнување на врските помеѓу дијаспората и Македонија, како и за проекти кои ќе донесат придобивки за сите граѓани, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Охрид - Контролата спровредена кај производителот на зелката што неодамна беше вратена од Хрватска поради нејзина наводна неисправност и направените анализи покажала дека во посочената земјоделската култура не било детектирана употреба на забранети препарати за заштита. Тоа го посочи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој во Охрид ги следеше активностите за вештачки мрест на еднемичниот вид охридска пастрмка.

- За пратката вратена од Хрватска веднаш беше интервенирано, беше проверено кој е производителот, кој е извозникот. Преку Инспекторатот за земјоделство направени беа дополнителни контроли, земени се мостри од извезениот градинарскиот продукт. Направените анализи испаднаа негативни односно покажаа дека таков препарат не е употребен во земјоделската култура, рече Трипуновски одговарајќи на прашање на новинарите по однос случајот.

Скопје - Основниот Кривичен суд Скопје го уважи барањето за амнестија на обвинетите за случајот „Организатори на 27 април“ - ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристески, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски и поранешниот директор 
на УБК, обвинетиот Владимир Атанасовски. 

Судот донесе решение со кое барањето за амнестија на обвинетите се уважува и се запира постапката за обвинетите за кривичното дело загрозување на уставниот поредок на државата. 

Судијата Илија Трпков, на почетокот посочи дека настаните во Собранието на 27 април 2017 година не се ниту сечени, ниту монтирани, туку вистински, порачувајќи дека ова е демократска земја и секој има право да порачува што смета, а ние судиите треба да опстанеме и издржиме во процесите. 

Скопје - Камион со бугарски регистарски ознаки и возило со косовска регистрација се меѓу учесниците во верижниот судар што се случи синоќа на скопската обиколница кај Смилковското езеро, во кој беа повредени три лица од кои едно се здобило со потешки повреди.

-На 22.01.2025 околу 20.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот - обиколница на град Скопје, во близина на клучка Смилковци, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.С.(54) од с.Арачиново, Скопско, патничко возило „хјундаи“ со косовски национални ознаки, управувано од Б.Б.(54) од Косово, патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Д.(27) од с.Радишани, Скопско, товарно возило „сканиа“ со приколка со бугарски национални ознаки, управувано од Д.Д.В.(55) од Бугарија и паркиран автобус „санос“ со скопски регистарски ознаки, наведуваат од МВР.

Охрид - На Охридското Езеро во тек е изловот на полово зрели единки на ендемичниот вид пастрмка, што се користат за измолзување односно собирање икра наменета за вештачки мрест.

На активностите денеска на терен присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој посочи дека станува збор за активност насочена кон заштита на тој ендемичен вид риба.

Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска го посети Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, во рамки на нејзините активности за редовни посети на енергетските капацитети и институции под ингеренции на Министерството.

Како што информира денеска Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во текот на посетата министерката Божиновска беше информирана за активностите на МЕМО, вклучувајќи ги напорите за унапредување на организираниот пазар на електрична енергија во државава.

Скопје - Доколку се остварат најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за царини за Кина и Европа, според универзитетскиот професор од Виенскиот институт Бранимир Јовановиќ, тоа ќе значи почеток на трговска војна бидејќи веројатно е дека и Кина и Европската унија ќе одговорат со слични мерки. 

Тоа, како што вели Јовановиќ, ќе значи повисоки цени на увозните производи, помал увоз и извоз, повисока инфлација и пониска економска активност. - Во колкава мера, ќе зависи од тоа до каде ќе одат работите, ама во некое благо сценарио, моделите покажуваат дека глобалниот раст би забавил за околу 0,3 процентни поени, а во полош случај, за цел поен. Со оглед на тоа што светскиот БДП е околу 110 трилиони долари, тоа значи дека цената на трговската војна би била помеѓу 350 и 1100 милијарди долари годишно, вели Јовановиќ во изјава за МИА. 

Скопје - Снежните врнежи што ја зафатија земјава минатата недела се добредојдени за земјоделството, велат агрометеоролозите. Ќе ја зголемат влагата на почвата не само на површинскиот, туку и во подлабокиот слој. Снегот кој е воедно и топлински изолатор, посебно е значаен за есенските посеви.

-Промената на времето од минатата недела со врнежи од снег и формирање снежна покривка, се оценува како позитивна, особено за есенските посеви на кои им се потребни вакви временски услови. Оваа состојба поволно ќе влијае врз сите земјоделски култури и ќе придонесе за зголемување на влажноста, како на површинскиот, така и на подлабокиот слој на почвата, велат агрометеоролозите на УХМР.

Скопје - Продолжува да расте бројот на заболени лица од грип и слични заболувања. Од 13 до 19 јануари евидентирани се 1.412 случаи на групни пријави за заболени од грип - заболувања слични на грипот. Тоа претставува 34,1 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со трета недела од минатата сезона е намален за 15,7 проценти, а во споредба со бројот за трета недела од типичната епидемиска крива, моделирана од последните 14 сезони, зголемен е за 10,4 отсто, соопштија утрово од Институтот за јавно здравје.

Од новозаболените, 848 лица се на возраст од 15 до 64 години. Во 251 случај станува збор за деца на возраст од пет до 14 години. Додека, 200 се деца на возраст до четири години. Останатите 113 се лица на возраст над 65 години. Заболените се пријавени од 26 ЦЈЗ/ПЕ, Скопје - 422, Кавадарци - 150, Куманово - 140, а во останатите, бројот на заболени е помал или еднаков на сто.

Скопје - Македонија во 2025 година ќе биде број еден со економски раст во регионот. Тоа се должи на добрите економски политики што ги води Владата, а тие се во корелација со политиките што ги преземаме за сузбивање на корупцијата и криминалот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. 

Како што информира Министерството за транспорт, Николоски додаде дека македонската дијаспора има големо влијание врз домашната економија. Истакна дека сите заинтересирани се добредојдени да инвестираат со цел да и помогнат на државата.  

Скопје - Најстудено утрово е во Берово каде се измерени -6 степени целзиусови, а најтопло во Охрид и Велес со 2 степена.

Според УХМР,  -4 степени целзиусови се измерени на Попова Шапка, -3 Битола, Прилеп, Струмица, -2 Лазарополе, Виница, Тетово, -1 Крива Паланка, 0 Кавадарци, Крушево, Куманово, Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Гевгелија, а 1 степен целзиусов во Демир Капија, Штип, Маврови Анови, Претор, Дебар.

Анкара - Турската авиокомпанија Туркиш Ерлајнс (Turkish Airlines) денеска ги обнови летовите за Сирија, воспоставувајќи линија Истанбул-Дамаск, ппрва од 2012 година кога линијата беше укината поради граѓанската војна во земјата.

Речиси 350 патници, со голема радост, утрово се качија на летот за Дамаск од Истанбул, пренесува Анадолија.

Белград - Студентите во Србија кои се во блокада ја пуштија веб страницата „Барањата не се исполнети“ (zahtevinisuispunjeni.rs), на која има часовник што отчукува наназад до понеделник, 27 јануари до 7 часот.  Под тајмерот, кој моментално одбројува нешто повеќе од 93 часа до 27 јануари, е напишана пораката „Се гледаме“.  

Студентите на Инстаграм објавија и видео на кое се гледа играта „Човеку, не се лути“, по што беше напишано – „Налути се човеку, 27 јануари“.

Атина – Околу 200 пријави дневно или вкупно 74.944 во текот на 20024 година биле доставени до Независната управа за јавни приходи на Грција од граѓани, кои пријавиле даночни нерегуларности, даночно затајување, шверц, фалсификувани сметки, царински прекршоци сомнителни трансакции, но и корупција на службеници, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Од пријавите, според грчката државна телевизија ЕРТ, над 31.000 биле поднесени преку специјалната платформа на Управата, од кои мнозинството се однесуваат на даночни прекршувања, додека останатите над 43.000 биле поднесени преку специјалната апликација Аподикси (Сметка) за сомнителни фискални сметки.

Киев - Украинските агенции за спроведување на законот денеска спроведоа околу 1.000 рации ширум земјата за да спречат нелегалната продажба на оружје и муниција, соопшти полицијата.

- Главната цел е да се затворат каналите за продажба и складирање, како и да се заплени трофејно оружје земено од руски војници, како и муниција и експлозиви од недозволена трговија, се наведува во соопштението.

Киев - Едно лице загина, а 25 се повредени синоќа во руски напад со беспилотни летала и ракети врз југоисточниот град Запорожје, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на соопштение на регионалните власти.

Како резултат на ноќниот напад, над 20.000 жители останаа без струја, а уште 17.000 без греење, изјави гувернерот на регионот Запорожје, Иван Федоров, кој рече дека во нападот бил уништен енергетски објект.

Давос - Генералниот секретар на НАТО Марк Руте ги повика светските лидери да ја „засилат, а не да ја намалуваат“ поддршката за Украина, со цел земјата да влезе во евентуални мировни преговори со Русија во најдобра можна позиција, пренесува Гардијан.

Руте истакна дека е клучно да се „промени текот на војната“, предупредувајќи дека фронтот се движи во погрешна насока.

Хаг - Меѓународниот кривичен суд (МКС) побара одговори од Италија поради ослободувањето на Либиец осомничен за злосторства против човештвото и воени злосторства, меѓу кои убиство, мачење, силување и сексуално насилство.

Италија го уапси Осама Елмасри Енџем во неделата во Торино, откако доби дојава од МКС, кој претходно издаде меѓународна потерница за него.

Манила - Земјотрес со јачина од 5,8 степени според Рихтеровата скала го погоди централниот дел на Филипините, при што се оштетени згради и пат во близина на епицентарот, соопштија властите.

Првично беше објавено дека земјотресот бил со јачина од 5,9 степени во морето, бил на длабочина од 14 километри и се случил во близина на градот Сан Франциско во провинцијата Лејте, соопшти Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија. Регистрирани се најмалку 45 последователни потреси.

Вашингтон - Советот за национална безбедност на САД суспендираше и испрати дома десетици вработени одговорни за Украина, Иран и Северна Кореја, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори.

Според весникот, на 22 јануари, шефот на кабинетот на американскиот советник за национална безбедност, Брајан Мекормак, одржал „краток разговор“ во кој им рекол на службениците од редот на помошниците или делегираните службеници веднаш да ја напуштат зградата, да си одат дома и да останат „во контакт“.

Доха - Новинската мрежа Ал Џезира денеска соопшти дека палестинските власти го уапсиле нивниот известувач Мохамед ал-Атраш, откако го спречиле да известува за израелска операција во окупираниот Западен Брег.

Во соопштението се наведува дека палестинските безбедносни сили претходно го спречиле новинарот да известува за големата израелска воена операција во Џенин, епицентарот на израелско-палестинското насилство во последните години.

Брисел - Европската комисија планира промоција на „туристички потценетите“ дестинации во ЕУ како една од мерките за раст и развој на туризмот, но и за пренасочување на посетителите од локациите кои се соочуваат со преоптовареност од туристи. 

Ваквите планови, како што најави еврокомесарот за транспорт и туризам Апостолос Ѕиѕикостас, ќе бидат дел од новата Стратегија за одржлив туризам на ЕУ, која ќе има за цел да му овозможи на туристичкиот сектор да продолжи да расте. 

Давос - Русија би можела да ги продолжи своите воени дејствија во Украина уште најмалку една година, изјави белгискиот премиер Александер де Кро за време на состанокот на Светскиот економски форум во швајцарското одморалиште Давос.

Де Кро прецизираше дека е од витално значење 16-тиот пакет санкции против Москва да вклучува ограничувања поврзани со гасот, енергијата и ѓубривата.

Дамаск - Министерот за надворешни работи на новата администрација во Сирија, Асад ал-Шејбани, изјави дека укинувањето на децениските економски санкции е „клуч за стабилноста“ во неговата земја, пренесува Анадолија.

- Националниот фокус сега е трансформирање на предизвиците во можности, а Дамаск ги поздравува враќањето на бегалците за да помогнат во обновата на Сирија, изјави ал-Шејбани за време на сесија модерирана од поранешниот британски премиер Тони Блер на Светскиот економски форум во Давос.

Aнкара - Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан телефонски разговарал со новиот американски државен секретар Марко Рубио, јави телевизијата Си-Ен-Ен-Турк.

Според информации добиени од извори во турското МНР, барањето за разговорот што се реализирал доцна синоќа дошло од американска страна. Хакан Фидан му посакал успех на колегата на новата функција.

Остани поврзан